1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија пред КГБ-камбек

Роман Гончаренко / ЕМФ21 септември 2016

Во Русија уште пред претседателските избори во 2018-та треба да се основа ново Министерство за државна безбедност. Некогаш моќната советска тајна служба КГБ би можела да се врати под име од времињата на Сталин.

https://p.dw.com/p/1K5nX
Централата на ФСБ во МоскваФотографија: imago/Hansjörg Hörseljau

Невообичаено автокорзо летово предизвика внимание во Русија. На почетокот на јули на интернет се појави аматерска видео-снимка, на која се прикажани момчиња во околу 30 црни џипови од германска марка на московските улици. Тоа беа апсолвенти на Академијата на тајната служба ФСБ кои гласно го славеа своето дипломирање. Младите луѓе во бели кошули се презентираа како елитна единица, како владатели со земјата. Скандал кој се вртеше пред сѐ околу демонстративно фалбаџискиот настап на момчињата. Офицерите и нивните претпоставени беа уназадени по ранг, а дел од нив и отпуштени, јави подоцна ФСБ

Случајот е симбол на позицијата што тајната служба ја има во денешна Русија. Од стапувањето на власт на претседателот Владимри Путин, кој во советските времиња и самиот беше офицер на Комитетот за државна безбедност (КГБ) и кон крајот на 1990-тите раководеше со наследничката на КГБ - ФСБ, влијанието на службата постојано се зголемуваше. Со години на клучни позиции во државата се поставуваат луѓе кои порано работеле за тајната служба.

Од три - едно

Сега можеби се презема уште еден чекор во таа насока. Тајните и безбедносните служби треба да бидат темелно реформирани, напиша во понеделникот московскиот весник „Комерсант“. Планирано е основање Министерство за државна безбедност (МГБ). Новото супер-министерство би требало да настане со спојување на ФСБ и службата за разузнавање СВР. Кон него треба да се приклучат и делови на Службата за заштита ФСО, која е надлежна за безбедноста на врвните политичари и службеници.

„Фактички станува збор за тоа на ФСБ да ѝ се вратат задачите што ги имаше поранешната КГБ“, напиша „Комерсант“. Освен тоа, планирано е новото министерство во посебни случаи да води истрага и самото или да смее да ги надгледува истрагите на други правосудни органи. Новото МГБ би требало да биде основано уште пред претседателските избори во 2018 година.

Широката реформа на безбедносните сили почна уште пролетта со основањето на Руската гарда. Новата организација почива врз основа на т.н. интерни трупи, единица на Министерството за внатрешни работи слична на армија. Руската гарда е под команда на Путин. На нејзиниот врв е поставен поранешниот шеф на телохранителите на претседателот, Виктор Золотов. Дел од набљудувачите претпоставуваат дека Руската гарда е основана пред сѐ со цел да задушува можни граѓански протести. Вакви протести сѐ уште нема на повидок, но економската состојба во Русија се влошува, пред сѐ поради ниските цени на нафтата. Оттука, можни се социјални немири.

Wladimir Putin Russland Präsident
Путин ги реформира безбедносните органи пред претседателските избори во 2018 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/Y. Kochetkov

Име со темно минато

Властите во Москва ниту го потврдија ниту го демантираа извештајот на „Комерсант“. Нејасно е дали новото министерство ќе го добие навистина името МГБ. Рускиот поблицист Олег Кашин се сомнева во тоа. Името е историски оптоварено, изјави Кашин за ДВ. Познатата советска тајна служба името МГБ го носеше од 1946 година сѐ до смртта на Сталин во 1953-та. „Се работи за само неколку повоени години, но токму тогаш имаше страшен бран репресии од страна на Сталин“, се сеќава Кашин. Советската МГБ во тоа време постапуваше особено остро против оние кои мислат поинаку и осомничените странски шпиони во сопствената земја.

Метаморфозите на Путин

Враќањето кон Советскиот сојуз завршено?

Ако ФСБ навистина добие компетенции и уште и старото име од времињата на Сталин, тоа би се вклопило кон концептот на враќање кон советските симболи и практики кои ги форсира рускто раквовдство. Овој процес почна уште во 2000 година, со враќањето на мелодијата на советската химна. Сталин и неговото владеење „со железна рака“ со години се глорифицираат од страна на државните медиуми. Ширум земјата се поставуваат споменици на Сталин, неговите слики постојано ги има на улични плакати.

Во последните две години, особено по анексијата на Крим, овој процес значително се забрза. Мнозинството Руси (54 проценти) позитивно ја оценуваат улогата на Сталин во Советскиот сојуз, покажаа резултатите од истражувањето на јавното мислење во март фодинава кое го спроведе Левада-центарот. Секој четврти Русин смета дека теророт на Сталин бил „неопходен“. Вакви ставови се шират сѐ повеќе, оцени Левада-ценатрот. Со оглед на тоа, реформите и преименувањето на ФСБ во МГБ се чинат како повлекување крајна линија.