1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Светот стенка под товарот на долговите

Даниел Пелц
6 април 2019

Според „Извештајот за задолженост 2019” задолжувањето ширум светот е драматично, со растечка тенденција.

https://p.dw.com/p/3GFWd
Symbolbild 560 Euro Grundeinkommen
Фотографија: picture-alliance/chromorange/C. Ohde

Кога циклонот Идаи во март го погоди Мозамбик, погоди земја која и онака беше во катастрофална состојба. Мозамбик со години има долгови кои достигнуваат милијарди, пари кои им недостасуваат за справување со актуелната катастрофа. 1,85 милиони лица се погодени од поплавите, во многу региони се заканува да избие епидемија на колера. Ситуацијата е сериозна и во соседните сиромашни земји Зимбабве и Малави.

„Ситуацијата е драматична”, вели Клаус Шилдер од католичката хуманитарна организација Мизереор. За Мозамбик тој бара мораториум на долговите, а среднорочно требало да се разгледа и кратење на долговите. „Тоа би било и одлична можност да и’ се остави на земјата простор за маневар во услови на итна состојба”, вели Шилдер.

Според „Извештајот за задолженост 2019” на здружението „ерласјар.де“, состојбата во цел свет е драматична. Сојузот од цркви и невладини организации заедно со Мизереор го претставија Извештајот во Берлин. Од 154 истражени земји, кај 122 задолжувањето има критични размери. „Се работи за драматично високо ниво на презадолженост”, вели Јирген Кајзер од „ерласјар.де“.

Infografik Verschuldungssituation in Afrika DE
Презадолженост во Африка (темно сино - многу критично, сино - критично, светло сино - малку критично, зелено - не е критично, сиво - нема податоци)

Ситуацијата не е загрижувачка само во Африка, туку и во азиските земји како Монголија, Бутан и Бахреин и Либан од Блискиот Исток. „Особеност на Африка е што речиси сите земји се погодени. Речиси нема сиви места на нашата карта за Африка”, вели Кајзер за ДВ.

Пет африкански земји од 2015 ги прекинале исплатите на своите долгови: Гамбија, Ангола, Јужен Судан и Сао Томе и Принципе. И Еритреја, Сомалија и Судан не ги плаќаат своите долгови. Во Мозамбик и Конго причината е политичка неодговорност, бидејќи владите тајно земале кредити во висина од повеќе милијарди. Во други земји, според Кајзер, задолжувањето е предизвикано од друг феномен: заради ниските камати во цел свет кредитите станаа поевтини. Земјите на југот си позајмувале се’ повеќе пари за да градат инфраструктура како улици, шини и аеродроми. Странски влади и институции како Светска банка, според авторите на извештајот, дополнително го поттикнуваат задолжувањето со тоа што даваат кредити.

Повеќе: 

Простувањето долгови е „морален хазард“

„Кина не е лошото момче”

Важен играч во Африка е Кина. Меѓу 2000 и 2017 земјата на африкански земји и компании одобри кредити во висина од 143 милијарди евра. Но, „Кина не е лошото момче”, вели Кајзер. На африканските земји и во минатото наголемо им се простувале долгови. Авторите ги обвинуваат и Светската банка и европските развојни иницијативи како соодговорни за проблемот со задолжувањето. Иницијативи како „Компактно со Африка”, која настана за време на германското претседавање со Г-20, со себе носат, во зависност од модалитетите за финансирање, голем ризик од задолжување”, вели експертот на Мизереор, Шилдер. Сојузната германска влада во моментов планира нов инвестициски фонд во висина од една милијарда евра, кој треба да овозможи кредити за Африка. Додека во некои африкански земји се формираат граѓански иницијативи, многу други влади не ја сфаќаат сериозноста на ситуацијата. „Се наоѓаат многу оправдувања и владите грубо отфрлаат дека се наоѓаат на патот на нова должничка криза”, вели Кајзер.

Jürgen Kaiser
Кина не е лошото момче, вели Јирген КајзерФотографија: Gökcen Bürlükkara

Притоа, најмногу страдаат граѓаните, како во Мозамбик, каде што владата уште пред циклонот Идаи немаше пари за училишта или клиники. Милиони луѓе се погодени од последиците: „Кога големиот дел од буџетот на една земја се одлева за сервисирање на долговите за владата, невозможно е да одвои потребни средства за здравство или образование”, вели Шилдер.

Авторите на извештајот бараат светски регистар на задолжени. Во него треба да бидат евидентирани долговите на сите земји, вклучително и модалитетите за враќање, должниците и другите трошоци. Покрај тоа „ерласјар.де“ се залага за меѓународно важечка постапка за стечај. Високо задолжени земји треба така да добијат регулиран начин на отплата на долговите без да мора граѓаните да ги трпат последиците. Тоа не се очекува во блиска иднина: иницијатива за таква постапка има веќе 20 години.