1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Рака - што по ослободувањето?

Диана Ходали
21 октомври 2017

Терористите од Исламска држава воено се совладани, но нова битка е во најава. Најмногу страдаат цивилите оти тие се повторно меѓу двата фронта

https://p.dw.com/p/2mAee
Syrien Befreiung von Rakka
Фотографија: Reuters/E. de Castro

„Борбата против терористичката организација Исламска држава во Рака остави пустош зад себе", вели дописникот за АРД од Блиски исток Фолкер Швенк. Многу куќи се оштетени или комплетно уништени. Пред  неколку дена новинарот се врати од Рака. Беше таму за на лице место да добие претстава како Демократските сириски сили, предвидени од Курдите, го ослободиле градот од ИД.

Од изминатиот вторник ИД ја изгуби контролата над еден од најважните пунктови, сирискиот град Рака. Попладнето воената коалиција Демократските сириски сили соопшти дека го ослободила градот и борците од нивните редови поставија знаме во центарот на Рака, таму каде што борците на ИД до неодамна ги изложуваа отсечените глави на непријателите заради заплашување.

Рака сега е ослободен град, но таму има многу работа: во урнатините има безброј мини и други експлозивни направи, вели Фолкер Швенк. Расчистувањето долго ќе трае.

Од 2014-та луѓето од градот мораа да им се потчинуваат на исламистите. Цивили речиси и да нема, градот во ваква состојба и тешко дека може да заживее. „Луѓето беа во многу лоша состојба", вели Аднан Хадад од сириското опозициско радио Хара што се наоѓа на турска страна: „Не можеле со никого да комуницираат, едвај наоѓале храна и вода."

Syrien Befreiung von Rakka
Големи делови од Рака се претворени во прав и пепелФотографија: Reuters/E. de Castro

ИД се повлекува во подземје

Со падот на Рака падна уште еден симбол на ИД. Нивниот стратешки најбитен град во Ирак, Мосул, го загубија уште минатиот јуни. „Ова е крајот на Исламската држава", вели Хадад. Сепак многумина набљудувачи на ситуацијата се сомневаат дека терористичката организација наскоро ќе замине во историјата.

Околу 100-Тина терористи на ИД се проценува дека се уште се наоѓааа во градот, вели Рајан Дилон, портпаролот на анти-ИД коалицијата, која со бомбардирања ги поддржуваше борците на Демократските сириски сили во борбата против ИД. Претежно станувало збор за странски џихадисти. Одделот за операции во странство на ИД имал седиште во Рака - сега веќе не можат оттаму да планираат непречено напади во Европа и Турција, но сепак и по падот на Рака главните луѓе на ИД располагаат со мрежа џихадисти во странство со кои од подземјето и децентрализирано - и преку социјалните мрежи - може да комуницираат и да планираат напади.

Од аспект на пропаганда, падот на Рака сепак зададе голем удар, оти сега веќе не може да повикуваат истомисленици да се доселуваат на нивна територија.  Но, самата идеологија потешко се избива од главите на нивните приврзаници.  Уште потешко ќе биде ако има нови борби во најава - Рака е ослободена од ИД, но сега многу страни пројавуваат амбиции да владеат со градот и истокот на Сирија.

IS Syrien Kämpfer Islamischer Staat Rakka
ИД ја зазеде Рака во 2014. годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo/Raqqa Media Center

Кога ќе се совлада заедничкиот непријател

Демократските сириски сили офанзивата ја спроведоа со помош од САД. Околу 30-те илјади војници се 90% курдски сили на Партијата за демократската унија, сириски огранок на милитантната Курдска работничка партија. Ним им се придружија и неколку илјади арапски борци. Курдите ја освоија Рака и сакаат градот да го припојат на нивната автономна област Рожава.  Но, Рака во основа е арапски град. Претежно сунитско-арапските жители курдското владеење би го доживеале како окупација.

И режимот на Башар Ал Асад сака да ја прошири својата територија. Затоа веројатно ќе дојде до трка за последните бастиони на ИД по долината на Еуфрат и во околната пустина, особено во делот богат со нафтени резерви, провинцијата Деир ез-Зор. На истокот на Сирија значи може да падне одлуката како ќе изгледа поствоениот поредок во регионот.

Конфликт меѓу САД, Иран и Русија

Тука може да има фронтален судар на регионални и меѓународни интереси. На Турција не ѝ оди во прилог Курдите уште повеќе да ја шират својата територија. Ако силите на Асад со поддршка од Иран и Русија на една страна и претежно курдските сили, поддржани од САД од друга страна се судрат за последните региони на ИД, ќе се најдат очи во очи две страни кои на ниедно друго место на светот немаат таков близок контакт: Русите и Иранците на една, Американците на друга страна. Американците по секоја цена сакаат да спречат Иранците да имаат територијално влијание во некоја идна Сирија.

При вакви можни конфронтации повторно загрозени се луѓето кои ќе се најдат меѓу двата фронта. Кој ќе се погрижи за повторната изградба на Рака? Рака, градот кој некогаш беше симбол за мултикултурно живеење и слобода. До пред неколку години тука мирен соживот имаа припадници на повеќе религии - од тоа денес речиси и да нема ништо веќе. Сѐ додека сунитското мнозинство во Рака, но и општо во Сирија, политички и социјално е угнетено, радикалната идеологија како онаа на ИД ќе има плодна почва. Околу 200-те илјади жители на Рака сега се во кампови во регионот. „Таму сега живеат жртви и припадници на ИД врата до врата", вели Фолкер Швенк.