1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Секое трето дете живее во сиромаштија

ДТЗ /ДВ
10 декември 2020

Невладините организации објавија извештај во кој се проценува дека 16.000 деца во Северна Македонија ќе паднат под прагот на сиромаштија поради кризата од пандемијата со Ковид-19.

https://p.dw.com/p/3mTwV
Roma Familie in Skopje Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Секое трето дете во Северна Македонија живее во сиромаштија, а се проценува дека дополнителни 16.000 деца ќе паднат под прагот на сиромаштијапоради кризата од пандемијата со Ковид-19. Паричната вредност на социјалните надоместоци е премногу ниска, додека социјалната грижа и поддршка се недоволно развиени и не обезбедуваат адекватен животен стандард за децата. Покрај притисокот од сиромаштијата, децата се почесто се изложени и на шлаканиците на врсниците и на возрасните. Дури десет проценти од децата биле жртва на насилство, додека повеќе од 20% познаваат врсник кој бил жртва на насилство. Децата најчесто наведуваат примери на врсничко насилство во училиштата. До вакви сознанија дошле невладините организации во истражувањето коешто е сублимирано во Алтернативниот извештај за состојбата со правата на децата во Македонија, а кој е објавен вчера, во пресрет на Меѓународниот ден на човековите права - 10 декември.

Место институционална грижа - хуманитарни акции

Во извештајот којшто го презентираше Првата детска амбасада во светот Меѓаши, се укажува дека многу од најсиромашните семејства со деца се исклучени од системот за социјална помош. Најпогодени се најсиромашните деца поради комбинираните ефекти на повеќе ризици и неповолности, како недоволен пристап до интернет и лоши услови за домување, што влијае на нивниот напредок во учењето. Децата од еднородителски домаќинства и од домаќинства кои добиваат гарантирана минимална помош се соочуваат со зголемен ризик од сиромаштија во однос на недостиг на храна во услови на прекинување на бесплатните оброци заради затворање на предучилишните и училишните установи. Со буџетскиот ребаланс од мај 2020 година беа направени кратења во повеќе програми поврзани со децата што дополнително ја влошуваат нивната ранливост и капацитетот на институциите да се прилагодат на долготрајна криза. Во истражувањето на Меѓаши децата споделуваат бројни примери од своето блиско опкружување за врсници кои живеат во сиромаштија, наведувајќи дека најчесто наместо институционална грижа за овие деца се обезбедува помош преку хуманитарни акции.

- повеќе на темата: Речиси половина милион граѓани тонат во сиромаштија


„Има многу деца низ Скопје кои просат и немаат топол дом, а ниту им се пружа љубов и грижа. Нашиот народ е навистина суров и ретко кој им остава пари на таквите деца. Мислам дека не се доволно едуцирани за да знаат како треба да се постапи со таквите деца за да им се помогне“, велат дел од децата коишто учествувале во истражувањето на невладините организации.

Деца без идентитет

Сè уште постојат деца кои не се регистрирани во матичната книга на родените, од кои повеќето се Роми. Главни пречки за дополнителен упис се непоседувањето лични документи на родителите, високите трошоци за ДНК-анализа како доказ за крвно сродство,како и непочитувањето на законските рокови за упис поради што постапките може да траат и неколку години.

Mazedonien Reportage
Mногу од најсиромашните семејства со деца се исклучени од системот за социјална помошФотографија: V. Gushevski

Во 2018 година беа идентификувани околу 700 неевидентирани лица. Нема податоци колку од нив се деца. Во февруари 2020 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени, со кој е предвидено тие да се запишат во посебна матична книга на родените, со што ќе им се овозможи пристапот до образование, здравствена и социјална заштита. Сепак, со евидентирањето во посебната матична книга, децата не се стекнуваат со државјанство, за што е неопходен упис во редовната матична книга на родените.

Деца на улица

Нема прецизна евиденција за број на деца на улица, но се проценува дека само во Скопје има околу 300. Најголем дел од децата се Роми. Вообичено се принудени да работат од страна на нивното семејство и се вклучени во питачење, продавање ситни предмети, собирање отпадни суровини и чистење автомобилски стакла на раскрсниците.

-повеќе на темата: Милиони деца во светот принудени да работат

Работата на улица е најзастапената форма на злоупотреба на детски труд и истата ретко се санкционира. Акцискиот план за деца на улица (2013-2015) истече во 2015 година, не може да се најдат информации за спроведена евалуација, ниту пак за донесен нов акциски план. Нема системи за следење ниту на другите документи за јавни политики кои вклучуваат аспекти поврзани со заштита на децата на улица. Центарот за социјални работи на Град Скопје менаџира со два дневни центри за деца на улица, а децата добиваат поддршка и од граѓански организации, како Здружението за заштита на правата на детето. Сепак, опфатот на децата во дневни центри е недоволен. Постојат бројни лични, институционални и системски ризик фактори кои ги доведуваат децата да работат на улица. 

Момчињата најчести жртви на насилство

Истражувањето покажува дека децата се жртви на повеќе видови злоупотреба и занемарување, од кои најзастапени се физичкото и психичкото/емоционалното насилство. Децата жртви се најчесто на возраст од 11 до 14 години, а повеќето се момчиња. Според истражувањето, 10 % од децата биле жртва на насилство, додека повеќе од 20 % познаваат некој кој бил жртва на насилство. Децата најчесто наведуваат примери на врсничко насилство во училиштата, како и сè повеќе случаи на сајбер-насилство. Врсничкото насилство е присутно во голем број основни училишта, а педагошките мерки кои се применуваат се недоволни за решавање на проблемот.Во средните училишта доминираат повеќе видови насилно однесување, вклучително, навредување и исмејување меѓу учениците, уништување на инвентарот, тепачки меѓу учениците, навредување на учениците од страна на професорите и навредување на професорите од страна на учениците. Показателите за присуство на меѓуетничките тензии и инциденти покажуваат дека тие се зголемуваат во 2019, споредено со 2011 и 2012 година. Децата на улица/уличните деца и децата згрижени во установи се под зголемен ризик од насилство.Насилството не се препознава, не се пријавува и не се следи соодветно, оставајќи ги насилниците неказнети и придонесувајќи кон континуирано високо ниво на толерирање на насилството. 

Живуркање со 200 денари дневно

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема