1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит без имиња?

17 март 2010

Словенија се подготвува да биде домаќин на Европско-балканскиот самит, кој треба да се одржи на 20 март на иницијатива на Љубљана и Загреб.

https://p.dw.com/p/MV36

Идната сабота во Брдо крај Крањ, на заедничка иницијатива на Љубљана и Загреб, треба да се одржи Европско-балкански самит, наречен „Заедно за Европската унија - придонесот на Западниот Балкан за европската иднина“. На него се очекуваа да присуствуваат сите премиери од поранешната Југославија плус Албанија, како и голем број лидери на ЕУ.

На самитот му се заканува неуспех

Но, на самитот му се заканува неуспех поради учеството на Србија и на Косово. Имено, официјален Белград предупреди дека нема да испрати своја делегација доколку „територијалниот интегритет на Србија не биде почитуван“, односно доколку косовската делегација биде презентирана како суверена. Прашањето за учеството на косовската делегација го отвора жешкото прашање за тоа како треба да се третира новата држава на меѓународни собири. Дипломат во Брисел смета дека е време да и се стави крај на оваа дилема.

Едно од решенијата кои ги разгледуваат организаторите на самитот е да не се користат воопшто имињата на државите, туку само личните имиња на присутните гости, јавуваат денеска веб порталите „Вац“ и „ЕУ Обсервер“ во Брисел.

EU, Mazedonien, Landscape

Ова решение би и одело во прилог и на македонската делегација предводена од премиерот Никола Груевски, бидејќи на овој начин нема да се постави прашањето за името на Македонија на овој собир.

Пахор не се откажува

Анонимен дипломатски извор во Брисел шегувајќи се со насловот на самитот, изјавил дека сите овие протоколарни проблеми покажуваат дека придонесот на Балканот во ЕУ се состои од несогласувања, спорови, детско однесување и неподготвеност за компромис, пренесува утрово „ЕУ Обсервер“.

Jadranka Kosor mit Borut Pahor
Борут Пахор и Јадранка КосорФотографија: picture-alliance/ dpa

Според медиумските извештаи во Брисел, словенечкиот премиер Борут Пахор не се обесхрабрува иако во повеќе наврати се размислувало за откажување на самитот, сепак Љубљана е решена да го одржи овој собир, а премиерот е уверен дека Борис Тадиќ и Хашим Тачи ќе успеат да седнат на иста маса. Во моментов останува сосема неизвесно кој ќе се појави на самитот, како од српска и косовска страна така и од страна на ЕУ.

Високата претставничка Кетрин Ештон ја одби поканата поради обврски на Блискиот Исток, а од кабинетот на европскиот претседател Херман Ван Ромпеј не можеа со сигурност да ни кажат дали тој ќе учествува, иако е официјално поканет.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска