1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајнхард Прибе не го поминал филтерот на МАНУ?

28 јуни 2018

Иако нема официјална изјава, потпретседателот на МАНУ, Луан Старова, за „Макфакс“ потврдил дека академиците не го изгласале Рајнхард Прибе за член на Академијата, надвор од работниот состав.

https://p.dw.com/p/30SGD
Reinhard Priebe 2005
Фотографија: picture alliance/AP Photo/S. Ilic

Академици го предложиле, но Собранието на МАНУ не го изгласало предлогот европскиот експерт Рајнхард Прибе да стане член на Академијата надвор од нејзиниот работен состав. Ваквата информација за која подолг период се шушка низ кулоарите на Академијата, за „Макфакс“ ја потврдил потпретседателот на МАНУ, академик Луан Старова. Претседателот на МАНУ, Таки Фити, не е достапен да даде подетални објаснувања околу оваа постапка и нејзиниот епилог.

Наводно, на изборното собрание на МАНУ, кое се одржало на 6 јуни, бил ставен предлогот Рајнхард Прибе да биде прифатен за член на Академијата надвор од нејзиниот работен состав, но тој не поминал. Во соопштението од седницата на 6-ти јуни, МАНУ само кратко информира дека „во согласност со законот и Статутот на МАНУ, за дописен член на Академијата е избран професор д-р Блажо Боев, за член на Академијата надвор од работниот состав е избран академик Владимир Костиќ, а за почесен член Омер Калеши“.

Повеќе: 

Прибе: Eдна форма на заробена држава не смее да се замени со друга

Трите „р“ на Прибе: Рокови, работа и реформи!

Размисли за Прибе

Само за цитирање

Во МАНУ има три категории членови: редовни и дописни; надвор од работниот состав; и почесни. Во категоријата за која бил предложен Прибе (надвор од работниот состав) до последниот избор реализиран на 6-ти јуни, МАНУ имала вкупно 67 членови во шест одделенија. Најмногу членови (17) има во Одделението за лингвистика и литературна наука, 14 во Одделението за уметности, 13 во општествени науки, 11 во медицински науки, 6 во природни, математички и биотехнички науки, и 6 во Одделението за технички науки.

Иницијатива за избор на член надвор од работниот состав може да дадат најмалку два члена на одделението. За поднесување предлог за избор на член надвор од работниот состав на Академијата, решаваат одделенијата со тајно гласање и со мнозинство гласови од вкупниот број на нивните членови.

Засега не е познато кои се причните поради кои Прибе не го поминал „филтерот“ на Академијата, чии членови во многу наврати се повикуваат на името на овој експерт, особено кога станува збор за реформи во правосудството. Извори од Академијата за „Макфакс“ изјавиле дека „е несериозно“ предлагањето на Прибе за таа позиција без притоа да се осигура поддршка за изгласување, бидејќи тоа може да испрати различни пораки до домашната и меѓународната јавност.

Токму во коорганизација на МАНУ, лани во јуни Прибе беше поканет да одржи предавање на Школата за право што се одржа во Охрид. Пред магистранти и докторанти на правни и политички студии, тој одржа предавање на тема „Демократијата, владеењето на правото и човековите слободи - важноста на демократските вредности за државите кандидатки за членство во ЕУ“.

Symbolbild Bürokratie
Групата на Прибе направи два извештаи со препораки за клучните реформиФотографија: picture alliance/JOKER

Реформи „по Прибе“

Прибе е познат не само за стручната, туку и за пошироката јавност. Тој ја предводеше петчлената експертска група ангажирана од Европската Комисија за да ги скенира состојбите во повеќе области во Македонија во екот на политичката криза во 2015 година. Во првиот Извештај од 2015 година експертската група на Прибе утврди „значајни недостатоци“ идентификувани главно во пет сфери: следење на комуникациите, судство и обвинителство, надворешниот надзор од независни тела, изборите и медиумите. Извештајот на Прибе и препораките за клучните реформи станаа своевидна рентген снимка за „македонцките работи“, а на неговото име се повикуваа сите кои излезот од кризата го гледаа во темелни реформи. Во вториот Извештај објавен од групата на Прибе во септември 2017 година, меѓу другото, беше нотиран бавен напредок во промена на утврдените слабости и сѐ уште непокренати барања за утврдување одговорност за судии кои постапувале несовесно.

Во јуни годинава Прибе повторно ја посети Македонија. Тој во Охрид присуствуваше на Меѓународната научна конференција за реформите на безбедносниот систем. Запрашан - која од неговите препораки е најклучна во овој момент, тој изјави: „Не можам да издвојам некоја препорака посебно, бидејќи се работи за серија на реформи. Сите ресурси и сили во Македонија треба да се насочат кон тоа да се обезбеди владеење на правото. Тоа е централен приоритет за да се дојде до прогрес. Реформите треба да се направат не само за да влезете во Унијата, туку за ваше добро“.

Претходно, Прибе беше и во посета на Тетово, каде според градоначалничката Теута Арифи, бил гостин на еден од македонските Универзитети, кој му доделил признание поради исклучителниот ангажман во насоките за реформскиот процес на земјата на интеграцискиот пат. 

Препораките на Прибе се совпаѓаат со последните препораки на Советот на ЕУ за областите во кои Македонија треба да спроведе реформи за да ги започне пристапните преговори со Унијата во јуни 2019 година.