1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија: Ќе успее ли четвртиот обид?

Роберт Шварц
30 јануари 2018

Првпат во историјата на Романија на чело на владата е жена - Виорика Данчила од Социјалдемократската партија, човек од доверба на партискиот шеф Ливиу Драгнеа, кој фактички во Букурешт ги влече конците зад сцена.

https://p.dw.com/p/2rkZX
Rumänien Vasilica Viorica Dancila
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Agerpres

По изборната победа на посткомунистичката Социјалдемократска партија на Романија, ПДС, од пред една година, партискиот лидер Ливиу Драгнеа четврти пат пат си ја пробува среќата со нова влада.  Неговиот прв предлог, веднаш по изборниот триумф во декември 2016. година, да стави на функција свој човек од доверба, беше одбиен од либералниот претседател Клаус Јоханис, поради национални интереси. Се претпоставува дека на муслиманката Севил Шаидех не ѝ беше дзоволено да ја преземе премиерската функција поради нејзиниот маж Сириец, кому му се припишуваат блиски контакти со Дамаск. 

Самоволна марионета

Но, владината коалиција од ПДС и помалиот партнер АЛДЕ брзо усогласи нов предлог: Сорин Гриндеану. Младиот социјалдемократски премиер од почеток се подреди на партиското раководство и послушно ги исполнуваше наредбите од паралелниот владин кабинет, создаден од претседателот на Парламентот Драгнеа во социјалдемократската партиска централа. Драгнеа радо самиот ќе ја водеше владата, но неговата осуденост за изборни манипулации и тековни судски процеси поради злоупотреба на службената должност и корупција, му ја одзедоа таа можност, согласно Уставот.

По само шест месеци поминати на чело на владата, Гриндеану влезе во клинч со Драгнеа, чија цел беше по секоја цена да ги разводни антикорупциските закони, што доведе до најмасовните протести во земјата по пресвртот од 1989. година. Премиерот беше соборен од својата сопствена партија со изгласување недоверба во парламентот, случај без преседан во Романија.

Повеќе на темата: 

Доста беше корупција!

Затишје пред бура во Романија?

Драгнеа веднаш извлече нов кандидат од големата волшебничка шапка на ПДС. Поранешниот министер за економија Михаи Тудосе требаше да ги реализира политичките визии и пред сѐ желбите на својот шеф, камуфлирани како реформа на правосудството. Но, и Тудосе издржа само половина година на премиерската функција. Му пресуди конфликт со министерот за внатрешни работи, поранешен соработник и близок човек на Драгнеа. По кратка постапка, Драгнеа и моќните регионални барони и покраински партиски шефови од ПДС го симнаа Тудосе од сцената.

Rumänien Vasilica Viorica Dancila
Стари познаници: Виорика Данчила и Ливиу ДрагнеаФотографија: Getty Images/AFP/O. Ganea

На ред е жена

Во досегашните персонални предлози за премиерската функција немал среќа, изјави Драгнеа неодамна во едно телевизиско интервју. Затоа, сега ќе се советува со партиското раководство. Резултат: нов премиер е уште една поранешна соработничка и повереничка на Драгнеа. Виорика Данчила, исто како и министерката за внатрешни работи Кармен Дан, соработувала со Драгнеа во периодот кога раководел во округот Телеорман.

По, како што рече, „опсежни размислувања“, а имајќи ги предвид уставните одредби и постоечкото парламентарно мнозинство, романскиот претседател Клаус Јоханис го прифати предлогот. Но, социјалдемократите треба да ги реализираат изборните ветувања, инсистира тој. Вчера, кога новата романска влада положи заклетва, Јоханис експлицитно предупреди од пречекорување на црвените линии во областа на правосудството.

Данчила во Букурешт е сосем непозната. Последните девет години поминати како европратеник, остана речиси незабележана, во Европарламентот единствено била активна при одбрана на т.н. реформа на правосудството во Романија.

Новата влада е мешавина од досегашни министри и нови лица. Се чини, сите нив ги обединува една желба: конечно да успее четвртиот обид да му се помогне на Драгнеа и неговите пријатели во политичко „перење“.

ЕУ е загрижена

Европската комисија очигледно ја проѕре играта. Претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер и неговиот заменик Франс Тимерманс остро ги критикуваа континуираните обиди за разлабавување на антикорупциските закони. „Со загриженост го следиме најновиот развој во Романија. Независноста на романскиот судски систем и неговата способност за успешно сузбивање на корупцијата се важни столбови на силна Романија во ЕУ“, се вели во соопштение на двајцата ЕУ-политичари.

Денеска романскиот претседател Клаус Јоханис, поборник на правната држава, во Брисел се среќава со Јункер и со претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, за да разговара околу политичката ситуација во Романија.