1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размисли за есента

27 јуни 2019

Треба да се напушти праксата на кревање лажни еуфории и драми пред граѓаните и да се прифати потрезвен, реален и резервиран пристап кон процесите и нивната изведба. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3LBi7
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Од сите анкети на мерење персонални, партиски или институцинални рејтинзи, годинава би издвоил два сегмента кои на прилично прецизен начин ја отсликуваат денешницата и даваат увид за можниот правец во кој ќе се движат состојбите во есенскиот период.

Првиот пример се однесува на податокот дека 83 проценти од домашното население изразува желба/подготвеност за иселување. Податок за чија веродостојност споделував добра доза сомнеж (поради кредибилноста на изворот), но кој набргу беше надополнет со друг податок (од веродостојна анкета), според кој 79 проценти од анкетираните млади не веруваат дека ги очекува подобра иднина во сопствената земја. 

Иако високиот процент на волни за иселување е несомнено шокантен за јавноста, ценам дека многу пољубопитен за анализирање е процентот на оние кои искажуваат спротивен став, т.е. преферираат да останат дома. Интересното во тој податок (17 според едната, 16 проценти според другата анкета) е што тој процент многу блиску се поклопува со бројот на вработените во администацијата (околу 140.000), и реалниот број на население од некаде 1.600.000 граѓани. Повторно, треба да се нагласи дека не станува збор за научно солидно поткрепени податоци за влечење на финални заклучоци. Ниту пак дека вработеноста во администрацијата автоматски подразбира незаинтересираност за иселување, и обратно – дека сите невработени безусловно се на листата за бегање од земјата. Но кога ќе одземете-додадете, со сите (не)научни огради, податокот за 16-17% е досега најприближниот перцептивен статистички идникатор за процентуалниот распон на клиентелизмот во општеството и (посредно) поврзаноста со гласачкиот процес доминиран од големата тројка.

Вториот пример е всушност сегмент од анкетата на една домашна телевизија за потребите на последната претседателска кампања. На поставеното прашање дали ЕУ и НАТО интеграциите треба да бидат приоритет на следниот претседател на земјата, анкетираните (поделени според социјалниот бекграунд) понудија интересен увид во односот помеѓу социјалата и политиката. Според анкетата, 55% од граѓаните со примања до 20.000 мкд се согласуват со таквиот приоритет, 64% од оние со примања помеѓу 20 и 40.000 мкд, 64,7%  со примања од 40-60.000 мкд и, на крај, најсилната подршка од 70,6% отсто е кај групацијата со примања повисоки од 60.000 мкд. Настрана драматичниот расчекор во приоретизирањето на ЕУ и НАТО помеѓу оние со најниски и нависоки примања. Клучниот индикатор во таа анкета е податокот дека преломната точка на давање приоритет се одвива околу магичната сума од 30.000 мкд, или пак фамозните 500 евра плата.   

Наведените податоци се битни за анализирање со цел добивање приближен увид во моменталната социјална состојба на духот на општеството. Дотолку повеќе што по две години приоретизирање на надворешната политика, владата на Заев е веќе принудена во следниот период да се ориентира кон внатрешната политика, посебно во сферата на економијата. Но доколку на надворешнополитички план самата влада стана заложник на сопствената мантра „или датум за ЕУ, или пропаст”, сѐ посилен е впечатокот дека истата ситуација ќе добие продолжение на внатрешн-економскиот план со мантрата „500 евра плата или банкрот”. Деликатноста на ветувањето на владата на Заев лежи како во сосема неповолниот песимистички момент на општеството, така и во непријатната поврзаност на (не)успехот на испорачување на покачување на платите со трендот на поддршка на интеграциите или подемот на евроскептицизмот кај граѓаните.

Закоравена ментална матрица

Скепсата на општеството не е убедлив аргумент за негирање на оптимизмот на Заев во неговата намера да испорача повисоки плати. Тоа е сепак изводливо. Поводот за скептицизам лежи во начинот на кој ќе се стреми да го исполни ова судбинско ветување кон граѓаните. Дотолку повеќе што намерата таквото покачување на платите и пензиите да се спроведе преку замрзување на придонесите треба допрва да помине низ внимателно промислување за можните критични реперкусии по економските текови во земјата.

И не само економските. Како што напати можевме да посведочиме низ нашите и туѓи искуства за ендемската поврзаност помеѓу економско-финансиските потреси и паралелните општествени искричења. Политичката денешница кај нас и онака фрапантно наликува на состојбите од 1994 година, тензичните односи помеѓу власта и опозицијата, помеѓу етничките заедници, напорите за мултилатерална факторизација на земјата, економската криза и напорите за саботирање на албанскиот владин партнер (тогаш ПДП, денес ДУИ). Вклучително обидите за негова супституција со практично попослушен и галамџиски понепокорен партнер.

