1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Обвинение за Рашковски за незаконски набавки и перење пари

ДТЗ
8 октомври 2021

Поранешниот генерален секретар на Владата, покрај набавката на софтверот за МВР, направил уште три слични зделки. Обвинет е и дека незаконски исплаќал хонорари и перел пари.

https://p.dw.com/p/41RTK
Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Обвинителството за организиран криминал по неколкумесечна истрага до Кривичниот суд во Скопје поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест лица поради злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари. 

Обвинителството смета дека Рашковски во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 година, со умисла помогнат од двајца надворешни соработници, ги извршил кривичните дела. „Тој не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици“, наведуваат од Обвинителството

Спорни набавки

Рашковски  јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства. Тој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично. Исто така, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, ​со што на четирите економски оператори им овозможил да склучат договори и да се стекнат со корист од 17.474.137 денари.

Случајот со набавката на софтверот од 81.000 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, беше обелоденет на почетокот на март.  Покрај овој тендер, во летото 2019 година, Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот, иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот. За злоупотребите на Рашковски се заинтересира и Антикорупциската комисија, која пред неколку месеци го прошири предметот за набавката на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Пронајдени беа нови злоупотреби при набавките во Генералниот секретаријат на Владата, вредни 292 илјади евра. Доказите кои што ги имаа антикорупционерите ги доставија до Јавното обвинителство.

Авторски договори

Тој исто така склучувал авторски договори со физички лица, кои не ги извршувале работните обврски, а им биле исплаќани месечни хонорари.Тие ги подигнувале парите и дел му враќале на Рашковски.  Со тоа е направена штета на буџетот во вкупен износ од 1.320.000 денари.

Исто така, Рашковски во перидот од  05.06.2017 година до 05.05.2021 година, во Скопје, пуштил во оптек 5.378.319 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на парите, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.

Обвинителството достави и посебен предлог за продолжување на куќниот притвор заРашковски и уште еден од обвинетите. Се бара и привремена мерка за обезбедување на имотно – правно барање на износ од 5.050.000 денари, за направена штета од 18.794.137 денари поради извршување на кривичното дело.