1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

СЗО: Коронавирусот го пренесле лилјаци, не е од лабораторија

ЖА / агенции
30 март 2021

Светската здравствена организација денеска треба да го претстави извештајот за потеклото на коронавирусот по посетата на Вухан. Темата останува политички деликатна.

https://p.dw.com/p/3rNgF
China | Coronavirus | WHO Experten in Wuhan
Фотографија: Ng Han Guan/AP/dpa/picture alliance

Светската здравствена организација претпоставува дека коронавирусот врз луѓето не е пренесен директно од лилјаци, туку со посредство на други животни. Коронавирусот „веројатно односно многу веројатно“ од лилјаците преминал врз друго животно, а потоа од него се инфицирале луѓето, се вели во извештајот на СЗО, кој уште не е официјално објавен, а пренесуваат повеќе новински агенции. Документот ги содржи заклучоците на групата научници од СЗО кои во јануари и февруари беа во посета на Кина во обид да ги пронајдат зачетоците на пандемијата на Ковид-19.

Холандскиот виролог Марион Копманс, која учествуваше во мисијата, во радио интервју изјави дека „најверојатната рута“ води од лилјак преку друго животно. Тезата според која вирусот „избегал“ од кинеска лабораторија се смета за „екстремно неверојатна“. Претпоставката во прв ред ја прошири поранешниот американски претсеател Доналд Трамп.

Доаѓа во предвид и директен премин на вирусот од лилјак врз човек, стои во извештајот. Но, и заразувањето преку увезено замрзнато месо, теорија која посебно се дискутира во Кина, исто така се разгледува за можно. Директорот на СЗО Тедрос Адханом Гебрејсус изјави: „Сите хипотези се на маса и ќе бидат натамошно испитувани.“

Повеќе на темата:

„Дали армијата на САД го донесе коронавирусот во Вухан?“: Како Кина шири дезинформации за Ковид-19

Затвор за кинеската новинарка која известуваше од Вухан

СЗО: Тешка потрага по потеклото на коронавирусот во Кина

Дали САРС-КоВ-2 е произведен во лабораторија?

Тимот на СЗО својата работа во Кина ја започна со големо доцнење, со оглед на тоа што тамошните власти дозволата ја издадоа по долготрајни натегања. И на презентирањето на конечниот извештај се чека прилично долго време, тоа е најавено за денеска.

Истражувањата за почетокот на пандемијата се политички бризантна тема, зашто одредени заклучоци би виделе кон сериозно урнисување на имиџот и можеби и кон барања за обештетување. САД, и под водството на претседателот Џо Бајден, во повеќе наврати изразија стравување дека СЗО не може јавно да ги обелодени сите сознанија. Раководителот на тимот на СЗО, Петер Бен Ембарек укажа на специјалните работни услови. „Политиката беше постојано присутна“, рече данскиот научник за магазинот „Наука“. Пекинг пак го истакнува фактот дека мисијата на СЗО во Кина беше можна само благодарение на кинеската научна соработка.

Во Вухан на крајот на 2019 година беа соопштени првите слуачаи на коронавирус кај луѓе. Вирусот Сарс-КоВ-2 брзо се рашири низ цел свет. Во меѓувреме се регистрирани преку 127 милиони инфекции, преку 2,78 милиони заразени луѓе починаа. По почетните критики за односот кон епидемијата, Кина воведе драстични мерки и ограничувања на патување. Со полициски час и масовни тестирања на милиони луѓе, како и забрана за контакти и карантин, се чини дека Кина во голема мерка ја стави ситуацијата под контрола. Денес се јавува само за одделни локални жаришта.