Други колумни од авторот:

Хобс, Катарза и Канаста

Danke Deutschland! Aber …

Сличноста не е случајна, подеднакво како што и можните последици се дијаметрално спротивни од оние искусени во минатото. Сличноста е индикатор на закоравената ментална матрица на системот кој не може да се надмине себеси, сопствените политички стерилности, интелектуални мрзливости и стекнати навики и начини на решавање на проблемите. За разлика од закоравениот систем, општеството и граѓаните имаат еволуирано во препознавањето на таквите системски стапици. Таа дискрепанца помеѓу матрицата на администрацијата, во овој случај онаа на СДСМ, и созреаноста на општеството може сосема лесно да резултира во финално и фатално идентификување и отфрлање на партијата на Заев како непоправлив двигател на тензии, антагонизми и манипулации во и со општеството. Би било полезно за идеолозите на Бихаќка и Мала Релица да имаат на ум во претстојниот есенски период дека секој нивен непромислен популистички истап може да резултира со катастрофални последици по нивните судбини и за процесите кои следат догодина.

Иако есента ќе биде посветена на закрепнување на економски истоштеното општество, земјата повторно ќе биде принудена на соочување со уште една рунда тензии за одлуките на ЕУ и НАТО околу нашите замрзнати интеграции. Досегашното рецитативно декларирање безусловна љубов кон ЕУ веќе не вреди многу, ни дома ни надвор. Главно поради приоритетите на ЕУ, но делумно и по наша сопствена кусогледост вткаена во стратегијата на лобирање за датум за преговори. Демонстрираниот приод на Македонија во барање датум и поддршка од Берлин и Париз, паралелно проследена со изразена блискот со источниот клуб земји од ЕУ, на крај заврши како што заврши пред наши очи - со јасно видлива поделба помеѓу негативните или скептични земји западно од Виена и ентузијастички поддржувачи источно од Виена. И троа поисточно од Вашингтон.

Есенски проблеми

Администрација на Заев ќе мора да вложи дополнителни напори во расчистување на таквите – евентуални и дискретни – дилеми на западните центри на ЕУ поврзани со долгорочните ориентирни групирања на Македонија во текот на преговорите и по нивното завршување. Предизвик кој е голем залак и за повлијателни од нас земји, принудени да бираат помеѓу европските пари и американската безбедност. Последните реконструктивни потези на Заев секако не се повод за преголем оптимизам во Берлин, Париз и други центри на западноевропско одлучување. Искрата надеж лежи во фактот што безбедноста на регионот е сѐ уште силен транатлантски обединувачки детант-момент врз кој Заев би можел да изгради деликатен и времено одржлив консензус на ЕУ и САД за нашите евроинтеграции. Причина повеќе Заев повторно и со големо внимание да го прочита второто соопштение на Меркел по нивната последна средба. По можност, пред доаѓањето на новата прва Американка во Скопје.

Вториот есенски проблем за Заев е неговата наивна или провидно-итроманска игра со регионалните аспекти поврзани со интеграциите. Премиерот и домашната политичка елита треба со ум – а не само со очи – да ги препрочитаат и запаметат условите на ЕУ за неувезување билатерални спорови преку новопримени членки. Настрана што изјавите на Заев дека Македонија нема спорови со соседите баш и не кореспондираат со дискретните струења низ регионот, тој предуслов на ЕУ може да добие некоја нова и неофицијална условна клаузула. Која повторно би се прекршила врз наш грб, доколку не покажеме повеќе внимание и ја избегнеме стапицата на нашето приближување или членство во ЕУ да се гледа како катализатор на спорови помеѓу постоечки или други идни земји членки на ЕУ, во регионо, но и пошироко. При што ние би биле можеби и индиректно невини, но директно засегнати. Брисел, и најголемите земји-фактори во Брисел веќе демонстрираа сѐ уште пристојна доза на претпазливост кон нас. Впрочем, Заев би требало да разбере дека како што Меркел барала мислење од него за односите Косово-Србија, таа секако бара мислење од соседите за реалностите на нашите односи со регионалните престолнини.

Наведените деликатни моменти кои нѐ очекуваат наесен можат да бидат избегнати или санирани онолку колку што е тоа во наша можност и колку што зависи од нас самите. Летниот период е прилика за конципирање нови приоди и напуштање на излитените формули кои на Владата ѝ донесоа редица порази, а на општеството уште еден слој апатичност. За почеток, доволно е да се напушти праксата на кревање лажни еуфории и драми пред граѓаните и да се прифати потрезвен, реален и резервиран пристап кон процесите и нивната изведба. Со други зборови, малку повеќе почит за здравиот разум на граѓаните.  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач