1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД: Убивање во име на правдата?

Симон Брол/ Симе Недевски11 јули 2014

Смртната казна и денес е во сила во 32 американски држави. Во Џорџија и во Флорида деновиве планирани се нови погубувања, ама противниците на ваквиот вид казнување се побројни, погласни и подобро организирани

https://p.dw.com/p/1CYwf
Фотографија: dapd

Кристин Фрејлик се бори да остане мирна додека говори за убиството на брат ѝ. Минаа веќе 19 години откако Дејвид и неговите 4 пријатели ги уби сопственикот на станот во кој живееја во Конетикат. Сепак Кристин денес мора да пронајде вистински зборови. Таа отпатува во Вашингтон за пред други да говори за своите чувства, за немоќта, тагата, ама и за смртната казна. „На жртвите им е потребен поинаков начин да ги залечат своите рани и да продолжат со животот, а не погубување и смртна пресуда“, вели таа пред насобраните демонстранти кои бурно го поздравуваат секој нејзин збор.

„Не можеме да ги убиеме сите убијци“

Кристин е социјална работничка а сега стои пред Врховниот суд на САД со микрофон в раце. Тоа е единствената установа која во САД може да ја укине смртната казна на државно ниво. Претседателот има право на помилување, ама само во исклучителни случаи, а прашањето на егзекуција на криминалците во САД им е препуштено на сојузните држави. Во Делавер, каде во моментов живее Кристин, смртнта казна е дозволена. Барем засега.

Имено бројот на противници на смртната казна во САД расте. Според најновите истражувања , егзекуција на криминалци поддржуваат само уште 55 насто од Американците. Тоа е голема разлика од пред 20 години кога за смртната казна се изјаснуваа 78 насто од граѓаните. Паралелно со тоа расте и бројот на сојузни држави во кои се укинува смртната казна. Во последните седум години тоа го сторија Њу Џерси, Њу Мексико, Илиноис, Конетикат и Мериленд. Се очекуваат и референдуми за тоа прашање во Колорадо, Калифорнија и во Делавер. Абрахам Боновиц од Акцискиот комитет за аболиција смета дека тоа е добар знак.

Demonstranten tragen ein Plakat vor den Supreme Court USA in Washington Todesstrafe
Фотографија: Simon Broll

Организацијата на која и припаѓа Боновиц се залага за забрана на смртнта казна на ниво на целата држава. Досега смртната казна се практикува во 32 од 50 американски сојузни држави. Најновите егзекуции се закажани за денеска во Џорџија и во Флорида.

Погрешни пресуди

Боновиц некогаш сметаше дека во тешки случаи се оправдани драстични мерки па и одземање на живот. Но во меѓувреме го промени мислењето: „Во еден момент сфатив дека не можеме да ги убиеме сите убијци. Но како да одлучиме кои криминалци би требало да се погубат? Забележав дека најчесто избираме луѓе кои се сиромашни, кои не можат да платат адвокат, кои убиле белци“, објаснува Боновиц и истакнува дека тоа нема никаква врска со правдата.

Една од причините за опаѓање на поддршката за смртната казна во САД е бројот на погрешни пресуди, вели Сара Крофт од организацијата „Еднаква правда во САД“. Крофт исто како и Боновиц и Фрејлик се наоѓа меѓу демонстрантите пред Врховниот суд на САД: „Има сѐ повеќе приказни за луѓе кои невини се осудени на смрт и потоа ослободени. Според податоците со кои располага американскиот Центар за информации за смртната казна , укинати се 144 такви пресуди. Бројот на луѓе кои невини и натаму седат во затвор е далеку поголем“, вели Сара Крофт која се надева дека таквите случаи ќе ги придвижат луѓето јавно да и се спротистават на смртната казна.