1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Славата на „Битлси“ не темнее

17 август 2010

„Битлманијата“ повторно доживува бум. Еуфоријата за четворицата музичари од Ливерпул низ целиот свет е како вулкан, кратко пред неговата ерупција, пишува весникот „Ди Цајт“.

https://p.dw.com/p/Oooo
Славната четворкаФотографија: AP

Половина век по легендарниот настап на „Битлси“ во Хамбург, овој месец се испланирани безброј доделувања на награди, концерти, фестивали, изложби и повторни средби. На бината, по радијата и телевизиите исто како тогаш ќе чуете "All Together Now" („Сега сите заедно“), барем во Германија. Англичаните уште пред три години го прославија формирањето на бендот. Но, историски не е спорна само јубилејната година. Ливерпул, Лондон и Хамбург се расправаат за културното наследство.

Продадени рекордни 1,4 милијарди плочи


Deutschland Geschichte Beatles Platz in Hamburg
Фигурите на членовите на "The Beatles", на истоимениот плоштад во ХамбургФотографија: AP

Обожувателите од тоа време сега се постари, некои се веќе пензионери. Денешната младина го доживува тоа време во музеите и чула за „битлманијата“ само од раскажувањата: Џон Ленон, Пол Мекартни, Џорџ Харисон и Ринго Стар влегоа во музичката историја како „Фаб Фор“. „Битлсите“ до денес имаат продадено повеќе од 1,4 милијарди плочи, најмногу од сите досега. Тие беа општествени револуционери, ги кршеа музичките конвенции, беа бунтовници против државниот авторитет, и самите станаа авторитет.

Нивниот успех започна на Репербан во Хамбург. Во ова неуредно, непријатно милје - согласни се историчарите - „Битлси“ стартуваа. Вечерта на 17 август 1960 година бендот свиреше во хамбуршкиот клуб „Индра“. Уште пред тоа тие го беа промениле името на групата, и од "The Silver Beatles" станаа "The Beatles".

Автор: „Ди Цајт“

Превод: Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска