1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Abhörskandal Cameron

18 јули 2011

Скандалот со прислушување во Велика Британија добива се‘ поголеми размери. Оставка поднесе првиот човек на Скотланд јард. Под притисок е и премиерот Дејвид Камерон.

https://p.dw.com/p/11yW4
Фотографија: dapd

Шефот на британската полиција Пол Стивенсон поднесе оставка на функцијата поради сомневањата дека е поврзан со поранешниот уредник на весникот „Њуз оф д Ворлд“, Нил Волис. Медиумите јавија дека Стивенсон престојувал во луксузен хотел, на сметка на Волис. Ребека Брукс, првата соработничка на медиумскиот магнат, Руперт Мардок денеска беше пуштена од притвор со кауција, по вчерашното апсење под сомневање за коруптивни зделки додека била на чело на корпорацијата.

Стивенсон „ја носи водата на воденицата за оставка“ на Камерон

Scotland Yard Paul Stephenson Murdoch News of the World Abhörskandal
Пол Стивенсон, највисокиот полициски службеник во државата, поднесе оставкаФотографија: AP

Најновиот развој на настаните ја стави во фокус на вниманието британската влада, пред се‘ премиерот Дејвид Камерон. Досега на Камерон вешто му успеваше да се претстави како човек кој сака разјаснување на состојбите и обнова. Дел од тоа беше контроверзната одлука да го назначи за портпарол на владата Енди Коулсон, поранешен главен уредник на булеварскиот весник „Њус оф д ворлд“. Коулсон беше наследник на Ребека Брукс на функцијата главен уредник на весникот, но се сопна поради скандалот со прислушување и така ја загуби работата. Камерон сакал да му даде втора шанса на Коулсон.

Сега, Пол Стивенсон, највисокиот полициски службеник во државата, поднесе оставка поради слична персонална одлука. Лондонски Скотланд јард го вработи Нил Волис за советник за односи со јавноста. Претходно Волис му беше заменик на Коулсон во „Њус оф д ворлд“. Стивенсон изјави дека со својата оставка сака да ги пресретне шпекулациите и обвинувањата поврзани со ова. Тој смета дека персоналните одлуки - на Камерон и неговата - се разликуваат:

„За разлика од тогашниот главен уредник господин Коулсон, господин Волис не поднесе оставка на својата функција во ’Њус оф д ворлд’ и не тој не бил дел од првичната истрага околу скандалот со прислушување“, рече Стивенсон.

Со други зборови: Камерон направил поголем грев со тоа што го вработил Коулсон, отколку Стивенсон, во чиј мандат Волис бил вработен во полицијата. Во Велика Британија се претпоставува дека со ваквата изјава Стивенсон се движи во насока на барање оставка од Камерон.

Камерон ќе одговара пред парламентарна комисија во среда

Großbritannien Abhörskandal David Cameron in Wales
Премиерот Дејвид Камерон поради скандалот ја скрати посетата на АфрикаФотографија: picture alliance / empics

Близината на Камерон со претприемачот Руперт Мардок не се ограничува само на неговиот однос со екс-главниот уредник Коулсон. Од сите британски политичари тој има најблиски односи со Ребека Брукс. Камерон и Брукс се соседи во Оксфордшир и често се канат меѓусебно на забави. Премиерот во моментов е во посета на Јужна Африка. Поради скандалот ја скрати посетата на само два дена. На прашањата на репортерите не можеше да им избега ниту изутринава (18.07), во Преторија. Зошто ја напуштил Велика Британија токму сега?

„Само затоа што сум на патување во Африка, не значи дека немам контакти со својата влада. Постојано сум во врска со мојата канцеларија и со министерката за внатрешни работи. Разјаснувањето од страна на владата напредува“, вели Камерон. Тој тврди дека минатата недела одговорил на сите прашања на парламентот, а денеска следува владина изјава на министерката за внатрешни работи. Утре (19.07) пред парламентарната комисија ќе се појават таткото и синот Мардок. Камерон најавува: „Јас во долниот дом на парламентот ќе бидам повторно испрашуван во среда (20.07).“

Според последните информации од Лондон, пред комисијата на прашања треба да одговара и десната рака на Мардок, Ребека Брукс.

Автор: Себастијан Хесе / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема