1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За вечна слобода на автономијата на Универзитетот!

Катерина Блажевска19 февруари 2015

Нема да трае оваа универзитетска слобода само десет или дваесет дена! Автономијата мора трајно да живее. Секој ден! И за нас, и за генерациите што доаѓаат по нас, најавуваат студентите

https://p.dw.com/p/1EeNi
Фотографија: DW/K. Blazevska

„...Будите нам гости, дани забране су прошли, сви су добродошли, сви су добродошли...“

(Бидете ни гости, деновите на забрана поминаа, сите се добредојдени, сите се добредојдени)

Додека влегувам во слободната универзитетска зона, слушам како студенти си го потпевнуваат рефренот на популарниот босански бенд „Дубиоза Колектив“, кој вчера самоинцијативно допатува во Скопје само за да му изрази поддршка на Студентскиот пленум. Полека се спушта мрак над платото на УКИМ, на кое само пред неколку часа ечеа песните на бендот пред многубројната студентска публика.

Надвор тивко, внатре во зоната - динамично. Дебатираат Марија, Дамјан, Весна, Александар, Дарко..., а рамо до рамо со нив и Блаже Конески. Чиниш, пие кафе заедно со студентите што го ослободија Филолошкиот факултет, кој го носи неговото име. Околу бистата на овој поетски горостас и кодификатор на македонскиот литературен јазик, денес се одвиваат најфреквентните активности во слободната универзитетска зона. На десната страна од него е таблата на која секој ден се објавуваат дневните активности - предавања на професори, концерти, изложби перформанси... На левата - пораките што ги испишуваат студентите. Пред него, се шири поглед на факултетската аула полна со студенти, кои на тоа парче академска земја, се борат за сето она што им го гарантира Уставот - од право на универзитетска автономија до право на одлучување за сите закони што се носат за нив, а за жал, досега без нивно учество.

Mazedonien Studierende in Skopje Proteste
Фотографија: DW/K. Blazevska

Гледајќи го Конески, толку живо опкружен со внуците на неговите современици, добивате чувство дека ги шепоти сопствените стихови.

Неук, си мислев:
па тие тука
случајно се јавуваат.
А сега назад погледнувам,
гледам -
па тие ме обврзуваат!
(„Песните“)

Дали сте за чај? - ме прашува еден од студентите, кој го подговуваше топлиот напиток за сите што синоќа (18.02.) се подготвуваа да ја поминат ноќта во аулата на слободната зона. А тие не се малку.

„Во просек, меѓу 80 и 150 студенти ја поминуваат ноќта овде, на Филолошко-Филозофскиот факултет. Мермерот е студен, но атмосферата, како што гледате, е многу топла“, вели студентот.

Се очекуваше за еден час атмосферата да стане уште потпола со одржувањето на најавениот перформанс на германски јазик, под наслов „Ќе има војна“. Се разбира, не војна во вистинска смисла. Во тоа ме уверуваат и волонтерите кои на студентите им подготвуваат топли оброци. Тие ја открија „енигмата“ зошто меѓу намирниците кои деновиве им недостигаа на студентите, беше и маслото за јадење.

„Топли јадења за студентите подготвуваме ние, од движењето 'Храна, а не оружје'. Имаме овде свое катче. Тоа го правиме доброволно. Истото го правиме и во текот на неделата за гладните и сиромашните во градов“, вели Небојша Додевски, гуру на Движењето. На крајот од неделата добиваат намирници од пазарите кои останале непродадени. Ги селектираат зеленчуците, ги избираат здравите делови и - подготвуваат топли оброци.

Како се ближи ноќта, така се поголем број студенти влегуваат во аулата. Дел од нив се „гости“ и од Архитектонскиот факултет кој вчера прогласи автономна зона, но и од други, штотуку ослободени факултети.

„Се чувствувате ли како победници, откако Министерството за образование прифати работните групи да заседаваат на ваш терен, како што побара Студентскиот пленум?“, ги прашувам студентите.

„Не би го нарекол победа, туку позитивен почеток на нешто што ќе води до исполнување на нашето барање - нов закон за високо образование“, ми одговара Дарко Набаков, студент од Факултетот за драмски уметности. Ми објасни детално како течат деновите во слободата зона, како изложбата на студентитете од Факултетот за ликовни уметности сега патува и на другите ослободени факултети, колку убав концерт на класична музика реализирале студентите од Факултетот за музички уметности, колку смеа предизвикала песната „Адеми, кажи зошто ме остави“ - хумористичен препев на познатиот македонски шлагер...

„Објавиме и иницијатива за објавување раскази, песни и текстови посветени на автономијата и слободната зона, кои потоа ќе бидат испечатени во посебно издание“, објаснува Дарко.

Mazedonien Studierende in Skopje Proteste
Фотографија: DW/K. Blazevska

Се упатувам кон амфитеатарот 2.

„Не, не влегувајте таму. Таму заседава Студентскиот пленум, пред утрешниот состанок со претставници на МОН. На средбата ние ќе имаме двајца претставници. Ивана Туфегџиќ и Анастасија Петревска. Не знам кога ќе заврши состанокот, можеби долго ќе трае“, ми вели еден од студентите. Го замолувам, по завршувањето да ми испратат мејл, со информација - со кои барања ќе настапат.

„Секако“, ми вети љубезно.

На излегување од аулата, поминувам покрај студентската „слободна библиотека“.

„Секој од нас носи книги и ги остава овде. Правиме еден вид размена на литература. Читаме во слободното време меѓу активностите. Прочитаните книги повторно ги враќаме овде“, ми објаснува студент, кој штотуку донесе дел од својата домашна библиотека.

На заминување, на шега им велам: „Утре (19.02) е девети ден од ослободувањето на факултетите, а задутре ќе го достигнете и 'стажот' на десетдневната „Крушевска Република“....

Насмеани ме испраќаат со порака: „Нема да трае оваа слобода десет или дваесет дена! Автономијата мора трајно да живее. Секој ден! И за нас, и за генерациите што доаѓаат по нас“.

Набрзо стигнува и очекуваниот мејл.

Mazedonien Studierende in Skopje Proteste
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Како избран делегат на студентски пленум, на утрешната средба со координативната група која има за цел изготвување на методологија за изработка на нов закон за високо образование, планирам да ги произнесам заемно поставените услови на пленумот околу неговото учество во истата група. Имено, она за што ќе се завземеме на таа средба се нашите два вида на барања, а тоа се четирите рамковните барања околу форматот на групата, и суштинските барања без кои воопшто не може да се почнат преговори. Рамковните барања сe: 1/3 мнозинство во работните групи; Јавен и транспарентен записник од средбите; Ротирачки претставници; Средбите да се одржуваат во академска средина.

Суштинските барања, кои, без да се остварат не планираме да учествуваме во работните групи се: Договор за работење на нов закон, а не изменување на стариот. Во новиот закон воопшто да не станува збор за било каква одредба за надворешна проверка на знаењето. Се надеваме дека нашите барања ќе бидат исполнети, и тоа уште на првата средба, како би се насочиле со целиот свој капацитет во изготвување на нов и поквалитетен закон. Анастасија Петревска“.

Нема дилема. Студентите знаат што бараат и истрајни се да го остварат тоа.

„Дубиоза Колектив“ вчера музичкиот настап го започнаа со шега: дека на студентите на концертот требало да им се приклучи и министерот за образование, Абдулаќим Адеми, но не дошол бидејќи „го болело уво“.

Веќе денеска не смее да го боли. Ќе мора добро да слушне што бараат.