1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новите мерки за вакцинација ги разбрануваа синдикатите

ДТЗ
17 ноември 2021

Додека ССМ и КСС реагираат дека се кршат и работните и човековите права секој самостојно да одлучува за своето здравје, од Стопанската комора бараат мерките да важат и во приватниот сектор.

https://p.dw.com/p/4363v
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Предлогот за задолжителна вакцинација на вработените во јавниот сектор ги разбранува синдикатите. Додека тие реагираат дека се кршат и работничките и човековите права на секој самостојно да одлучува за своето здравје, од Стопанската комора на Македонија не само што ги поддржуваа предложените здравствени мерки, туку бараат тие да важат и за вработените во приватниот сектор. 

Секој сам да одлучува 

Сојузот на синдикатите на Македонија реагира на изјавата на министерот за здравство Венко Филипче кој најави тестирање за Ковид-19 на невакцинираните вработени во јавниот сектор на нивен трошок.  

„Вакцинацијата треба и мора да биде резултат на личната определба на работниците и граѓаните и истата не може и не смее да се спроведува со уцени или присила.
Процесот на имунизација не смее да се спроведува на штета на елементарните права на граѓаните гарантирани со Уставот, меѓународните конвенции и закони и против волјата на поединецот“, велат од ССМ. Според нив, присилата и уцената може да предизвикаат негативно однесување и неприфаќање од страна на работниците, а со тоа место да се поттикнува процесот - тој ќе стагнира. 

Сличен став има и Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) која смета дека задолжителната вакцинација и плаќање на ПЦР тестови од сопствен џеб е кршење на човекови права. Тие бараат од Владата да размисли, пред да ги донесе.

„Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака Комисијата за заразни болести на чело со министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот, трошоците за ПЦР тестови да бидат на трошок на вработените, за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници, да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа се прекршуваат и нивните човекови права“, наведува КСС.   

Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за да ја спречи нивната примена. 

Апел да не се усвојуваат мерките 

И здружението Гласен Текстилец денеска се спротивстави на новите предлог мерки и побара Владата да не ги усвојува. „Бараме веднаш да бидат повлечени овие мерки кои задираат во човековата слобода и дејствување, бидејќи во спротивно ќе биде покрената иницијатива за оцена на уставноста и законитоста пред Уставниот суд, како и повик за протест до вработените и од јавен и од приватен сектор против ваквите мерки“, велат од Гласен Текстилец. 

Venko Filipce
Синдикатите се незадоволни од најавата на министерот за здравство Венко ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Комисијата за заразни болести денеска одлучи да и предложи на Владата нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан Ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби. 

Поддршка 

За разлика од синдикалните организации, од Стопанската комора на Македонија не само што ги поддржуваат предложените мерки, туку побараа да важат и за вработените во приватниот сектор. Потпретседателката на Комората, Анета Трајковска, информираше дека ова барање веќе е доставено до Владата.

„Ја поддржуваме задолжителната вакцијација во јавниот сектор, посебно во здравството, но сметаме дека вакцинацијата треба да биде задолжителна и во приватниот сектор како што прават повеќето европски земји, повикувајќи се на правото на работникот за заштита при работа“, вели таа.

Трајковска укажува дека мора заеднички да се работи на подигнување на степенот на имунизација, што е неопходно да се постигне во пократок временски период за да се спречат мутациите на вирусот. „Затоа предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат“, вели таа. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема