1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роберт Мугабе: од народен херој до диктатор

Колумбус Мавхунга | Ванеса Херман
6 септември 2019

До 2017 Роберт Мугабе беше еден од најконтроверзните претседатели на африканска земја. Прво го славеа како пример за африкански политичар, потоа се претвори во брутален диктатор. Почина на 95 годишна возраст.

https://p.dw.com/p/3P9cc
Robert Mugabe
Фотографија: picture-alliance/AP/T. Mukwazhi

Многу Африканци во него го гледаа блескавиот лидер кој во 1980 година на Зимбабве му ја донесе независноста од Велика Британија. Но, во текот на неговото владеење сликата се смрачи. Од доцните 90. години на Западот важеше за брутален диктатор, кој земјата ја доведе до пропаст. Роберт Габриел Мугабе е роден во 1924 година во мало село јужно од Салисбури, главниот град на тогашната британска колонија Јужна Родезија. Неговите родители биле конзервативно католички селани. Мугабе посетувал повеќе католички училишта. Бил срамежливо дете што се изолирало од повеќето луѓе, стои во неговите биографии. „Негови единствени пријатели биле книгите", го цитираат брат му Донало во биографијата „Ручек со Мугабе".
По завршувањето на школувањето за учител, Мугабе студирал во тогашната Јужна Родезија, Танзанија и Гана. Во текот на неговиот живот се стекнал со седум универзитетски дипломи, три од нив додека бил во заробеништво. Во Гана ја запознал и својата прва сопруга Сали. Долго време таа била негов најблизок пријател и политички советник. Во 1960 година, кога се вратил во родната земја, се приклучил на движењето за слобода. Најпрво се борел против британските колонијални власти, а потоа против белата малцинска влада на Јан Смит која се залагаше за строг систем на расна поделба. 1964 година Мугабе бил уапсен и морал да лежи повеќе од 10 години во затвор.

Заробеништво, војна за независност и подем

Тој не смеел да присуствува ниту на погребот на неговиот син во 1966. Во очите на луѓето, Мугабе стана национален херој.
Откако во 1975 година беше ослободен од затвор, Мугабе успешно се избори за независноста на земјата. На првите избори во 1980 година беше избран за премиер. Јавно се залагаше за помирување: „Сакам да ве замолам, без разлика дали сте црни или бели, заедно со мене да го заборавите нашето тешко минато, обострано да си простиме и во пријателство да си подадеме рака едни на други", рече тој при преземањето на власта. Во последователните години воведе бесплатно школување и медицинска грижа за сиромашните слоеви. Економски реформи донесоа голем подем. Животните очекување пораснаа, а британската кралица го одликуваше, додека во многу западни градови беше радо виден гостин. Тогашниот претседател на Германија, Рихард фон Вајцекер го опиша како „мудар, сталожен политичар кој се труди да постигне баланс".

Robert Mugabe - Simbabwe vor der Unabhängigkeit
Роберт Мугабе во 1979 година беше борец за независностФотографија: picture-alliance/dpa

Политичкиот пресврт

Додека Западот го славеше, луѓето во Зимбабве видоа друга страна на борецот за слобода: откако се замери со неговиот поранешен сојузник Џошуа Нкомо во 1982 година, армијата на Мугабе уби илјадници приврзаници на Нкомо. Три години подоцна двајцата склучија примирје и Мугабего назначи Нкомо за потпретседател. Во 1992 почина сопругата на Мугабе, Сали. Од тој момент неговиот приватен живот се менува од корен, како и неговиот политички курс во јавноста. Тој почна да живее заедно со неговата поранешна секретарка Грејс со која претходно имал долгогодишна афера. Во 1996 тие се венчаа. За разлика од Сали, Грејс не е омилена како прва дама. „Гучи Грејс" ја викаат луѓето во Зимбабве и алудираат на нејзините шопинг турнеи по светот. Додека населението се бори со колера, недостиг на храна и инфлација, претседателскиот пар живее како бубрег во лој. Само прославата на Мугабе за 88 роденден чинела околу еден милион американски долари. За 91 роденден алчниот владетел убил неколку слонови, а во луксузен хотел се сервирале 91 килограм печено месо. Опозицијата ја критикуваше забавата како „вулгарна".

Земја во пропаст

Во 2000 година Западот заврши со Мугабе. Со негово одобрување поранешни ветерани од граѓанската војна нападнаа и запоседнаа фарми на белци во Зимбабве. Иако белците се само еден процент од населението, токму нив им припаѓале околу 70 проценти од земјоделското земјиште. Мугабе се оправдуваше со потребата да се воспостави економска рамнотежа меѓу белите и црните селани. „Белиот човек не е староседелец во Африка. Африка им припаѓа на Африканците! Зимбабве им припаѓа на луѓето од Зимбабве!", изјави Мугабе. Но, голем дел од земјиштата всушност беа поделени на политичари и пријатели на Мугабе. Многу фарми наскоро крахираа, бидејќи новите сопственици немаа искуство во земјоделието. Економска криза каква ѝ немало рамна беше последицата. Во 2008 стапката на инфлација беше во трилиони, тажен светски рекорд. Мугабе за тоа го обвинуваше Западот кој воведе санкции против земјата. Поради повреди на човековите права, изборна измама и ограничување на медиумските слободи, САД и Европа воведоа забрана за патување за Мугабе. Повеќе признанија, меѓу кои две почесни докторски титули, му беа одземени. Владетелот и во Зимбабве стануваше сѐ помалку омилен, во 2008 неговата партија ги изгуби изборите. Под притисок на Јужна Африка, Мугабе мораше да формира коалиција со партијата на неговиот противник Морган Цвангираи. Таа заврши со изборите во 2013 година кога Мугабе излезе како победник. По седми пат положи заклетва за петгодишен мандат.

Simbabwe Protest Journalisten
Мугабе со сопругата ГрејсФотографија: DW/C. S. Mavhunga

Последните години од неговиот живот

Во последните години од неговиот живот Мугабе се држеше за позицијата и покрај растечкиот притисок да се повлече. Како наследничка ја донесе неговата сопруга Грејс, со цел највисоката позиција во државата да остане во семејството. Војската му ги запре овие планови кога на 14 ноември 2017 година го стави претседателот во домашен притвор и де факто ја презеде власта во државата.

Една недела подоцна, во тоа време 93 годишниот претседател и официјално си даде оставка. Нов претседател стана неговиот долгогодишен партиски пријателЕмерсон Мнанагва. Тој му обезбеди на Мугабе слобода на движење, неказнивост и компензација од неколку милиони. Роберт Мугабе, чија здравствена состојба беше значително влошена, почина ноќеска на 95 години во болница во Сингапур каде беше хоспитализиран веќе неколку месеци. Оберт Гуту, член на МДЦ, уште пред неколку години донесе мрачен заклучок за владата на сега починатиот екс-претседател: „Кога во 1980 година се здобивме со независност, во земјата владееше оптимизам. Сите верувавме дека ќе израснеме како нација и ќе станеме успешни." Но, овие надежи бргу пропаднаа. „Бевме сведоци на воспоставување корумпиран и нетолерантен режим. За жал поголемиот дел од луѓето во Зимбабве сега се посиромашни отколку пред 1980," заклучи Гуту. Роберт Мугабе ќе биде запаметен од многумина како политичар со две лица: поранешен борец за слобода кој се претвори во диктатор.