1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роденден на НАТО: Не баш пријателски штимунг

Карстен Грин
4 април 2019

НАТО полни 70 години, а сојузниците се во кавга. Во фокусот повторно се САД и нивните критики на сметка на Турција поради бизнисот со оружје со Русија, како и на сметка на Германија поради недоволниот буџет за одбрана.

https://p.dw.com/p/3GDX0
USA, Washington: Mike Pence - NATO - Atlantischer Rat
Фотографија: picture-alliance/AP/C. Owen

Американскиот потпретседател Мајк Пенс повторно ја насочи критиката од Белата куќа кон Германија. По стоти пат тој ги критикува германските трошоци за вооружување и ја укори соработката на Германија со Русија во изградбата на гасоводот „Северен тек 2“. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ги отфрла критиките за буџетските планови на владата во Берлин: „Знам дека нашиот процес на буџетирање некогаш е тежок за разбирање за надворешни лица. Но ние јасно ставивме до знаење дека ќе инвестираме повеќе пари во одбраната и си стоиме на збор“, изјави Мас.

Шефовите на држави и влади на НАТО во 2014 година се обврзаа дека сите земји членки до 2024 година ќе ги зголемат трошоците за одбрана до два процента од брутонационалниот производ. Германија вети дека до 2024 година ќе ги зголеми за 1,5% овие издатоци.

Нејасно финансирање

Како германската влада ќе си го одржи ова ветување засега е нејасно. Според најновиот годишен извештај на НАТО, германските издатоци во минатата година биле 1,23%. Според среднорочниот план на Министерството за одбрана во 2023 тој процент треба да биде 1,26%. Потоа ќе треба трошоците за одбрана од 2023 до 2024 година да се зголемат за двоцифрена бројка милијарди евра, доколку се сака да се достигне најавената цел.

Американската влада останува верна на својот курс на конфронтации со партнерите: претседателот Доналд Трамп во изминатиот период постојано ги споменуваше сомневањата дали САД во случај на напад врз некој европски сојузник ќе пружи безусловна воена поддршка. Тој дури и се закани со напуштање на сојузот поради ниските одбранбени трошоци на земји како Германија.

USA, Washington: Mike Pence - NATO - Atlantischer Rat
Мајк Пенс во Вашингтон повеќе од две минути ја критикуваше ГерманијаФотографија: picture-alliance/AP/C. Owen

Фон Дер Лајен ги отфрла критиките

И германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен ги отфрла американските критики и нагласи дека Германија ќе ги исполни ветените обврски кон НАТО за зголемувње на трошоците за одбрана. Германската влада вети 1,5% издатоци за одбраната до 2024 година и зголемување во периодот потоа. Германија си стои на зборот, пишува Фон Дер Лајен во еден гостински коментар за „Пасауер ноје пресе“.

И министерката бара зголемување на буџетот за одбрана. „Добро е што буџетот за 2020 година се зголемува повторно за околу 45 милијарди евра, што е за 1,3% од БДП. Но планираниот раст за следните години сѐ уште не е доволен. Тоа мора да се промени, и тоа и го правиме."

Фон Дер Лајен нагласи дека сепак не може фокусот да биде само на трошоците за одбрана. „Германија е втора земја според бројот на војници кои се ангажирани во сојузот, а годинава и во 2023 ќе ги предводиме и силите за брза реакција на НАТО. Ние сме дом и на новиот центар за логистика на НАТО во Улм и правиме уште многу други работи."

СПД со критика до Трамп

Карл Хајнц Брунер, експерт во германската СПД за прашања на одбраната, ги отфрла барањата за зголемување на трошоците за одбрана за Германија како прекумерни. Ако Германија го исполни ветувањето како што бара Трамп - зголемување од 2% од БДП во одбраната - „тоа ќе биде 68 милијарди евра годишно", вели Брунер за „Аугсбургер Алгемајнен“. „Тоа е многу повеќе од она што го троши руската федерација на својата војска".

„Ние не треба да му удоволуваме на Трамп", вели политичарот на СПД. „За нашиот буџет за одбрана не одлучува Вашингтон, туку Бундестагот."

Afghanistan Masar-I-Scharif Ursula von der Leyen
Фон Дер Лајен: Германија си стои на зборотФотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

Турско-руски договор за оружје

Но, американскиот потпретседател Пенс по повод роденденот на Алијансата не застана само на нападите врз Германија. И Турција падна во немилост кај Вашингтон. Кавгата меѓу двете земји се врти околу купувањето на спорниот руски антиракетен систем од страна на Анкара. Во пресрет на средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Вашингтон, САД го засилија притисокот врз Турција која и натаму не се откажува од договорот со Москва.

Американскиот потпретседател Пенс изјави дека „Турција мора да избере дали сака да остане клучен партнер во најуспешниот воен сојуз во светската историја, или да ја ризикува безбедноста што произлегува од тоа партнерство преку неодговорни одлуки кои ги поткопуваат неговите темели?”

Доколку Турција го купи антиракетниот систем С-400, земјата ризикува да биде исклучена од програмата за воениот авион Ф-35. Одговорот стаса веднаш: „САД мораат да изберат”, напиша турскиот потпретседател Фуат Октај со сличен вокабулар на Твитер. „Сакаат ли да останат сојузници на Турција, или сакаат да го ризикуваат нашето пријателство со тоа што се здружуваат со терористи за да ја поткопаат одбраната на нивниот НАТО сојузник пред неговите непријатели?” Октај алудираше на поддршката на САД за курдската милиција ИПГ во северна Сирија. Анкара во нив гледа продолжена рака на курдската ПКК.

Повеќе: 

НАТО во кризен модус

Проширувањето на НАТО и моралниот крах на Русија

Добредојде за Северна Македонија во НАТО

Според информации на неговото министерство, американскиот министер за надворешни работи на САД, Мајк Помпео го предупредил турскиот колега Мевлут Чавушоглу на средба во Вашингтон дека своеглави турски воени операции во северна Сирија би можеле да имаат „катастрофални последици”.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган повеќепати се закани дека ќе преземе воени акции против ИПГ. Американскиот претседател Трамп пак ѝ се закани на Турција со економско уништување доколку ги нападнат Курдите во Сирија. Турција повторно јасно се спротивстави на барањата на САД да не купуваат антиракетен систем од Русија. „Договорот за С-400 е потпишан, ние не се повлекуваме”, рече Чавушоглу. Тој смета дека Турција не мора заради тоа да остане без борбените авиони Ф-35. Системот С-400 не мора да биде компатибилен со НАТО системите, изјави тој. Тоа, според него, е систем за сопствена одбрана. Чавушоглу ги предупреди САД да не ја ставаат Турција во позиција да бира, дали ќе одржува добри релации со Русија или САД. Примерот со Украина покажа каде води таков став, рече тој алудирајќи на тамошната граѓанска војна.

Свечени флоскули

Свечените флоскули што во Вашингтон и покрај големото неединство ги изнесе генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, делуваа некако бледо: „Европа и Северна Америка постојано заеднички и под исто знаме им служеа на мирот и демократијата”, изјави тој. Сојузниците и натаму стојат рамо до рамо за да се соочат со предизвиците на нашето време, рече Столтенберг.