1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ризична игра на ЕУ

Барбара Везел
20 август 2020

Невообичаено едногласно ЕУ застана на страната на демонстрантите во Белорусија и на властодржецот Лукашенко не му ја признава фалсификуваната изборна победа. Исправно, но и ризично, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3hDqT
EU Virtueller Gipfel Belarus Belgien Charles Michel
Фотографија: Reuters/O. Hoslet

Една кинеска поговорка вели: „Кој на тигарот ќе му врзе ѕвонче за опашка, тој потоа мора и да го одврзе“. Во однос на кризата во Белорусија, ЕУ одеднаш покажа надворешнополитичка храброст да го предизвика Путин. Две децении таа немо ги набљудуваше угнетувачките постапки на Лукашенко, зашто оваа земја е, јасно, под влијание на Москва. Но, девизата гласеше: ништо не гледам, ништо не слушам. Што сега наеднаш се промени?

Ново единство кај источните Европејци

Не само Полска и Литванија, во кои засолниште најдоа дел од опозицијата и многу мигранти од Белорусија, туку и Словачка, Чешка, а на крајот дури и Унгарија – каде што дефинитивно автократот Лукашенко има многу пријатели – одеднаш во протестите во Белорусија си го препознаа своето минато.

Храбрите демонстранти кои излегуваат на улица за слобода и демократски избори се малтретирани и апсени од полицијата – на истото ова се сеќаваат и во Варшава, Вилнус, Прага или Братислава уште од 1989 година. И дури и таму каде што во меѓувреме демократските вредности повторно се ставаат под прашање, отворената диктатура на Александар Лукашенко буди непожелно сеќавање на други, мрачни времиња.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Скептицизмот кон Русија исто така игра одредена улога, кај некои дури е и непријателство, така што идејата да му се стапне на нога на лидерот од Кремљ, и тој малку да се испровоцира, изненадувачки наиде на многу приврзаници во ЕУ. Многу Европејци од истокот, демонстрантите во Минск и други земји ги гледаат како свои браќа и сестри, на кои исто така им посакуваат да имаат слобода.

Демократски коректно, политички ризично

ЕУ, морално и политички, направи сѐ за да покаже поддршка за мнозинството во Белорусија. Во нивната ситуација е важно да бидат меѓународно видени и чуени. Да знаат дека очите на Европа се насочени кон тамошните настани и дека бруталното насилство се гледа и осудува.

Европејците и не можат да направат повеќе.

Граѓаните на Белорусија мора сами да чекорат по патот што го избрале, да прават притисок и да се надеваат дека долгогодишниот диктатор некако ќе се повлече од сцената.

Како и секогаш, многу нешта зависат од тоа дали војската и безбедносните сили и натаму ќе останат на негова страна.

Но, исходот од конфликтот уште повеќе зависи од одлуката на рускиот претседател.

Германската канцеларка и францускиот претседател до него апелираа на луѓето во Белорусија да им се даде барем минимум слобода на одлучување. Но, може ли тој тоа да си го дозволи без да поттикне имитатори во земјата? Меркел и Макрон ставија до знаење дека не сакаат повторување на воени акции како 2015 година во Украина.

Така би изгледало „најлошото сценарио” и ултимативното оружје на Европејците против тоа би биле нови, уште посилни економски санкции против Русија. Путин тоа во економски чувствителната ситуација тешко може да си го дозволи. А, тие би ги однесле Европејците во тотална конфронтација со Русија, што никој не го сака.

А, што ако не успее покерот?

Не е сигурно дали ризичната игра ќе има добар исход. Европејците сега мора да се дистанцираат најмногу што може од опозицијата во Белорусија за да го одржат својот дел од ветувањето дека никој однадвор нема да влијае. Не смее да дозволат и претседателот Путин да се почувствува турнат в ќош. Има одредена шанса за успех на дипломатското жонглирање. Тогаш ЕУ би можела да забележи редок надворешнополитички успех и на реверот да си закачи златна ѕвезда како бранител на слободата и демократијата.

Но, може и сѐ да тргне наопаку, Путин да си постави влада на марионети во Минск и на земјата да и’ го одземе и тоа што останало од самоопределувањето.

Сепак, ЕУ во овој случај, во тешка ситуација бележи избор на похрабра политика. Надежта е дека нема на крај народот во Белорусија да го плаќа цехот.