1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државната економија се враќа во земјите на екс Југославија

З. Јордановски/дпа11 мај 2016

Повеќенационалната Југославија се распадна пред 25 години. Најголем дел од државите-наследнички и натаму се соочени со социјална и економска мизерија. Последица од тоа е гигантски бран на иселувања.

https://p.dw.com/p/1IlAL
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Endlicher

Една од причините за распадот на Југославија беше убеденоста на раскараните народи дека самите подобро ќе можат да ја менаџираат својата иднина. Но таа надеж не се исполни ни по 25 години. Вината за парализирачкиот развој и за осиромашувањето на големи делови од населението сите научници-економисти ја припишуваат на неспроведувањето структурни реформи за премин од комунистичка кон капиталистичка економија. „Приватизирање на добивките и социјализирање на загубите“ и натаму е принцип во седумте државо-наследнички, рече истакнатиот српски професор по економија Миодраг Зец минатата недела за белградскиот магазин „Нин“. Иако погрешната политика во последните децении доведе до „огромни долгови и сеприсутна сиромаштија, државата повторно на голема врата се враќа во економијата“.

Вечни владетели

Објаснувањето за продолжувањето со погрешната економска политика можеби лежи и во тоа дека многумина политичари во тие балкански земји веќе две децении и подолго непрекинато заземаат клучни позиции: водачот на босанските Срби Миодраг Додик, босанскиот шеф на државата Бакир Изетбеговиќ, премиерите на Србија и на Црна Гора Александар Вучиќ и Мило Ѓукановиќ „мешаат прсти“ уште од почетокот на 90-тите години на минатиот век. Македонскиот премиер Никола Груевски е политички ангажиран од крајот на 90-те години.

Комисијата на ЕУ минатата недела во пролетната прогноза за стопанскиот пораст на балканските земји во тековнава година наведе стапки помеѓу 1,7 проценти за ЕУ-членката Словенија и значително над три проценти за земјите-кандидатки за членство Македонија и Црна Гора. Но тој пораст не кажува ништо за „супстанцијалното влошување на јавните финансии“, на кое се жалат во најголем дел од тие земји.

На ова се надоврзува и сѐ уште преголемиот удел на руинираните државни претпријатија, кои не ги затвораат од социјални причини. Економското заздравување го попречува и пренапумпаната јавна администрација, во која – исто како и во државните фирми - партиите по правило ги сместуваат своите функционери за да ги наградат за нивната лојалност.

Symbolbild zu Deutschland Geschäftsklimaindex
Земјите на Југоисточна Европа во моментов се жалат на егзодус.Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Огромна невработеност

Невработеноста во Србија, Црна Гора и Хрватска, според официјалните статистики, е приближно двојно повисока од просекот во ЕУ. Во Македонија таа изнесува дури и над 25, а во Босна повеќе од 27 проценти. Владимир Глигоров од виенскиот Институт за меѓународни економски компарации ги анализираше на примерот на Србија податоците за старосната група помеѓу 15 и 64 години и дојде до заклучок дека „речиси секој втор не работи, а скоро една третина официјално воопшто ни не бара работа“.

Поради тоа што стопанскиот живот насекаде клинка, и приходите на населението остануваат скромни. На почетокот на годинава тие во нето-износ се движеа од околу 360 евра во Србија и Македонија, преку значително над 400 евра во Босна и Црна Гора, па се` до 747 односно 1004 евра во Хрватска и Словенија, кои се земји-членки на ЕУ. Со тоа луѓето ни од далеку не можат да излезат на крај. Практично сите земји зависат од милијардите што ги упатуваат нивните гастарбајтери првенствено од Западна Европа и Скандинавија.

Во чест на маршалот Тито

Егзодус кон Западна Европа

Непосредна последица од ова е еден гигантски бран на иселувања. Во сите анкети 80, па и повеќе проценти од студентите наведуваат дека по дипломирањето сакаат да ѝ го завртат грбот на својата татковина. Земјите на Југоисточна Европа во моментов се жалат на егзодус на лекари и персонал за медицинска нега во насока кон Велика Британија, Скандинавија и првенствено кон Австрија и Германија. Тоа до темел ги разнишува и онака руинираните здравствени системи во матичните земји.

Какви драматични последици може да има тешката економска ситуација на југоистокот на Европа врз резигнираното население покажуваат овие два примера: во февруари минатата година, уште пред актуелниов наплив од бегалци од воените региони, десетици илјади очајни Албанци се упатија кон Германија. Во малата Црна Гора, пак, повеќе од еден процент од вкупното население тргна кон северниот и источниот дел на Германија. Информациите за земја и куќи за доселеници во тие послабо населени региони беа погрешно сфатени како повик да се отпатува.