1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

САД: Нов корона-рекорд спроти Денот на независноста

СН/агенции
3 јули 2020

Токму пред националниот празник- 4 јули, во САД е регистриран нов рекорд на нови случаи на Ковид-19. Со оглед на ова бројни американски сојузни држави повторно воведоа рестрикции за продолжениот празничен викенд.

https://p.dw.com/p/3ekfG
USA Miami | Coronavirus | Jackson Memorial Hospital
Фотографија: Reuters/M. Bello

Коронавирусот продолжува да се шири екстремно брзо во САД. Втор ден по ред, бројот на нови инфекции на национално ниво надмина 50.000, а и одделни сојузни држави исто така се борат со контантно нови рекордни бројки на нови инфекции. Со зголемена загриженост, експертите гледаат кон претстојниот продолжен викенд за националниот празник на 4 јули. 

Со 53.069 нови случаи на Ковид-19 во последните 24 часа, бројката на новоинфицирани достигна нов рекорд, соопшти универзитетот Џонс Хопкинс во Балтимор. Со тоа е надминат рекордот од претходниот ден кога беа забележани 52.898 нови случаи. Во изминатите 24 часа од последиците на болеста починале 649 луѓе а од почетокот на епидемијата близу 129 илјади. 

Вкупно во САД досега од коронавирусот се заразиле преку 2,7 милиони луѓе, и со тоа и натаму се без конкуренција најтешко погодена земја во светот од коронавирусот. Експеритет сметаат дека веќе во наредната недела ќе биде надминат бројот од 3 милиони инфицирани.

Инаку трендот на рапиден раст на нови инфекции беше забележан уште во минатата недела: повеќе од 40.000 случаи беа регистрирани дневно, а пред само две недели беа во просек околу 22.000.

„Ако ситуацијата во погодените земји не се стави под контрола, можни се и до 100.000 нови инфекции на ден низ целата земја“, предупреди главниот имунолог во САД, Ентони Фаучи на сослушувањето во Сенатот.

USA Washington | Coronavirus | Anthony Fauci, Wissenschaftler
Ентони Фаучи, главниот имунолог во САДФотографија: Reuters/K. Dietsch

Нови жаришта, нови рекорди

Топлите, јужни и југозападни сојузни држави во моментов се најпогодени: Флорида, Аризона, Тексас, Џорџија, Северна Каролина и Калифорнија. Особено градовите долж морскиот брег со голема загриженост го очекуваат претстојниот празничен викенд- по повод Денот на независноста на САД, 4 јули.

Повеќе:

-САД пред голем проблем – случаите на Ковид-19 достигнаа нов рекорд

-САД ги купија сите залихи на ремдесивир, за светот не остана ништо

-Фаучи загрижен - ЕУ не ги отвора границите за државјани од САД?

Многу плажи, барови и ресторани повторно се затвораат. Ако некој сака да патува, мора однапред да се информира: неколку сојузни држави, но и градови како Чикаго, воведоа карантин за гости од одредени држави проследено со закана од парични казни.

Флорида, со околу 22 милиони жители, е едно од новите жаришта и бележи рекорд - околу 10.000 нови случаи само во четврток. „Сончевата држава“ досега има регистрирано околу 160 000 инфекции и 3.550 смртни случаи. Илјадници нови случаи сега се регистрираат секој ден, повеќе отколку во која било друга американска сојузна држава.

Corona Auswirkungen weltweit / USA
Плажа на ФлоридаФотографија: Reuters/S. Nesius

Најлошата состојба е на југоисточниот брег на Флорида, каде се наоѓаат Мајами, Форт Лодердејл, Палм Бич, односно каде се наоѓа имотот на претседателот Доналд Трамп, замокот Мар-а-Лаго. Речиси половина од новите случаи се деца, тинејџери и адолесценти, а не постари лица како во април.

Како и претседателот на САД Доналд Трамп, така и републиканскиот гувернер на Флорида Рон Десантис истакна дека растечкиот број на инфекции се должи на зголеменото тестирање - како и на неразумноста на многу помлади луѓе кои организираат забави  на плажа или во барови како вирусот да не постои.

Прослави сепак ќе има

Не само на Флорида  новозаразените се помлади: просечната возраст во Тексас сега е помеѓу 34 и 36 години; во Калифорнија и Аризона, половина од заразените се на возраст меѓу 18 и 49 години. Како последица на тоа, баровите во Тексас, Калифорнија и во делови од Мичиген во меѓувреме повторно се затворени; а на Флорида повеќе не им е дозволено да служат алкохол.

Од денекса во САД започна продолжен викенд заради националниот празник- 4 јули. Ова предизвика загриженост дека стапките на инфекција би можеле да продолжат да се зголемуваат. За Денот на независноста американските граѓани традиционално прават семејни собири и излети на отворео, а има и огномет. Калифорниската метропола Лос Анџелес, меѓутоа веќе го откажа огномет.

Mount Rushmore
Планината РашморФотографија: Getty Images/S.Olson

Наспроти тоа , Трамп опстојува на голем огномет во денеска вечер (по локално време) на планината Рашмор, гигантскиот споменик за поранешните американски претседатели во сојузната државата Јужна Дакота. Се очекува присуство 7500 гледачи. На самиот Ден на независност, Трамп планира да учествува на голема церемонија во главниот град Вашингтон, за која исто така е планирано да вклучува и голем огномет.