1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија ја трасираат соработката

16 февруари 2018

Бугарскиот претседател Румен Радев во Скопје ќе се сретне со државно-политичкиот врв на Македонија, а значајни средби ќе остварат и претставници на БПЦ и МПЦ

https://p.dw.com/p/2smjy
Bulgarien Rumen Radew
Фотографија: BGNES

Политичарите, бизнисмените, владиците, и генерално, граѓаните на двете земји, очекуваат   да се зајакне и унапреди соработката меѓу Македонија и Бугарија  и како исклучително значајна ја оценуваат посетата на бугарскиот претседател Румен Радев кој денеска пристигнува во Македонија со бројна делегација. 

„Македонија и Бугарија покрај заедничкото минато, покажаа дека можат да имаат и заедничка иднина. Двете земји отсекогаш биле пријателски, а Бугарија ќе продолжи да ѝ помага на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО“, изјави Радев во интервју за бугарската агенција БГНЕС, пред дводневната посета на Македонија, на покана на македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој денеска ќе го пречека гостинот со највисоки државни почести.

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Да заживее Договорот

Освен со Иванов, Радев ќе има средби со премиерот Заев и со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Клучни теми на разговорите ќе бидат спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, поддршката на Бугарија за европската и евроатлантската интеграција на Македонија, мерките за зајакнување на трговската, економска, културна и образовна соработка, како и заеднички проекти за инфраструктурно поврзување.

„Ние веќе покажеме, а тоа е исклучително важно, дека самите можеме да ги решиме проблемите. Прашањето е како да се материјализираат сите овие клучни точки во Договорот за добрососедство“, вели Радев.

Повеќе на темата: 

Македонија и Бугарија: Минатото како скришно писмо

Ковачев: БПЦ да ја прифати подадената рака од МПЦ

Тој се осврнува и на разговорите меѓу Грција и Македонија за решавање на спорот за името, но со став дека е неопходно да се најде решение кое нема да влијае и на интересите на Бугарија.

„Јас верувам дека овој спор ќе биде решен на таков начин што нема да влијае на интересите на ниту една од овие три држави. За нас тоа значи, во името да нема географски одредници кои содржат делови од територијата на Бугарија. Затоа ќе бидеме во контакт со македонските власти за да се изнајде решение на најдобар можен начин“, порача бугарскиот претседател.

Претседателот Радев, како што објавуваат бугарските медиуми, денеска ќе положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“, а утре ќе учествува на форум со стопанските комори на двете земји. Агендата на Радев вклучува и разговори со лидерите на парламентарните партии во Македонија. Во делегацијата што ја предводи бугарскиот претседател доаѓаат и претставници на извршната, законодавната и локалната власт, на бугарските стопански комори и на БПЦ.

Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Постои можност за заедничко сослужување меѓу МПЦ и БПЦФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Меѓуцрковна соработка

Интересот на јавноста посебно го привлекува доаѓањето на двајцата владици - пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан, што е резултат на поканата на Радев и претставници на БПЦ да бидат во делегацијата.

„Силно верувам дека претставниците на свештенството на МПЦ и на БПЦ ја сфаќаат својата одговорност и мудро ќе дејствуваат“, изјави Радев, во контекст од одлуката на Синодот на БПЦ да го разгледа барањето да биде мајка црква на МПЦ-ОА. Посетата на двајцата митрополити се смета за значајна, особено што старозагорскиот митрополит Кипријан е претседател на Синодската архиерејска комисија за преговори со МПЦ.

Според извори од МПЦ-ОА, двајцата митрополити ќе присуствуваат на ручекот на бугарскиот претседател со премиерот Заев, на кој се поканети и македонските владици Климент и Иларион. На вечерата, пак, кај претседателот Иванов, покрај бугарските владици ќе присуствуваат поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и владиката Петар.

Една недела пред доаѓањето на бугарските владици, струмичкиот митрополит Наум во интервју за БГНЕС повика на заедничка литургија со БПЦ.

„Деновиве испративме писмо до неговата светост патријархот Неофит со братски повик за заедничко служење на светата литургија (...) Ако двете цркви заедно не служат света литургија, тогаш каков и да има договор меѓу нив или еднострани дејствија тие нема да имаат смисла, ниту содржина“, изјави владиката Наум.

Сѐ уште не е договорено дали и кога би започнало заедничкото сослужување, но се очекува по посетата на претставниците на БПЦ - таа можност да стане поизвесна.