1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секогаш најдобрите? - Како се избираат судии

Фолкер Вагенер
27 јули 2017

Судиите се извршителите на „третата власт“ во Германија. Тие се независни, речиси недопирливи. Но, всушност како се избираат судии во земјата?

https://p.dw.com/p/2hDw8
Deutschland Jahresrückblick 2014 - Bewegende Bilder
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Судството не треба да биде ништо повеќе од применувач на законот, вели францускиот филозоф и политички теоретичар, Шарл де Монтескје. Основачот на теоријата за поделба на власта со тоа и даде јасна улога на третата власт – судството, во државата. Двесте и педесет години подоцна, реалноста изгледа сосем поинаку. Во Германија, која во светот е позната по владеење на правото, во последниве години независноста на судството е помалку дискредитирана. Обвинувањата се дека правната пракса е понекогаш политика измешана со други средства. Дали е тоа така?

Избор или пазарење? - Комисија за избор на судии

Во Германија има над 20000 судии. При донесувањето на правни одлуки тие „не се обврзани да следат ничии насоки". Кој ке биде избран за судија во Германија одлучуваат сојузните покраини и тоа обично во министерствата за правда. Кога станува збор за назначување на федерални судии, се оди по принципот дека се бираат „најдобрите кандидати". Така е пропишано во Уставот. Но, постапката во реалноста е толку нетранспарентна што повеќе потсетува на избор од затворена црна кутија. Изборот на составот за петте највисоки судски инстанци во земјата го прави Комисија за избор на судии. Овој гремиум е составен од 32 члена кои гласаат тајно. 16 членови се претставници од покраинските министерства за правда, а останатите 16 члена се експерти кои ги именува Парламентот, кои не мора да се пратеници, но мора да се правници. Се одлучува со просто мнозинство.

Во суштина главниот збор го имаат најголемите партии, ЦДУ/ЦСУ и СПД, додека другите партии во парламентот во оваа комисија во најдобар случај имаат само споредна улога. Со оглед на тоа што во текот на една година по неколку пати се гласа за реизбор на судии во некој од петте највисоки судски инстанци, во принцип се гласа за „персонални пакети" кои се претходно договорени меѓу двете најголеми партии на Унијата и Социјалдемократите. Партиите на Зелените и Левицата веќе подолго време се на ставот дека ова е апсурд. Поранешниот претседател на Комисијата за правни прашања во парламентот, Ренате Кинаст од Зелените, уште во 2014. донесе цврста одлука: „Некој кој пречи или не е омилен од различни причини, нема да биде избран."

Deutschland Karlsruhe Entscheidung des Bundesverfassungsgerichts zu NPD-Verbot
Судии од Уставниот суд на Германија, претседателот Андреас Фослуле е втор од левоФотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Се трупаат жалби од конкуренти

Принципот за избор на најдобар кандидат не беше предност за една врвна правничка, чиј избор за Федералниот суд во 2015-та два пати беше неуспешен. Таа беше предложена од министерката за правда на Долна Саксонија, Антје Нивич – Ленарц од Зелените. Но, местото го доби кандидат кој е близок до ЦДУ. Кандидатка ја изгуби и жалбата пред Вишиот управен суд во Лунебур каде поведе постапка за повреда на принципот на избор на најдобриот. Поради ваквите примери, пред се помалите партии бараат реформи во постапката за избор на судии. Постапката за избор е нетранспарентна. Се одлучува само според приложени документи, без лично интервју со кандидатите. Пропишаното правило на тајност по изборот само дополнително ја влошува ситуацијата, сметаат критичарите на ваквата постапка.

Се повеќе кандидати чиј избор за некој од високите судови завршил неуспешно, се сомневаат во објективноста на постапката за избор во Комисијата и се противат. Уште во 2014. магазинот „Шпигел“ цитираше изјва од анонимен високо рангиран правник кој имал увид во работата на Комисијата за избор на судии и кој вели одреден кандидат не го сакаат, ама нема да биде јавно отфрлен."

Контроверзен избор на судии за Уставен суд

И изборот на судии за највисокот суд во државата, Уставниот суд е мета на критика. За разлика од останатите пет федерални судови, судиите во овој суд ги бира гремиум од 12 члена. Но и оваа постапка е тајна. Актуелниот претседател на Уставниот суд во Карлсруе, Андреас Фоскуле, ја критикува процедурата. Во еден коментар за уставот, уште пред некоја година тој напиша: „Според значајни делови од литературата, ова правило со право се смета за противуставно."

Норберт Ламерт од ЦДУ, и самиот правник и долгогодишен претседател на Парламентот, уште во 2012 беше изненаден како со малку „легитимитет“ еден судија може да направи огромен скок во кариерата и да стаса до Карлсруе. Според него „зачудувачки е", дека предиспозициите за избор за Уставни судии се толку ниски, како да се работи за избор на супервизор за заштита на податоци или контролор.

Партиската „над-контрола" при именувањето на судии во највисоките судови е ретко критикувана. Историски причини за ваквата политичка контрола дека таа е потребна за да се спречи злоупотреба на судството каква што спроведувале Нацистите, се одамна надминати. Во меѓувреме партиите се повеќе ја користат за да спроведат лични интереси. Претседателот на германскиот Сојуз на судии, Јенс Гниса, коментирајќи ја ситуацијата во Полска за Дојче Веле индиректно го искажа ставот по ова прашање: Тамошните реформи „ќе и овозможат на национал-конзервативната владејачка партија, да навлезе длабоко во полското правосудство и судовите да ги наполни со кандидати по нивна мерка."