1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропусти во безбедносниот концепт за „Парадата на љубовта“

26 јули 2010

По масовната паника што изби на „Парадата на љубовта“ во Дуизбург и во која животот го загубија 19 лица, се‘ повеќе се множат укажувања дека организаторите лекомислено се однесувале со проблемот со безбедноста.

https://p.dw.com/p/OUV2
Во чест на загинатите при масовната паникаФотографија: AP

Според повеќе медиумски извештаи, полицијата и противпожарните служби неколку месеци претходно веќе изразиле скепса околу безбедносниот концепт на „Парадата на љубовта“.

Портпарол на градот Дуизбург денеска потврди дека просторот на одржување на манифестацијата имал дозвола за 250.000 луѓе, а како што се претпоставува, во саботата (24.07.2010) на „Парадата на љубовта“ имало околу 1,4 милиони посетители. Весникот „Келнер Штат Анцајгер“ пишува дека директорот на противпожарната служба во Дуизбург, уште во октомври минатата година го предупредил градоначалникот Адолф Зауерланд парадата да не се одржува на просторот на старата железничка станица за пренос на стоки. Тој во обраќањето до градоначалникот напишал дека просторот не е доволен за очекуваната маса посетители. Освен тоа, од полицијата стигнале критики дека тунелот е единствен влез и излез од просторот на одржување на парадата.

Според „Шпигел Онлајн“, вработен во градската служба за градежништво ги ослободил организаторите од обврската да се држат до пропишаната широчина што треба да ја имаат излезите за бегство, а немало ниту противпожарни планови.

Katastrophe auf Loveparade 2010
Фотографија: AP

Претседателот на полицискиот синдикат, Рајнер Вент, смета дека е можно организаторите и градот Дуизбург да штеделе на сметка на безбедноста. „Во прилог на тоа говори податокот дека на пример, немало видео-камери на местото на настанот, кои би овозможиле брза реакција“, вели Вент, и додава: „’Парадата на љубовта’ не смееше да се одржи во Дуизбург. Исправна беше одлуката да не се држи во Бохум, а требаше да биде откажана и во Дуизбург“, оценува Вент и нагласува дека тој уште пред една година предупредил дека градот е претесен за таква голема манифестација.

Марек Либерберг, еден од најголемите организатори на концерти во Германија на организаторите на парадата им префрлува дека биле гладни за профит. „Тоа не е трагична несреќа, туку злосторство“, изјави Либерберк за „Зидојче цајтунг“.

Тунелот единствен излез и влез

Во тунелот кадешто дојде до масовната паника, се палат свеќи и се полага цвеќе за загинатите, кои се на возраст од 18 до 38 години.

Katastrophe auf Loveparade 2010
Фотографија: AP

„Парадата на љубовта“ до 2007 година се одржуваше во Берлин, а потоа се пресели во Рурската област. Градовите Есен и Дортмунд беа нејзини домаќини, а кога дојде на ред градот Бохум, кој има 375.000 жители, манифестацијата беше откажана поради премалку простор и немање доволно добар концепт за безбедност. Дуизбург со своите 492.000 жители е само малку поголем од Бохум, а за место на одржување на манифестацијата одбра локација каде главниот влез е тунел.

Човекот кој важи за татко на Парадата на љубовта, Матијас Реинг, алијас Др. Моте, за телевизија Дојче веле изјави:

„Кога доаѓаат милион луѓе, потребно е многу повеќе место. Не може луѓето да се насочуваат кон местото на одржување на манифестацијата само преку еден пат. Парадата на љубовта и онака треба да се одржува во град, каде луѓето ќе се движат од точка А до точка Б. Тоа овде го немаше. Тоа е заграден простор на кој може да се влезе само преку тунелот со контроли на влезот. Тоа едноставно попречува се‘. Целиот тунел беше затнат и доаѓа до притисок од страна на луѓето кои не знаат каде да одат и оттука потоа доаѓа и паниката.“

Автор: ЕМФ/ СН/ дпа/ апн/ дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи