1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се стега обрачот околу СЈО и „Рекет“

27 ноември 2019

Јавното Обвинителство истражува дали во СЈО бил прекршен законот, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека многу скоро ќе се дознае кој го предупредил Бојан Јовановски за „Рекет“.

https://p.dw.com/p/3Tnwp
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Јавното обвинителство вчера почна предистражна постапка околу надоместоците за доверливост што им биле исплаќани на обвинителите од СЈО. Ова уследи по податоците што ги овозможи владината алатка за транспарентност во јавното трошење „Отворени финансии“, која на површина ги изнесе исплатените суми како надоместок за доверливост. Како што изјавија вчера за ДВ извори од СЈО, начинот на заштита на снимените разговори (да не протечат во јавноста), бил уреден со внатрешни акти, но и со договори за доверливост помеѓу СЈО и секој вработен. Тоа значи дека секое вработено лице добивало паричен износ за почитување и исполнување на тој договор, во зависност од типот на прислушувани разговори со кои имало допир, а висината на тие надоместоци со одлука ја определувал Специјалниот јавен обвинител.

Ваков надомест им следувал според законот. Според член 14 од Законот за СЈО, (покрај платата на Специјалниот јавен обвинител која е определена да биде за 10 отсто пониска од платата на државниот јавен обвинител, а платите на другите обвинители во СЈО во висина на платите на обвинителите во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција) обвинителите во СЈО имаат право на додаток за посебните услови за работа, додаток за постоење висок ризик и додаток за доверливост. Ако законот го овозможувал тоа, прашањето се префрла на морален терен и начинот на кој Јанева ги одредувала сумите за надоместокот на доверливост.

Повеќе:

Ќар или зијан: СЈО на мета низ призмата на парите

Рускоска: Зошто не ја прифатија гаранцијата на Јанева?

Нема опасност од застарување на предметите на СЈО

Надоместокот повисок од платата

Според неофицијални информации на извори кои имале увид во тие одлуки, надоместокот за доверливот за обвинителите во почетокот изнесувал 70.000 денари. По извесен период (не ни се достапни податоци точно од кога) тој надоместок пораснал на 90.000 денари, а во 2019 година наводно стигнал до 150.000. Ако платите на обвинителите во СЈО биле 1.300 евра, втората и третата сума на надоместокот практично ја надминувале висината на нивните плати.

Од СЈО тврдат дека тие не биле повисоки од истиот тип надоместоци кои ги примале специјалните обвинители во соседни земји. Но, сумите од 80.000 до 100.000 евра кои тие ги добиле по оваа основа за период од четири години (или 21.500 евра годишно) веќе ги вивна реакциите во јавноста. Не само заради обвинителските, туку и поради надоместоците што ги добивале и надворешни соработници, а не се знае за каков ангажман. Она што за обвинителите било законски дозволено, а според сумите и идентично со она што го добивале нивните колеги од соседството, граѓаните го доживуваат поинаку - како „безобразно високи суми“, „претерано“, „несвојствено за земја во која има огромна разлика во платите, па и евидентен јаз меѓу обвинителските примања со платите во законодавната и извршната власт". Од СЈО пак предлагаат да се направи пресметка - дали годишните примања на обвинителите по основа на доверливост се поголеми од годишните патни трошоци на пратениците.

Dzabir Derala
Дерала: Скандалозно е да имате бонуси кои произлегуваат од Буџетот на една земја во која има луѓе кои гладуваатФотографија: Kostadin Delimitov

По шумата од разни суми со три нули, во јавноста се множат граѓански повици тие надоместоци да се вратат. Невладината организација „Цивил“ веќе најави дека ќе покрене иницијатива за враќање на бонусите кои ги зеле поранешната специјална обвинителка, другите обвинители и сите вработени во СЈО.

„Скандалозно е да имате такви бонуси, па не знам каква работа да вршите во општеството. Скандалозно е да имате бонуси кои произлегуваат од Буџетот на една земја во која има луѓе кои гладуваат", изјави претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала.

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, кој е дел од владејачката коалиција, пред три дена побара за надоместоците што биле примани во СЈО да се покрене постапка за одговорност и враќање на парите, и до крај да се расчисти со сите инволвирани во случајот „Рекет“.

Мицкоски: Кој го предупредил Јовановски?

А дека околу „Рекет“ ќе има нови бранувања, вчера навести претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во тв-интервју. 

„Ние велевме Катица Јанева не чини, Катица Јанева злоупотребува позиција, Катица Јанева е корумпирана, они велеа таа е нашата црвена линија, за да денеска гледаме како ја пуштаат низ вода. Сите оние коишто денеска му слугуваат на Зоран Заев треба да ја имаат секогаш пред очи сликата на Катица Јанева со ќулавката како ја внесуваат во куќен притвор. Сите така ќе завршат. Сите е подготвен да ги пушти низ вода, само да остане таму каде што денеска се наоѓа", обвини Мицкоски.

Nord-Mazedonien Bojan Jovanovski Festnahme im Fall "Reket"
Бојан Јовановски бил предупреден за „Рекет“, тврди МицкоскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Тој потсети дека уште во јануари ВМРО-ДПМНЕ барала да се формира комисија за да се изврши ревизија за работењето и трошењето на СЈО, бидејќи имале сознанија дека има злоупотреба. Но, биле обвинувани од СДСМ дека бараат амнестија, за денес да се сложат со тоа, откако се видело какви хонорари „летале" во СЈО.

Во истото интервју Мицкоски најави нови сознанија во врска со „Рекет“.

„Многу скоро во јавноста ќе излезе дека некој го предупредил Бојан Јовановски за случајот ‘Рекет'. Тој што го предупредил бил од Владата. И тоа не е добро. Ако е тоа така, а е така, тогаш треба да видиме кој е тој што го предупредил Бојан Јовановски. Да видиме која е таа личност, затоа што овој октопод за којшто ние говориме, има поголеми димензии“, рече Мицкоски.