1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропадна ли кинеската „нула Ковид“ стратегија?

Александар Герлах
16 јули 2022

Шангај уште ни оддалеку не е ослободен од локдаунот, а наредниот корона-бран веќе се заканува повторно да ја парализира Кина и да го торпедира малото опоравување на економијата, оценува Александер Герлах.

https://p.dw.com/p/4DkDc
Weltspiegel 15.02.2021 | Corona | Simbabwe Harare | Lieferung Impfstoff aus China
Фотографија: Jekesai Njikizana/AFP/Getty Images

Во источната кинеска провинција Анхуи, во Сишијан, во текот на изминатиот викенд беа регистрирани илјада корона-случаи. Сишијан е оддалечен од Шангај околу пет часа возење со автомобил. Оној кој сака да оди во Анхуи притоа минува низ провинцијата Џијангсу. И таму бројот на новоинфицирани се зголемува - полека, но значително. Властите се во состојба на тревога. Во саботата (2.07) властите воведоа локдаун во Сишијан, каде живеат околу 760.000 луѓе. Во Јиву, пак, кој се наоѓа јужно од Шангај и е најголем извозник на божиќни дрва во Кина, како мерка на претпазливост се укинати летовите кон Пекинг откако беа објавени информации за нови случаи на Ковид-19.

Имињата Анхуи, Џијангсу и Јиву не им значат многу на Европејците. Но, овие градови се егзистенцијално важни за светската трговија. Над 35% од соларните панели во светот се произведуваат во Џијангсу. Се произведуваат и важни компоненти за чипови и соларни ќелии. Овој регион е нешто како срцева комора на кинеската економија, која од корона-проблемите се опоравува многу полека. Проблеми предизвикани пред сѐ од „нула Ковид“ стратегијата на Ши Џинпинг.

Autorenbild | Alexander Görlach
Александер ГерлахФотографија: Hong Kiu Cheng

Спорна Ковид-политика

Кинескиот лидер и неодамна повтори дека сака да се држи до својата политика, која не е неспорна дури и во Комунистичката партија. Таа политика предвидува затворање на цели улици и населби, зависно од тоа колкав е бројот на корона-случаи. Жителите мора секојдневно да се тестираат, а инфицираните се одвојуваат од нивните семејства.

Ши Џинпинг се држи до овие мерки затоа што во моментов во Кина нема ефикасна вакцина против корона. Комунистичкото раководство одбива да купи ефикасни вакцини од странство, со оглед на тоа што самото покрена гласини дека Американците ја донесле пандемијата во Кина. Да мора да се купат американски вакцини сега за Ши би значело голема „загуба на лице“.

Официјално, вакцината Бионтек/Фајзер сѐ уште е во процес на тестирање. Списанието „Природа“ на крајот на јуни објави текст, според кој во Кина пред пробив е нова иРНК вакцина. Тоа на земјата, која е изнемоштена од „нула Ковид“ стратегијата, би ѝ дало мала можност да здивне доколку се исполни она што сега изгледа ветувачки. За тоа било време и поради друга причина: Според магазинот „Шпигел“, поради секојдневното тестирање на стотици илјади луѓе, само во Шангај во јуни биле создадени 68.500 тони медицински отпад.

Ши и одговорноста

Ништо од ова не е добра вест за владетелот Ши. Невработеноста кај младите е на највисоко ниво на сите времиња - 18,4%, а Светската банка ја намали кинеската прогноза за пораст на 4,4 отсто поради пандемијата. Наесен треба да се одржи дваесеттиот партиски конгрес, на кој Ши би сакал да биде прогласен за неограничен владетел. По уништувањето што го направи Мао во Кина, на претседателите им е дозволено да останат на функцијата само два мандата, максимум десет години. Ши сака да го промени тоа за да ја води Кина на тоталитарен начин, можеби до својата смрт. Тој притоа ќе се повика пред сѐ на потребата да се продолжи борбата против пандемијата. Никој не очекува револуција во палатата, дури ни со оглед на зголеменото незадоволство во земјата, која критичарите на интернет ја нарекуваат „Западна Кореја“ поради политичкиот стил на Ши и манијата на „уравниловка“.

Но, може да се случи на другите функции, како онаа на премиерот, да биде назначено лице кое не мора да е блиско со Ши. Тоа би имало за цел да им сигнализира на населението и на светот дека не сите во Кина танцуваат како што свири Ши. До есен има уште многу време. Доколку поради Кина бидат погодени глобалните синџири на снабдување, тоа би можело да има влијание врз целиот свет.

Затоа политичката номенклатура во земјата од каде тргна пандемијата сега мора да се соочи со својата одговорност која има кон просперитетот на своето население и трговските партнери ширум светоти да увезува вакцини од слободниот свет.