1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: За пуста желба за власт ќе ја носат државата низбрдо

ДТЗ
8 ноември 2021

Премиерот во оставка порача дека „граѓаните нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново“.

https://p.dw.com/p/42jd0
Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Фотографија: Nikolay Doychinov/AFP

Премиерот и лидер на СДСМ во оставка, Зоран Заев, се огласи на социјалните мрежи една недела по соопштувањето на одлуката за повлекување од двете функции. Тој тврди дека власта исто така има обезбедено мнозинство во парламентот и ја обвини опозицијата дека „за пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда“. Порача дека „граѓаните нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново“. 

„Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите“, вели  Заев.  

Сепак, тој нагласува дека во државата има народ, граѓани, демократи, борци и политичари кои, како што вели, нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново. „Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности“, се вели во пораката на премиерот во оставка.   

Сомнеж 

Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш регираа и изразија сомнеж дали позади статусот навистина стои Заев. „Не сме сигурни дали позади ФБ статусот стои Зоран Заев, но ако е тој нека одговори кога ќе си поднесе оставка. Со оглед на фактот што цели осум дена го нема никаде во јавност Зоран Заев, кој инаку најави оставка и го снема, отвораме дилема дали вистински седи и позади неговиот последен ФБ статус“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. од партијата додаваат дека доколку е навистина тој, тогаш добро е да одговори макар и на ФБ, кога ќе си го исполни последното ветување за оставка од премиер и претседател на СДСМ. 

Пресписката следи откако ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе иницијативата за гласање доверба на Владата, до Собранието. По изборниот пораз на СДСМ, Владата нема кредибилитет, а нема ниту план за решавање на проблемите со што само ќе се продлабочува политичката криза, се наведува во образложението на иницијативата. 

Заедно со барањето за гласање доверба на Влада, ВМРО-ДПМНЕ достави и 61 потпис, коишто лидерот на партијата Христијан Мицкоски тврдеше дека ги обезбедил како поддршка на иницијативата. По нејзиното поднесување, таа треба да биде ставена на седница во рок од три дена. Доколку ВМРО-ДПМНЕ и партиите коишто им пружија рака за соработка обезбедат 61 глас, ќе биде изгласена недоверба на Владата. Александар Николоски тврди дека имаат сигурна поддршка и интензивни преговори со уште неколкумина пратеници во Собранието. Ако биде изгласана недоверба на владата, уставниот рок за доделување мандат за составува влада е 10 дена.