1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиските жени ќе можат да возат, но пречките остануваат

БГ
27 септември 2017

Иако саудиските жени со радост ја поздравија веста дека ќе смеат да возат сопствени возила од следната година, тие сепак се соочуваат со мрежа од забрани во конзервативното исламско кралство.

https://p.dw.com/p/2kn2T
Saudi Arabien Verschleierte Frau in einem Auto in Riad
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/Str

Главната кочница во Саудиска Арабија останува ткн. систем на старателство, според кој, жените мора да добијат дозвола од машки член на семејството за некои од најважните или дури и вообичаените одлуки во нивниот живот.
Тоа значи дека жената е принудена да побара дозвола од својот помлад брат доколку и е потребен медицински преглед или сака да патува во странство.
На жените генерално им е забрането да се социјализираат со мажи надвор од семејството, и можат да завршат во затвор за таков прекршок. Но, и откако ќе ја одлежат казната, нивниот машки старател може да одлучи да не го потпиште отпустот со што тие остануваат во надлежност на државата.
Едно ограничување беше намалено минатата недела, откако на жените им беше дозволено да влезат во спортскиот стадион во Ријад, но во семејниот дел, одделно од мажите.
Жените се ограничени и во бракот. Освен забраната, која важи и во многу други муслимански земји, да се мажат за немуслимани, тие не смеат да стапуваат во брак ниту со Шиити или комунисти (атеисти).

Некои други ограничувања во меѓувреме беа отстранети, но тие се уште се злоупотребуваат на ад-хок основа од некои порадикални членови на општеството.

Во затвор поради мини-здолниште

Во мај, кралот Салман им нареди на владините служби да им дозволат на жените да добиваат услуги без дозвола од машки старател, но остави простор случаите да се решаваат согласно исламскиот закон.

Владата повеќе не бара дозвола од старател за вработување на жени- кралството сака да го зголеми бројот на жени во службите како дел од новиот реформски план- но активистите велат дека многу работодавци сѐ уште бараат дозвола пред вработувањето.

Правилото за облекување во кралството им налага на жените да носат „абаја“ (наметка) и превез, иако последното само селективно се спроведува. Во Ријад, некои саудиски жени веќе почнаа да ги покажуваат лицата, што може да се смета за промена, со оглед дека досега смееја да ги покажуваат само очите- или дури ни тоа. Жените од странство, кои досега беа обврзани да носат превез, сега можат да поминат и само со наметка.
Саудиската активистка Манал- ал Шариф, која го предводеше женското протестно движење од 2011 година под името „Жените да возат“, веќе е насочена кон следната цел. Деновиве таа твитна:
„Завршивме со возењето на жените, продолжуваме со Јас сум самата свој старател“.
"#Women2Drive done #IamMyOwnGuardian in progress".