1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте нервозата во Белград и Приштина

19 јули 2010

На 22 јули Меѓународниот суд на правдата ќе го објави својот став за легитимноста на прогласената независност на Косово, пишува „Ноје цирихер цајтунг“. „Ди Пресе“ зборува за нарушениот имиџ на бугарскиот премиер Борисов.

https://p.dw.com/p/OP1e
„Ноје цирихер цајтунг“

Во октомври 2008 година, на иницијатива на Србија, ОН му дадоа налог на Меѓународниот суд на правдата да испита дали прогласената независност од страна на Приштина е во согласност со меѓународното право. Ова мислење не е обврзувачка пресуда, но има голема правна и политичка тежина, се вели во „Ноје цирихер цајтунг“, во статијата со наслов „Расте нервозата во Белград и Приштина“.

Србија се одлучи за правниот пат

Одлуката на Србија, за прашањето за Косово да тргне по правен пат, го поздравија и некои поддржувачи на независноста. Спорот беше прогласен за правен проблем и политички се олади. Проблематичните одлуки можеа да бидат одложени. Конфликтите меѓу Белград и Приштина навистина стивнаа, и најчесто беа ограничени на вербално препукување. Од почетокот на летото, температурата повторно порасна, пред се‘ во Северно Косово каде живеат Срби.

Следната цел треба да биде резолуција на Генералното собрание на ОН, која ќе повика на нови преговори за статусот на Косово. Моќните земји се против тоа, вели Јеремиќ. Но, тие ќе се борат се‘ додека не се постигне компромисно решение. Во српската јавност веќе подолго време се дискутира за тоа како би можел да изгледа компроомисот, Мислење кое честопати се изнесува е дека не би требало да се преговара за независноста на Косово, туку за неговите граници. Според нив, Северно Косово треба да остане во Србија, а црковните имоти и српските енклави во јужниот дел би требало да добијат специјален статус. Една од варијантите на овој предлог се состои во тоа да ја обештетат Приштина, со села со албанско население во Јужна Србија.

Во статијата во „Ноје цирихер цајтунг“ се вели дека Приштина и Белград досега одбиваа поделба. Белград, меѓутоа, не беше категоричен. И од Македонија исто така стигнуваат предупредувања дека поделбата би ја загрозило егзистенцијата на Македонија, но и на Босна. Не смее да се отвори „пандорината кутија“. Напротив, некои сметаат дека таа е веќе отворена со сецесијата на Косово. Сега е важно со компромис да се најде трајно решение за прашањето за Косово.

Еуфоријата за Борисов стивнува

Presseschau_s_122x90, Sendung

Германскиот весник „Ди Пресе“, во статијата „Празна државна каса, полни затворски ќелии“, зборува за бугарскиот премиер Бојко Борисов кој пред една година извојува убедлива победа на изборите. Во летото 2009 година, голем дел од населението го зафати еуфорија поради очекуваниот радикален пресврт. Една година по промената на власта не остана ништо од еуфоријата, суровата бугарска реалност го наруши имиџот на Борисов. Сепак, премиерот Борисов се‘ уште ја има поддршката од голем број Бугари.

„Структурните реформи требаше да се спроведат во првата година од мандатот, потоа се‘ потешка е нивната реализација“, гласи кредото на Георги Ангелов. Економистот од Фондот за отворено општество од Софија критикува дека Борисов ги одолговлекол реформите од предизборните ветувања за намалување на државната администрација, за реконструкција на здравството и на пензискиот систем. Во борбата за популарност, министерот за внатрешни работи Цветан Цветанов, во меѓувреме, стана сериозна конкуренција за Борисов. Кон средината на декември 2009 година, полициските сили на Цветанов ја спроведоа првата голема акција за апсење на наводната киднаперска банда „Наглите“.

Оттогаш, речиси ниту еден ден на телевизија не изостанаа операциите снимени од камерманите на Министерството за внатрешни работи. Поради немање доволно докази, судовите ги пуштија повеќето од привремено уапсените. Така Цветанов со неговите медиумски инсценирани кампањи, сепак, успеа да придобие голем број Бугари и да го престигне шефот на владата според популарноста“, пишува „Ди Пресе“.

Автор: „Ноје цирхер цајтунг“/„Ди Пресе“/ ЈЈМ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска