1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шаленберг: Решението со Бугарија е близу - на потег е ЕУ

ДТЗ
10 мај 2022

Австрискиот министер Александер Шаленберг гледа напредок и се надева на решение пред летото. Бујар Османи вели дека фали политичка волја за да се залепат сите делови во сложувалката

https://p.dw.com/p/4B4jE
Österreich Alexander Schallenberg in Madrid
Фотографија: picture alliance/dpa/B. Akbulut

Австрија бара што поскоро да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија, кои предолго се оставени да чекаат за влез во европското семејство. „ЕУ се наоѓа пред огромна геостратешка одлука. Најголемото оружје коешто го имаме против таа војна е проширувањето на ЕУ и тоа е всушност геополитичка задача на Унијата. Затоа сметаме дека што поскоро треба да се отворат преговорите со Северна Македонија и со Албанија“, порача на прес-конференција во Скопје, австрискиот министер за  европски и меѓународни работи, Александер Шаленберг, кој во Северна Македонија доаѓа по посетата на Софија.

Шаленберг, кој последнава година трипати ја посети земјата, вели дека С. Македонија е пример за земја која што би треба да пристапи во ЕУ. „Ова треба да биде тест за Унијата, која треба да направи чекор кон нов процес“, дециден е високиот гостин од Австрија. 

Тој оцени дека Скопје и Софија се приближуваат кон решавање на билатералните спорови, но дека не треба една страна да попушти за другата да добие. „Ние сметаме дека треба да има заеднички јазик за овие чувствителни прашања. Сите делови на сложувалката се на маса и треба да ги слоиме. Се надевам дека пред летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде придонес и ќе биде солидарна со С. Македонија, бидејќи влезот во ЕУ е геостратешка неопходност“, вели Шаленберг. 

Потенцирајќи дека светот во наоѓа во една сложена ситуација, каде рускиот напад не се однесува само на Украина, туку станува збор за војна која што е закана за Европа. тој го поздрави тоа што Северна Македонија ги поддржа санкциите и мерките на ЕУ кон Русија, со што покажа дека припаѓа на европскиот систем на вредности. 

Ќе се најде ли лепило пред јуни? 

Според шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, сложувалката на преговорите меѓу Софија и Скопје ги содржи сите потребни делови, но недостасува лепилото.

Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Според Бујар Османи, сложувалката на преговорите меѓу Софија и Скопје ги содржи сите потребни делови, но недостасува лепилотоФотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

„Во таа сложувалка фали лепилото. Тоа лепило е политичката волја. За жал, сметам дека тоа што фали во моментот е политичката волја тие елементи на сложувалката да ги стави во еден сеопфатен процес, којшто ќе значи ново поглавје на односите меѓу нашите две држави и ново поглавје на ЕУ со Западен Балкан“, рече Османи.

-повеќе на темата:Османи: Можеби последна шанса да се спасат односите со Бугарија

Тој вели дека Северна Македонија нема ништо против да ја внесе бугарската заедница во Уставот, заедно со другите заедници коишто се спомнати таму, бидејќи ако по нешто сме препознатливи во светот, тоа е по односот на државата кон заедниците, но сензитивноста е во непредвидливоста на процесот и токму за тоа се разговара во моментов со Софија.

Запрашан дали ќе поднесе оставка доколку не успее да го отвори патот за евроатланска интеграција, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, рече дека опозицијата подготвила две сценарија за ова прашање и според развојот на настаните во иднина, власта ќе биде или предавник или неспособна.