1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Револуција каква што не заслуживме!

2 август 2019

Нашата револуционерност завршува или поточно се задоволува со просто заминување на една криминална политичка гарнитура, далеку од какво било обезглавување, и веднаш, продолжување по старо со некои демек нови луѓе.

https://p.dw.com/p/3ND9U
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Рекет заминува на одмор, поточно на колективен одмор заминуваат обвинителите, додека сомнежите и озборувањата во јавноста тешко дека ќе спласнат во неделите кои следуваат.

Тоа особено ќе биде тешко имајќи ја во предвид лошата позиција на Јанева, серијата лаги околу изгубените па форматирани телефони, сомнителното боледување, како и обидот за бришење на компјутерите во СЈО. Дополнително ќе биде тешко за владејачката партија да се дистанцира и да игра од позиција на неутралност, по последните откритија на новинарот Героски околу улогата на невладината организација на Бојан Јовановски, осомничен во аферата „Рекет“, Меѓународен сојуз, каде фигурираат и важни партиски функционери, некои и со важни институционални функции.

Следејќи го подемот и падот на Јовановски, неговите блиски врски со политичкиот врв на владејачката партија, покрај веќе проблематичната блискост со Јанева и нејзиниот син, се создава една темна слика за можните врски, влијанија или како некои сакаат да кажат, злоупотребеноста на политичарите и обвинителите во оваа криминална шема.

Се поставува едно нужно прашање, каде е тука границата помеѓу етичката или политичката одговорност од една страна, и правната одговорност, која никој освен соодветните органи не треба да ја утврдуваат. Добивме ли револуција каква што заслужуваме, со системски промени во политичкото функционирање?!  

Политички и етички да се глуми изненаденост или злоупотребност, искрено наликува на потценување на интелигенцијата на народот. Правно ќе видиме по одморите дали истрагата ќе се прошири и надогради, или ќе остане ваква каква што е. Но, знаејќи како функционираат работите во оваа држава, да се зема здраво за готово дека за целата рекетарска шема се одговорни само Боки и Зоки, и никој друг не е инволвиран или ништо не знаел, станува се потешко за верување.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Акциски план против лажни вести или лов на вештерки?!

-Демек комедијанти, за демек сериозни

-Канибализмот на Заев

Станува тешко за верување не поради народната малициозност и хипокризија, иако и таа има свој удел, туку поради предоброто народно познавање на политичкиот модус операнди, кога станува збор за коруптивноста на нашите локални или централни функционери, како и заштитата и неказнивоста која со децении ја уживуваат.

Поинаку кажано, зарем некој е тука глуп да мисли или да верува, дека било што во оваа држава се случува без благослов, знаење или индиферентност од целиот наш партиски систем, без главните партии да седнат и да се договорат, без тие да имаат информации или интерес, нешто да се случи или да не се случи?!

Идејата и движечкиот мотор зад граѓанските протести кои помогнаа во промената на власта беше да се оствари револуција на полето на системското делување на партиите, (ослободување на државата од партијата), како и освојувањето на едни нови етички хоризонти и висини кога се работи за политичката одговорност, се тоа засилено со функционирање на правдата и правната држава. Идејата беше да се воспостови еден нов начин на водење на политиката.

Сега, сомнежите во однос на случајот „Рекет“ се огромни, не заради тоа што премногу знаеме или сме преинтуитивни, туку од проста причина што веќе постои убедувањето дека наместо да се метаболизираат грешките на „старата политика“, партиите и власта итромански решија тие пракси да ги асимилираат, каде свесно, а некаде несвесно, да ги направат структурални и да ги остават подеднакво первазивни, но и нешто порафинирани, од тоа што беа во времето на режимот.

Револуционерно во целиот процес испадна тоа што нам денеска ни се поприфатливи старите пракси, прифатлив ни е истиот коалициски шаблон, прифатлива ни е комплетната неказнивост на одредени актери и политичката неодговорност на некои други. Со други зборови можеме да кажеме дека револуционерното кај нас се ограничи, како што и секогаш се ограничувало, на проста замена на политичките актери, односно на фактот дека со исчезнувањето на една политичка класа, веднаш настапува друга, додека системот воопшто не се менува. Како една генетска карактеристика својствена за Македонија: Се сече растението, но тоа повторно расте, можеби листовите се нешто поразлични, но остануваме со истиот вкус на нивните јавни и политички плодови. Нашата револуционерност завршува или поточно се задоволува со просто пензионирање, заминување на една криминална политичка гарнитура, далеку од какво било обезглавување, и потоа веднаш, продолжување по старото со некои демек нови луѓе.

Според теоријата за плурализмот на правните уредувања, постојат голем број на уредувања. Она на државата, она на партиите, она на криминалците, на криминалните здруженија, еден куп помали правни уредувања. И така, со години и децении, само се менува кое од овие помали правни уредувања се наметнува над државата и нејзините закони. Затоа што далеку сме од законот е еднаков за сите, далеку сме од неселективна правда, далеку сме од последици за партиските силеџии, би рекол, еднакво сме блиску до „нема правда, нема мир“, само што нема кој повеќе тој слоган да го претендира како реалност.

