1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продавачката Марина Паул од Вајтерштат

18 април 2010

Пред шест години Марина Паул се преселила од рускиот Саратов во Германија. Атрактивната 29-годишна жена сега живее во близина на Дармштат и продава чевли во еден трговски центар.

https://p.dw.com/p/MDr3

Марина Паул сака кога е мирно и спокојно. Затоа продавачката на чевли од хесенскиот град Вајтерштат наутро станува малку порано. Потребно и‘ е повеќе време за да го започне денот опуштено.

29-годишната Марина најмногу се опушта со музика и чај. Во двата случаи има јасни фаворити - латино музика и црн чај “Ерл Греј“: „Јас не сакам кафе. Но, чај мора да имам во секој случај. Тоа е мојот ритуал. Не излегувам од дома додека не го испијам чајот.“

Марина Паул пред шестипол години се преселила во Германија од Русија. Прво била во северна Германија каде живеел брат и‘, се сеќава таа: „Од Русија прво стигнав во Бремен, во северна Германија. По пет години се преселив во Баварија поради работа. Потоа го запознав мојот пријател и дојдов кај него во Хесен.“

Германски во Русија

Германката со руско потекло потекнува од рускиот град Саратов, кој се наоѓа во близината на Волгоград. Во 18 век таму се населиле многу Германци. „Татко ми е Германец, односно Германец роден во Русија, а мајка ми е Русинка“, објаснува атрактивната жена со црвеноруса коса.

Gesichter Deutschlands MaPaP3
Марина тукушто се преселила да живее заедно со момчетоФотографија: DW

Во родниот град, на брегот на реката Волга, Марина Паул растела заедно со нејзиниот брат. Во Саратов ги завршила и петгодишните студии за туризам. Сега се надева дека родителите ќе дојдат во Германија кај неа и брат и‘.

Работното место на Марина Паул се наоѓа во „Лооп5“. Овој помпезен трговски центар е отворен на почетокот од октомври 2009 година, веднаш до Дармштат. Еден од 175-те локали таму е продавницата за чевли во која работи Марина Паул како продавачка.

Блескавиот свет на трговскиот центар

Полиците се полни со кафеави, сини и црни чизми. Луксузните обувки ја намамуваат женската клиентела во продавницата. Тивката музика што се слуша во позадина и играта на шарени светла во водопадот изработен од кристал, создаваат пријатна атмосфера, која придонесува за зголемување на продажбата.

Gesichter Deutschlands MaPaP2
Работното место на Марина Паул се наоѓа во „Лооп5“Фотографија: DW

Високата русокоса стои до касата и љубезно им се насмевнува на луѓето кои влегуваат во продавницата. Пакува еден пар чевли во картонската кутија и разговара со купувачите. Потоа младата продавачка повторно ја средува продавницата. Марина Паул ја сака својата професија, пред се‘ и се допаѓа контактот со купувачите. „Уште одамна сакав да продавам“, објаснува таа.

Кога ќе и‘ заврши смената во 16 часот, Марина Паул прво си оди дома со автомобил. До местото Вајтерштат со 25.000 жители патува половина час. Марина е среќна што не мора да се вози со автобус, оти трае многу подолго.

Живот меѓу кутии за селење

Марина Паул тукушто се преселила да живее заедно со момчето. Насекаде низ пространиот стан се наредени кутиите за селење. „Секој ден морам да ги распакувам кутиите и малку да го расчистам станот. Најпосле сакам да ги ставам кутиите на таван и да имам место.“

Gesichter Deutschlands Fragebogen MaPaF2
Прекрасно е да имате два менталитета, вели МаринаФотографија: DW

Кога не ги празни кутиите, Германката со руско потекло талентирана за јазици, ужива во читањето и учењето други јазици. Залудно барам телевизор во нејзиниот стан, таа никогаш не сакала да има. „Ја сакам историјата, односно она што е дел од животот. Не ја сакам фантазијата.“

Историјата на Марина Паул раскажува дека нејзините претци се доселиле во Русија од Хесен. „Можеби затоа повторно сум во Хесен“, се смешка 29-годишната замислено.

На прашањето дали повеќе се чувствува како Германка или Русинка, таа одговара: „Се чувствувам како двете. Прекрасно е да имате два менталитета. Сметам дека тоа е подарок, и среќна сум што е така.“

Автор: Женевјев Баер / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска