1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогон на Рохинга во Мјанмар

Шамил Шамс
8 септември 2017

Зашто Рохинга во Мјанмар е меѓу најпрогонуваните заедници во светот? Што е темелот на судирот меѓу будистичкото мнозинство и малцинските муслимани и каде е решението за него?

https://p.dw.com/p/2jZqB
Bangladesch Massenflucht der Rohingyas
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Armangue

Кои се Рохингите?

Рохинга е етничко муслиманско малцинство во Мјанмар. Припадниците воглавно живеат во државата Ракине на западот. Властите не ги признаваат за државјани, а будистичкото мнозинство со децении е обвинувано дека ги дискриминира и врши насилство над нив.
ОН и САД ги сметаат за едно од најпрогонуваните малцинства, бидејќи илјадници Рохинга од Мјанмар и Бангладеш секоја година ја напуштаат својата земја во очајнички обид да стигнат до држави со муслиманско мнозинство- Индонезија и Малезија.

Зашто Рохинга немаат сопствена држава?

Во Мјанмар и Ракине живее 10 проценти од светското население кое нема државјанство. ОН во 2014 година ги поздравија политичките и економските реформи во Мјанмар, истовремено изразувајќи „сериозна загриженост“ за положбата на Рохингите. Се бараше „еднаков пристап до полноправно државјанство за малцинството на Рохинга“ за да се обезбеди рамноправност во пристапот до сите услуги. Но, властите во Мјанмар досега одбиваа да им дадат државјанство на Рохингите. Околу 1,1 милион припадници на заедницата се сметаат за илегални доселеници од соседен Бангладеш. Властите велат дека ќе им дадат државјанство на припадниците на заедницата доколку тие се изјаснат како Бенгалци, на што Рохингите жестоко се спротивставуваат.

Кога започна насилството?

Во 2012 година, судирот на Рахинга и будистичките националисти резултираше со бројни убиства, и бегство на десетици илјади луѓе во Бангладеш, Малезија, Тајланд и Индонезија. Околу 200 илјади луѓе- воглавно Рохинги- оттогаш живеат во бегалски кампови во Ракине. Есента минатата година, милитантни припадници на Рохинга нападнаа неколку контролни пунктови на мјанмарската полиција, убивајќи голем број полицајци. Безбедносните сили одговорија со антитерористичка операција против бунтовниците. Организациите за човекови права тврдат дека во операциите имало бројни произволни убиства, систематско силување, палење на домови и прогон на населението. Само во последните две недели, според проценките на УНХЦР, околу 270 илјади Рохинги побегнале од Мјанмар и побарале прибежиште во Бангладеш.

Bangladesch Massenflucht der Rohingyas
Реката е единствениот премин за Рохингите во БангладешФотографија: picture-alliance/dpa/B. Armangue

Радикализација на Рохингите?

Во судирите последниве години сѐ позастапена е и верската димензија, поради сѐ поголемата радикализација на муслиманското малцинство. Групата која нападна полициска патрола есента минатата година, наводно била поврзана и со исламисти. Меѓународната кризна група дошла до сознанија дека милитантната група на Рохингите, Хараках ал-Јакин има врски со Саудиска Арабија и Пакистан. Исламистичките групи како талибанците, Ал Каеда и „Исламската држава“ на индискиот подконтинент често го осудуваа насилството на Рохингите во Мјанмар и повикуваа на џихад против властите и мнозинските будисти.

Зошто молчи нобеловката Аунг Сан Су Чи?

Од добитничната на Нобеловата награда и актуелна лидерка на Мјанмар, сѐ погласно се бара да го осуди насилството над Рохингите. Организациите за човекови права велат дека нејзиниот молк е неоправдан и погрешен. Дури и Далај Лама од иконата на демократијата во Мјанмар бараше да заземе став за прашањето на бегалците уште во 2015 година. Сепак, Су Чи е пред дилема. Во последниот говор, таа воопшто не ги спомена бегалците, но напротив, ја „осуди големата лавина од дезинформации“ за состојбата во земјата. Аналитичарите проценуваат дека Су Чи не сака да ја изгуби поддршката од мнозинството будисти во земјата доколку ги поддржи Рохингите.

Myanmar Rohingya-Konflikt Aung San Suu Kyi
Нобеловката и лидер на Мјанмар Аунг Сан Су ЧиФотографија: picture-alliance/dpa/AP

Економски и политички проблем

Генерално се смета дека проблемот во Мјанмар е од верска природа. Но, некои аналитичари тврдат дека кризата е далеку повеќе поврзана со политички и економски проблеми.
„Меѓуверските односи во Мјанмар се многу сложени. Муслиманите, особено Рохингите, се соочени со длабоко вкоренета исламофобија во мнозински будистичкото општество. Фундаменталистите тврдат дека будистичката култура во земјата е под напад, особено затоа што Мјанмар е опкружен со муслимански држави како Бангладеш, Малезија и Индонезија“, вели за ДВ, Зигфрид О. Волф, директор на одделот за истражување на Јужноазискиот демократски форум во Брисел.
Но, Волф укажува дека постои и економски аспект. „Ракине е еден од најсиромашните делови на земјата, и покрај изобилството од природни ресурси. Поради тоа, Рохингите се сметаат за економски товар за државата, додека се борат за малкуте работни места на располагање и шансата да започнат некој бизнис“.
„Според тоа“, заклучува Волф, „може да се каже дека нетрпеливоста на будистите кон Рохингите не е само од верска, туку и од економска и политичка природа“.