Погледнете ја само неодговорноста и непостапувањето околу силеџиите и локални шерифи како Нефи Усеини, Курто Дудуш, политичката и етичката неодговорност околу Рашковски, сега молчењето и бегањето од блискоста со рекетарот Јовановски. Убаво нотираше новинарката Митевска: „Ако истрагата покаже дека некој го прекршил законот ќе одговара - стана максимата на премиерот Зоран Заев во изминатиот период за тоа дали некој од функционерите и политичарите од владејачката коалиција ќе сноси одговорност по низата скандали кои излегоа во јавноста. Но, засега, никој не одговарал".

Кога треба да се побара политичка, етичка или кривична одговорност власта се крие зад една форма на таа веќе излитена флоскула од минатото – „се е според позитивните законски прописи“, но доста надградена со тоа дека судската власт сама ќе ги извлече нужните заклучоци и одговорности. А од тоа ништо не гледаме. Кога пак јавноста ќе нотира јасна политичка одговорност, тогаш се завршува со произволноста и арбитрарноста на премиерот кој во дадениот случај не гледа никаков морален хазарад. И така во круг.

Сега јасно ви е зошто постои огромна сомнеж, и зошто никој не верува во невмешаноста на политиката. На народот му беше продадена една лажна, фалц револуција, што не е никакво големо или ново откритие, но е заклучок кој сериозно задира во функционирањето на правната држава, и потоа врз сите внатрешни и надворешни консеквенци кои произлегуваат од тоа разочарување.

Да заклучиме, ја добивме револуцијата на површноста која не ја заслуживме (зошто граѓаните својот дел си го одработија) во ситуација кога и повеќе од каква било револуција, ни требаше своевидна реставрација. Реставрација на легализмот и на правната држава. Којзнае, можеби во иднина треба да размислиме за една шарена реставрација.

Оваа разочараност потоа се претвора во граѓански песимизам и апатија кој во суштина не би смееле да си го дозволиме. Но, ова наше раселено, уморено, оштетено, и делумно перфидно општествено ткиво, нема повеќе начини како да дојде во својот животен век до подобра политичка или јавна реалност. Оние малку што немаат намера да запрат во своите барања за подобро или нотирања на подеднакво лошото се стигматизирани и обвинети за шизофренија, хистеризам и мрчаторство, наместо да се цени и почитува нивниот личен влог кон колективното добро.

Никогаш не сум бегал од одговорностите на самите граѓани. И факт е дека постојат. Тешко се прават реформи, тешко системот суштински се менува кога просечниот Македонец или Албанец имаат една нефункционална и неодговорна граѓанска свест и совест. Сунгерести сме, порозни, нашата совест и свест се најчесто само претенциозни или ванитозни, ни служат да сме подобри само пред себеси. Го привилигираме личниот однос, па не е скандал кога премиерот ќе ни каже дека се гледал со секој граѓанин што имал добра идеја. И вака раселени, не е мала бројка премиере, за да не се посомневаме во некаков си дискриминаторски однос. Но, реалноста е таа, секој преферира врски или директен контакт, наместо да се позиционира и однесува одговорно кон изградениот колективитет на кој припаѓаме, да е свесен и да го почитува корпусот на правила и одговорности кои треба да владејат и да важат за севкупното општествено ткиво. Не постои општество или барем функционално општество, кое се базира на привилигирани канали, биле еден, два или три, на мали констелации и кластери од врски и интереси, туку мора да се има предвид целиот општествен универзум во кој функционираме и со кој имаме односи.

Функционираме на основа на еден аморален фамилијаризам, каде доминира кланот, лобито, групите на моќ, сите во конфликт со секого, или во обид за хегемонија, но најчесто или речиси секогаш, на штета на државата и чувството на државотворност. И не треба верувам многу да објаснувам колку оваа деструктивна, самоуништувачка тенденција е пред се наметната и протежирана од самите партии.

Ете затоа нашата системска коруптивност и криминалност, каде сите, кој поситно, кој покрупно, е принуден да биде мало штрафче во ужасниот механизам кој меле пратерии човечко месо, поминува така неказнето, и потоа е лесно за властите да перпетуираат нешто што има ендемски и масовни пропорции. Не е само до законите, не е само до институциите, не е ниту само до лошите индивидуални или колективни навики. Едноставно етиката, моралот, етосот, се целосно и непоправливо одродени од правото, политиката и граѓанството. Се надевавме дека воспоставувањето на правна држава може да послужи како сурогат на јавната етика, или дека јавниот револт може да послужи како двигател на политичко-општествените промени. Испадна дека и во двете работи не успеавме.

Да, ќе остане дел од јавноста кој ќе се револтира, ќе агитира, ќе се алинеира на една или друга страна од политичкиот спектар, ќе има чесни кои гинат за идеали, доблесни новинари кои откриваат криминали, циници кои ги премолчуваат и дефокусираат од нив, но останува фактот, дека буквално е исчезната, ако воошто некогаш постоела, категоријата на соодветност и праведност, на тоа што е нужно да се направи кога е откриен голем криминал или голема политичка неодговорност. Како и за многу други работи власта се ќе сведе на една проста дихотомија, во случајов: што е законски, а што е противзаконски. Оттука власта ќе одлучи кој е крив, а кој не е, колку и колкумина се виновни, дури и кога проблемот оддалеку се гледа дека е системски, дека е политички предизвикан или во најмала рака, овозможен.

Една ужасна визија која наместо да ја рестаурира на културно и политичко ниво јавната етика, ќе глуми правна држава, делегирајќи ги и своите одговорности на демек независното судство. Револуција е да, ама каква што не заслуживме.