1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што да се прави околу растечките цени на енергенсите?

Бернд Ригерт
14 октомври 2021

Еврокомисијата им предлага на земјите членки на ЕУ на одредено време да им ги субвенционираат електричната енергија и гасот на посиромашните граѓани. Загриженоста поради растот на цените на енергенсите е сѐ поголема.

https://p.dw.com/p/41fUB
Кадри Симсон, еврокомесарка за енергија: Помогнете им на најсиромашните
Кадри Симсон, еврокомесарка за енергија: Помогнете им на најсиромашнитеФотографија: ARIS OIKONOMOU/AFP

Очекувањата, особено на владите во јужните ЕУ-држави, за препораките на Европската комисија за ублажување на високите цени на гасот и енергија беа високи. Но, еврокомесарката за енергетика, Кадри Симсон од Естонија во Брисел не можеше да извади магична формула од „магичната кутија“ за справување со високите цени, туку како што рече и самата, понуди само „кутија со алатки“ за краткорочно олеснување на ценовниот шок за посиромашните корисници и помалите фирми, меѓу кои:

-          Ваучери за сиромашни домаќинства и бизниси

-          Одложено плаќање на сметки за струја и даноци

-          Гаранции дека нема да има исклучување од струја на потрошувачи

-          Целно намалување на данок и придонеси за избрани групи со ниски приходи.

Вакви краткорочни мерки веќе воведоа Шпанија, Италија и Франција. Италија ќе вложи три милијарди евра за намалување на даноците на електрична енергија. Франција сака да воведе општо ограничување на цените на струјата. Германската влада пак за сега одбива субвенционирање на потрошувачите и да интервенира во слободниот пазар, изјави портпаролот на владата, Штефан Зајберт, во Берлин.

Мнозинството земји од ЕУ се за

Околу 20 од 27 земји членки најавија некакви форми на ценовно олеснување. Од друга страна и движењето на големопродажните цени на енергетските пазари во земјите членки се разликува доста и зависи од тоа колку компаниите за снабдување со енергија се зависни од краткорочни испораки и колкави се даноците и придонесите во секоја земја. Европската комисија проценува дека цените ќе продолжат да растат и во текот на зимата и дури во април 2022 ќе се израмнуваат повторно. Еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон ги повика земјите членки да ги намалат даноците за електрична енергија. За таа цел може да се искористат 10,9 милијарди евра кои ЕУ земјите членки ги добија дополнително во првите девет месеци од трговија со дозволите за емисија на јаглероден диоксид кои се користат за контрола на загадувањето.

Најдобар рецепт за излез од актуелната криза но и за стабилност на долг рок, според Еврокомисијата е обновливата енергија
Најдобар рецепт за излез од актуелната криза но и за стабилност на долг рок, според Еврокомисијата е обновливата енергијаФотографија: Paul Trummer/TravelLightart/picture-alliance

Само „зелената енергија“ помага на долг рок

Целта е на среден рок да се прошират резервите на гас во ЕУ. Освен тоа, Европската комисија сака да испита дали заедничко купување на гас од меѓународните пазари на ниво на цела Унија може да влијае на намалување на цената. Според еврокомесарката Кадри Симсон, долгорочно решение за справување со високи цени од фосилни извори на енергија, а со тоа и поврзаните цени на струјата е префрлање кон обновливи извори на енергија како што се ветер, вода, сонце и водород. „Независност од гас и нафта од други региони во светот“ е најдобриот начин, рече Симсон во Брисел. Истовремено им одговори на критичарите на енергетско преструктуирање од Полска и Унгарија, дека промената кон климатско неутрални извори на енергија и даноците за јаглерод диоксид, немало да водат до сегашното зголемување на цените. „Цените на енергијата растат не поради нашата климатска политика или поради тоа што обновливите извори на енергија би биле скапи. Зголемувањето се должи на цените на фосилните горива,“ посочи Кадри Симон. ЕУ мора брзо да експлоатира што повеќе обновливи извори на енергија чии оперативни трошоци се ниски.

Сите алатки и мерки кои сега се преземаат исто така мора да бидат во согласност со правилата за заеднички пазар на ЕУ и со правилата за државна помош, предупреди еврокомесарката. Еврокомесарката нема високо мислење за специјалните даноци за енергетските компании, за таканаречени „неочекувани добивки“ кои Шпанија веќе ги воведе. Еврокомесарката посочи дека Комисијата е во постојан контакт со шпанската министерка за енергетика Тереза Рибера. Се проверува дали овој специјален данок е компатибилен со правилата на ЕУ.

Гасовод Северен тек 2
Гасовод Северен тек 2Фотографија: Jens Büttner/dpa/picture alliance

Путин нуди повеќе гас

Европската комисија ја пофали Норвешка која најави зголемена испорака на гас во ЕУ за да се намали ценовниот притисок. Дел од ЕУ политичарите критикуваат дека Русија која е главниот снабдувач со гас на Европа, ја успорува испораката или воопшто не лиферува гас и покрај зголемената побарувачка. Рускиот претседател Владимир Путин ги отфрла ваквите критики. Тој изјави дека Москва, односно Русија е подготвена и да ја зголеми испораката на гас, но за тоа треба да се склучат нови договори за испорака. Путин тврди дека Русија си ги исполнува обврските, а сите други тврдења според него се само „политички гласини“.

Во однос на „кутијата со алатки“ на Европската комисија, германскиот Сојуз на хемиска индустрија (ВЦИ) критикува дека енергетско-интензивните компании не се доволно растеретени туку претрпеле „ценовен шок“ во производството. Алијансата на социјални здруженија и синдикати под името „Пријатели на земјата“ и префрла на ЕУ дека не презема доволно мерки против „новата сиромаштија“ предизвикана од зголемените цени на енергијата.

Три милиони луѓе во ЕУ оваа зима нема да имаат пари за соодветно ниво на греење.

Јан Вилхем Гудриан, шеф на Асоцијацијата на ЕУ на синдикати на услужните дејности, во Брисел изјави дека кризата со цените на енергијата ги покажува недостатоците на „неолибералниот енергетски систем.“ Тој препорачува: „Владите треба веднаш престанат со дерегулација и постепено укинување на регулираната цена на енергијата. Сега е важен јавен надзор и контрола за да се овозможи правото на користење енергија.“

Во следниве недели шефовите на држави и влади на ЕУ ќе одржат консултации околу високите цени на енергијата. Веројатно ќе се додаде уште некоја алатка во кутијата. Но, се очекува и спор околу вистинската брзина на проширување на користењето обновливи извори на енергија, како и околу атомската енергија. Девет земји членки на ЕУ ги поддржуваат барањата на Франција и нуклеарната енергија да се класифицира како одржлива и да биде подобна за финансирање.  

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија