1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте лутината на САД околу косовските царини за Србија

СН/ агенции
1 февруари 2019

Официјален Вашингтон го засилува притисокот врз косовската влада околу спорните царини за стоката од Србија. Прашањето може да биде клучно и за опстанок на косовската владејачка коалиција.

https://p.dw.com/p/3CZ9W
Kosovo Ramush Haradinaj, Premierminister & Kabinett | Entscheidung Zölle gegen Serbien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Kosovo Government

САД покажуваат сѐ поголема лутина кон косовската влада поради наметнатите стопроцентни царини за производите од Србија.

Средбата на американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, со државното и владино раководство на Косово вчера, како што јавуваат косовските медиуми, завршила така што американскиот дипломат разлутен ја напуштил конференциската сала.

Прашањето околу царините освен тоа, се заканува да ја растури владејачката коалиција во Косово. Имено, Вашингтон бара од Косово да ги укине царините, на што одлучно се противи  премиерот Рамуш Харадинај, додека претседателот Хашим Тачи и претседателот на парламентот, Кадри Весели, се залагаат за укинување, односно суспензија на царините на одредено време.

Амбасадорот на САД на Косово, Филип Коснет по неуспешниот состанок со косовските лидери изјави дека САД бараат суспензија, а не укинување на тасата, оти не ѝ поставиле ултиматум на косовската влада и дека нема да има санкции доколку ова барање не се прифати. Учествувајќи во емисија на приштинската телевизија КТВ, Коснет оцени дека ако тоа не се случи, ќе им штети на односите помеѓу двете земји. Тој ја исклучи можноста за економски санкции кон Косово и порача дека останува косовските лидери да оценат дали сакаат да го сочуваат пријателството со САД.

Kosovo erhöht Einfuhrzölle - Ramush Haradinaj spricht auf der West-Balkankonferenz in Österreich
Фотографија: picture-alliance/AA/A. Kiyagan

„Ние (САД) не сакаме да ја диктираме работата на косовската Влада. Силно веруваме оти привремената суспензија на таксата, што е можно побрзо ќе помогне во напредокот на процесот (дијалогот). Ако тоа не се случи, постои опасност од целосно губење на моментумот, што значи дека ќе биде исклучително штетно и за САД и за ЕУ. Не е прашање дали Косово има право да воведе данок, но е прашање дали е тоа добро за Косово и за САД“, рече Коснет. Тој додаде дека ги прочитал извештаите оти САД ќе воспостават економски санкции за Косово. „Сакам да ги уверам граѓаните на Косово дека тоа не е точно. Тоа не е начин на кој ние се однесуваме кон пријателска држава како што е Косово. Она што бараме од Косово е да има смели лидери кои донесуваат одлуки“, рече Коснет.

Според него, во случај Косово да води политика која го отежнува или го прави невозможен напредокот во изградба на мир, просперитет и правда на Балканот, „САД поради тоа ќе бидат вознемирени и целосно разочарани“.

Тој додаде оти слушнал дека некои официјални лица велат оти САД не се веќе потребни на Косово.

„Јас сметам дека граѓаните на Косово не мислат така. Мислам оти народот на Косово не се согласува со тоа. Народот на Косово сака да задржи блиски односи со САД. Ако Косово одлучи дека тоа не е значајно, ќе видиме што ќе се случи во иднина“, порача Коснет.

Повеќе:

-Америка ги презема уздите на косовскиот проблем?

-„Разбирлива фрустрација, избрзани реакции“

-Косово на курс на конфронтација

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, изјави оти денеска му дал гаранција на советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џон Болтон дека Косово останува одговорно за продолжување на дијалогот со Белград.

Тачи напиша на Твитер дека во телефонски разговор со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел, нагласил оти Косово е обединето и свесно за историската шанса со Србија да постигне договор.

„Косово е обединето и свесно за својата историската шанса да постигне конечен, сеопфатен и правно обврзувачи договор кој ќе овозможи напредок во помирувањето со Србија и во сопствениот пат кон заедничка евроатлантска семејна нација“, напиша тој на Твитер.

Претседателот на Косово на Фејсбук напиша дека телефонски разговарал и со Болтон и му рекол оти „ќе зборува онака како што тоа го побарал и претседателот на САД, Доналд Трамп, да зборуваат еден јазик“.

Со советникот на американскиот претседател Болтон синоќа разговарал и премиерот на Косово Рамуш Харадинај кој, како што потврди потпретседателот на партијата на Харадинај, Адријан Џини, разговарал за даноците кои се воведени за стоката од Србија и од Босна и Херцеговина и за унапредување на односите меѓу двете земји.