1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Скопјани на вакцинација во Охрид

ДТЗ
3 мај 2021

Пред почетокот на масовната вакцинација во шест градови, граѓаните се жалат дека добиле збунувачки пораки и погрешна локација за вакцинирање.

https://p.dw.com/p/3suVG
Nordmazedonien | Impfzentrum in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од утре започнува масовната вакцинација на граѓаните со кинеските вакцини на „Синофарм“, кои се распределуваат во шест градови во Северна Македонија, каде во идниот период ќе бидат отворени вакцинални пунктови. Салите каде ќе се одвива процесот на масовна имунизација се подготвени. 200.000 вакцини, најдоцна до утре треба да бидат дистрибуирани во спортската сала „Борис Трајковски“, како и во Куманово, Штип, Кавадарци, Тетово, Охрид и Битола, каде ќе се одвива масовната вакцинација против Ковид-19. Надлежните најавија дека дневно ќе се вакцинираат меѓу 10 и 15 илјади граѓани.

-повеќе на темата: Филипче: По празниците ќе се вакцинираат и по 10 илјади граѓани дневно

Пред отворањето на регионалните центри дел од граѓаните се жалат дека добиле збунувачки смс пораки – или термини за вакцинирање на други лица биле препратени на нивните телефонски броеви, или пак им е закажана вакцинација во други градови, а не во местото на живеење. Па така, дел од жителите на Скопје, наводно, се упатуваат на вакцинирање во салата „Билјанини извори“ во Охрид, а уште поголема е бројката на велешани коишто раскажуваат дека добиле термини за вакцинација во Кавадарци. На имунизација во Кавадарци биле упатувани и жители на Битола. Особено се проблематизира вакцинацијата на постарите и изнемоштени лица, за кои нивните најблиски велат дека е сериозен проблем во лоша здравствена состојба да патуваат од еден до друг град за да се вакцинираат. Тие бараат да се овозможи лицата над 80 години и оние коишто се со кревко здравје да се вакцинираат дома, место да бидат препраќани за вакцинација на пунктови во други градови. Дел од граѓаните кои навреме реагирале кај матичните лекари, успеале да ја исправат настанатата грешка и да закажат нов термин за вакцинација во градовите каде што живеат. 

Надлежните велат дека проблемот не е во системот, туку или граѓаните оставиле погрешни податоци или пак матичниот лекар погрешил при закажувањето на термините за вакцинација.

Nord-Mazedonien Skopje | Coronaimpfung mit Sputnik V
Надлежните велат дека проблемот не е во системотФотографија: Tomislav Georgiev/Xinhua/imago images

-повеќе на темата: На Балканот доаѓаат вакцините од ЕУ

Процедурата за закажување е следна: СМС пораките се испраќаат на бројот кој е оставен за лицето при неговото пријавување за вакцинација. Доколку е пријавен преку „вакцинација.мк“ добива и е-маил. Ако е пријавен преку матичен лекар добива само смс на бројот кој го има во неговото досие кај матичниот лекар. „Пунктот за кој добил термин самиот го избрал или е избран од матичниот лекар“, е објаснувањето од  електронскиот систем „Мој термин“.

Во Битола, вакцинацијата на граѓаните ќе се одвива во спортската сала во медицинското училиште „др Јован Калаузи“, во Штип во салата „Јордан Мијалков“, во Тетово во салата на Средното медицинско училиште „Никола Штејн“и во Охрид во спортската сала „Билјанини извори“. Вакцинацијата ќе продолжи да се одвива и во најголемиот вакцинален центар - салата „Борис Трајковски“ во Скопје. Регионален вакцинален пункт до крајот на мај се најавува дека ќе добијат и Прилеп и Велес.

По пристигнувањето на 200 илјади вакцини од „Синофарм“, министерот за здравство Венко Филипче, најави дека се очекува да пристигнат и други големи количества на вакцини и тоа уште 600.000 од Кина и 26.000 од „Фајзер“, а засега неизвесно е пристигнувањето на вакцините на „Астра Зенека“. Досега во Северна Македонија се вакцинирани 61.600 граѓани.