1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русинки раѓаат бебиња во САД заради државјанство

Јури Решето
1 ноември 2018

Илјадници Русинки годишно ги раѓаат децата во САД, зашто така тие автоматски добиваат американско државјанство. Дали плановите на Трамп за промена на Законот за државјанство во САД, ќе го запрат овој „беби-туризам“?

https://p.dw.com/p/37S8j
Schwangere Frau am Strand
Фотографија: Kate Hairsine

Насмеани бебиња, мајки кои зрачат од задоволство, убави плажи. Така руски фирми врбуваат нови бремени клиентки на интернет да дојдат на Флорида за таму да ги донесат на свет своите деца. Под палмите и сјајното сонце. Сепак, многу повеќе отколку палмите и сонцето, богатите Русинки го ценат американскиот пасош што автоматски го добиваат нивните новороденчиња.

Беби-туризам

Веќе со години рускиот т.н. беби-туризам доживува вистински бум. Дневно до осум бремени жени седнуваат во авион од Москва до Мајами, ако им се верува на рекламите на туристичките агенции. А нив на пазарот ги има околу 15. Антон Јачменев претставува една од нив. Неговата фирма едноставно се вика „Мајами кер“. Таа има десет вработени: правници, медицинари, преведувачи, возач и „консултанти“ - советници сместени во Мајами. Антон Јачменев работи од Москва. Во базата, како што би се рекло. Клиенти му се жени и нивните сопрузи. Но, понекогаш има работа и со љубовниците, ако сопрузите не смеат ништо да знаат, се смее Јачменев при разговорот со Дојче веле.„Нудиме сосема различни услуги. Пакетите се индивидуални и насочени кон потребите и длабочината на џебот на нашите муштерии“, вели тој. Јачменев притоа го употребува терминот „глобален туризам“, иако јасно вели дека за него во прашање е бизнис. „И тоа добар бизнис“, додава тој, кој, како што истакнува, од 2016. година сѐ повеќе се исплаќа, зашто оттогаш  Русите ја надминаа својата финансиска криза и имаат повеќе пари.

Грото клиенти доаѓаат од Москва

Услугите на „Мајами кер“ годишно ги бараат до двесте бремени жени. На Флорида ги очекува комплетен пакет, што во руски превод значи транспорт, сместување, медицинска и правна помош. „Не сме евтини“, вели Јачменев. „Кој Русин може да си дозволи да плати три илјади долари за три месеци“, и навистина, кој има таква можност?

„Преку половина од нашите клиентки доаѓа од Москва, другата половина доаѓа од цела Русија, првенствено од северниот дел. Таму каде има нафта и пари“, вели Јачменев.

Најголем дел од клиентките лета за Мајами, зашто животот таму наводно е најевтин. И најмногу руски. „Кога во Холивуд ќе видите жена со детска количка, тогаш да знаете дека секоја втора е Русинка“, вели Јачменев. Во Мајами живеат бројни руски поп-ѕвезди, кои исто така тука ги родиле своите деца. „Тоа е аргумент повеќе за да ѝ се верува на нашата фирма“, дополнува Јачменев.

Колку деца од руски мајки се родени во САД, не е познато. Официјални статистики поврзани за беби-туризмот не постојат. Американскиот Центар за мигрантски студии проценува дека годишно има 36.000 бебиња родени од мајки-странци.

Дали фирмата „Мајами кер“ мора да стравува за својот вносен беби-бизнис? „Во никој случај“, вели Јачменев. „Напротив, во последните 48 часа не можеме да се одбраниме од повици. Целата приказна околу плановите на Доналд Трамп ни оди само во прилог! Оној кој досега само размислувал, сега сигурно ќе сака неговото дете да се роди во Мајами! Таквите планови на Трамп сега се наша најдобра реклама“, вели Јачменев.