1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускоска: Никој не влијае врз мојата работа

26 февруари 2020

Досега никој не ми се јавил за да влијае да постапувам вака или онака, или за да не постапувам“, тврди обвинителката, по вчерашните опозициски обвинувања дека Обвинителството штити некого.

https://p.dw.com/p/3YRY5
Nord-Mazedonien | Vilma Ruskoska, mazedonische Staatsanwältin
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Остри критики упати лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на сметка на обвинителството и судовите во неговото обраќање на вчерашниот протест против неправдата. Осврнувајќи се на аудио-снимката во која се слуша гласот на поренешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, снимка што ја презентираше нивниот пратеник, Антонијо Милошоски, а вчера и ја достави до Обвинителството, Мицкоски изрази незадоволство од постапувањето на Обвинителството. 

„И еве, поминаа повеќе од 48 часа, а нема никаква, никаква суштинска реакција ниту од Рускоска, ниту од било кој друг. Ако Заев е ‘капо де тути капи’ на мафијата, главните советници и верни заштитници на неговиот криминал се Вилма Рускоска и Љубомир Јовевски, запаметете ги овие имиња. А, гледаме дека ништо помалку не биле ни тие од Врховниот суд, врховните судии. Нивните усти се замолкнати, додека ни се уништува државата, додека ги губиме институциите. Овие двајца, плус уште неколку врховни судии засилени со уште неколку медиумски слуги кои не се новинари, а така се претставуваат, се единицата за брза интервенција за спасување на Зоран Заев“, обвини Мицкоски.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Не штитам никого

„Постапувам за оваа пријава исто како што постапувам и за секоја друга“, вели за ДВ, обвинителката Вилма Рускоска.

„Вчера Антонијо Милошоски ме праша каква е понатаму процедурата со аудио-снимката што ја достави. Направив една паралела. Кога Јордан Камчев дојде да поднесе пријава, достави аудио и видео снимки, а при поднесувањето на записникот за кривичната пријава посочи и лица кои би можеле да посведочат за веродостојноста на тоа што тој го кажува. И додека се чекаше вештачењето на материјалите што ни ги достави, лицата што ги посочи беа повикувани да дадат исказ. Му сугерирав и на Милошоски - ако може да посочи сведоци, бидејќи така многу би се забрзала постапката“, вели обвинителката Рускоска. 

Повеќе на темата: 

-ВМРО-ДПМНЕ маршираше против неправдата под мотото „Заев е виновен“

-Џуџето од Кичево стана џинот на ВМРО ДПМНЕ

-Кој ја кочи правдата?

Првата аудио-снимка што ја доставил Милошоски веќе била на вештачење, а вчера била испратена и втората. Во однос на тврдењата дека преку снимки од видео надзорот во зградата на Владата лесно може Обвинителството да утврди со кого се среќавал и разговарал Заев во мај (периодот на разговор од аудио-снимката), обвинителката вели дека е тоа е лесно, но ако имаат сознанија кој ден била посочената средба, имајќи предвид колку луѓе дневно влегуваат во премиерскиот кабинет, а камоли во текот на цел месец.

Рускоска ги отфрла опозициските обвинувања дека Обвинителството штити некого или дека работи под нечиј диктат.

Nord-Mazedonien Prozess "Reket", Gerichtssaal in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Најискрено ви кажувам, досега никој не ми се јавил за да влијае да постапувам вака или онака, или за да не постапувам“, тврди обвинителката.

На прашањето дали можеби владее автоцензура или одредена инхибираност кога се во прашање постапки во однос на лица од власта, Рускоска е децидна: „Апсолутно не!“ 

Не се меша, но има барања

Мицкоски на вчерашниот протест изјави дека се залага за апсолутна правда. „Слушнете ме добро, јас сум за апсолутна правда, и сакам јасно да подвлечам дека не сме сите исти, многу сме различни. Не сме сите исти, затоа што ниту денес, а ниту утре кога граѓаните ќе ни дадат мандат, нема на памет да ми падне да се мешам во судската власт“, вети лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. 

Набрзо потоа рече дека дошле пред институциите, за да испорачаат три барања. „Прво, покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев кој се меша во обвинителски и судски постапки, и одлуки на Врховниот суд. И тоа истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност. Мора да има обвинение по кое Зоран Заев ќе одговара за злоупотреба на службена должност и попречување на правдата и понижување на државата“, побара Мицкоски.

Nord-Mazedonien, Skopje: Protest der VMRO-DPMNE
Фотографија: picture-alliance/AP/B. Grdanoski

Второто барање е итна и неодложна ревизија на работата на Врховните судии без исклучок и ревизија на нивните одлуки, и третото- итна реформа на Советот за реформи во правосудството што ќе подразбира времено суспендирање на секаква негова активност поради контаминираноста на неговата работа и барање на меѓународна експертска помош во реализирање на реформите. „Очекуваме реакција, и тоа брза, одлучна реакција, а доколку ја нема, народот е тука и веќе добро знае што треба да направи и каков громогласен одговор следи на 12-ти април“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.