1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Рации против десни екстремисти ширум Германија

Арнд Рикман
6 април 2022

Голем удар врз десноекстремистичката сцена во Германија - спроведени се рации во повеќе градови, уапсени се четири осомничени лица.

https://p.dw.com/p/49XDT
Symbolbild Deutschland Polizei
Фотографија: Gelhot/Fotostand/picture alliance

Рации се спроведени во повеќе германски градови, уапсени се три лица во Ајзенах и едно лице во Ротенбург на Фулда, соопшти Обвинителството. На четворицата уапсени им се префрла членство во десноекстремистичко криминално здружение. Освен тоа, тие се осомничени и за нанесување опасни телесни повреди, напади врз полицајци и нарушување на редот и мирот.

Истрагата во визир има уште 46 осомничени лица. Во 11 германски покраини од изутринава е извршен претрес во 61 објект. Фокусот е ставен врз покраината Тирингија, односно градот Ајзенах, каде уапсениот Леон Р. водел десноекстремна група за боречки спортови. Во рациите се вклучени над 800 службеници, а во истрагата учествуваше и воената тајна служба.

Рациите се спроведени по сознанија на Германската служба за заштита на уставот, која од септември 2019 година води истраги против членови на „Дивизија на атомско оружје Германија“ (АВДД), десноекстремна терористичка организација со корени во САД, како и против членови на терористичкото здружение „Специјална команда 1418“ (СКД 1418).

Уапсениот Леон Р., е осомничен основач и лидер на криминалното здружение „Нокаут 51“. Неговите контакти со другите уапсени и осомничени довеле до истраги поради сомневање за прекршување на забраната на здружението „Комбат 18 Германија“. Оваа организација беше забранета и распуштена во октомври 2020 година поради нејзината насоченост против уставниот поредок.

- повеќе: Опасна герила тактика на десните екстремисти во Германија

Леон Р. и тројцата други уапсени „под плаштот на заеднички телесни тренинзи“ привлекувале „млади луѓе со националистичка идеологија“, нив ги индоктринирале со десноекстремни ставови и ги обучувале за улични борби, се вели од Обвинителството. Тренинзите се одржувале редовно во простории на покраинскиот огранок на десноекстремната партија НПД во Ајзенах. Групата „Нокаут 51“, според истрагата, била насочена пред сѐ против лица од левиот политички спектар. На уапсените им се префрлаат повеќе кривични дела, во кои има повредени лица, од кои дел тешко.