1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слики од македонската изложба

27 април 2019

Единствениот гигантски чекор на оваа Влада се договорите со Бугарија и Грција, ако ги стави на спореден колосек пред вториот круг и се плетка со гаснење на огнот со „пораката е примена“, ќе го изгуби најважниот наратив

https://p.dw.com/p/3HUOT
Nord-Mazedonien Wahlplakate vor der Präsidentenwahl in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Извонредниот политички мислител, Бугаринот Иван Крастев, пред месец и половина пишувајќи за неизвесноста и исчекувањата од круцијалните европски избори, го рече ова:  „На демократијата ѝ е потребна драма. Изборите се форма на тераписка сесија во која гласачите се конфронтирани со нивните најлоши стравови – нова војна, демографски колапс, економска криза, еколошки хорор – но тие стануваат убедени дека имаат моќ да го избегнат уништувањето“. Оваа куса екпликација за значењето на изборите во една демократија, на свој начин ја почувствуваме минатата недела кога во една ноќна изборна драма многумина се соочија со своите стравови. Политичките лидери за своите функции, функционерите околу нив за можната загуба на местата, бизнисмените за евентуално загубените пари, политичките активисти за залудноста на нивната потрошена енергија и труд, обичните граѓани за непознатото продолжување на неизвесноста. Всушност, во сите тие стравови на некој начин лежеше убавината на пресудата на македонските гласачи за која малкумина беа подготвени.

Многу анализи се направија – некои погрешни, некои површни, некои партиски и идеолошки пристрасни, некои многу прецизни, некои пророчки, некои смирени, некои катастрофични – сите заедно од машината за мелење продуцираа една сместа која е горчлива за политичарите и која е големо предупредување дека ослободениот електорат сега ја има и слободната мисла и слободната волја за одлучување. Неколку клучни факти можат да се извлечат од оваа македонска изложба.

Потценување на Преспанскиот договор

Прво, ако ја претставиме подготовката за изборите, кампањата и самото гласање како „Слики од изложба“ на Модест Мусоргски, може да најдеме извонредни асоцијации за промената на состојбата на македонското општество. Многу аналитичари кои се блиски до владиниот или опозицискиот табор се трудеа казната за СДСМ и Стево Пендаровски да ја толкуваат најмногу со неисполнетите изборни ветувања, непотизмот, млаката, речиси никаква борба со корупцијата и потклекнувањето на правната држава. И дека Преспанскиот договор бил во задните тераси на свеста при одлуката на граѓаните да останат дома или оние што излегоа на избирачките места како со брич да ја поделат на идеални делови наклонетоста кон првите двајца кандидати. По многу нешта тоа не е вистинската перцепција, затоа што електоратот го става во графата на некаква повладлива маса која се импресионира најмногу од непотистичките ајдутлуци. Тоа на свој начин ги потценува стравовите на голем број граѓани кои во себе чувствуваат дека Преспанскиот договор, колку и да е важен за државата, носи една неправедност на која ќе ѝ треба подолго време да се навикнат.

Nord-Mazedonien Alexis Tsipras mit dem mazedonischen Kollegen Zoran Zaev in Skopje
Зоран Заев со грчкиот премиер Алексис ЦипрасФотографија: Regierung Nord-Mazedonien

Преспанскиот договор е како „Променадата“ на Мусоргски, со која почнува оваа свита за пијано од десет парчиња на различни теми и се појавува уште четири пати понатаму во разни варијации за време на прошетката на изложбата на сликите на Виктор Хартман. Објаснувањата дека преполовената поддршка за Стево Пендаровски во однос на оние гласови за Преспанскиот договор на референдумот значи дека граѓаните подзаборавиле за договорот за „Северна“ едноставно се гребење по површината. Точно, за Преспанскиот договор гласаа 600 илјади граѓани во септември, но сето она што подоцна се случуваше со неговата имплементација, уставните измени, законот за амнестија се длабоко поврзани со свеченоста во Нивице. На неправедноста закотвена во свеста на многу граѓани се накалапи како тутун и неправедноста на правдата поттикната од политичките математики за бројки во Собранието. Селективното помирување донесе уште една доза разочарување дека некому може да му бидат простени криминалните постапки заради политички опортунитет. Тоа е многу посуштински од приказните за несфталивите непотистички авантури на пратеници, министри, градоначалници, директори, локални функционери. 

Скопје не е Македонија (иако познатиот наратив е дека оној што ги добива изборите таму ја добива и државата), па затоа разликата меѓу Гордана Силјановска- Давкова и Стево Пендаровски во неговите десет општини е само шестотини гласа за вмровската кандидатка. Фактот дека источниот дел од Македонија на изборната мапа е речиси целосно обоен во црвено (кој вмровските штапски офицери го означуваат како почеток на промената на власта) во најголема мера е поврзан со Преспанскиот договор и законот за јазиците. Позната вистина е дека истокот има поинаква патриотска, па дури и пренагласена национална супстанца, и дека тој секогаш поинаку реагирал во однос на темите за кои граѓаните мислат дека го загрозуваат националното ткиво. И дека поради хомогената национална македонска структура реагира многу поинаку отколку етнички мешаните Скопје или Тетово, на пример. Се разбира, бесмислено би било да се тврди дека лошите економски резлутати, непотизмот и кронизмот не се дел од перцепцијата за работата на оваа Влада. Тие играа многу важна улога во драматичното намалување на поддршката на СДСМ, а преку него и за Пендаровски. Но Зоран Заев и Стево Пендаровски ќе направат круцијална грешка во последната недела на кампањата ако нивното пледоаје се сведе само на првите инстинктивни реакции како „пораката е примена“. Единствениот гигантски чекор на оваа Влада се договорите со Бугарија и Грција и доколку нив ги стават на спореден колосек и се занимаваат со гаснење на огнот што знаеја дека ќе избие (затоа што не сакаа да ги видат искрите што не можеа да се скријат), тогаш ќе го изгубат најважниот наратив од првиот ден кога дојдоа на власт – членство во НАТО и ЕУ за кое требаше да се плати „северна“ цена. Фактот дека Преспанскиот договор сепак доби мнозинство во првиот круг (мало, но сепак мнозинство) е клучот што треба љубоморно да го чува оваа владејачка гарнитура. Затоа што и гласачите се подготвени да направат жртва за него.

Како се губи наративот

Стево Пендаровски на четврточната дебата на МТВ со Гордана Силјановска-Давкова покажа дека знае на што се поставени темелите на неговата кандидатура и дека треба да го претстави вистинскиот концепт на таа визија. Тоа беше најдобриот настап на Пендаровски во дебатите, во многу нешта и поради тоа што се врати на неговите познати за новинарите експликации – да одговара брзо, јасно, прецизно и да пренесе порака. Големо прашање за него е дали комуникациските стратези во партијата ќе можат да го следат неговиот наратив или до 3 мај (кога завршува кампањата) ќе се загубат во приказните за метлата. Тогаш, во таквото заплеткување со пораки неговиот пораз ќе биде многу реален.

Nord-Mazedonien Präsidentschaftskandidat Stevo Pendarovski
Стево Пендаровски покажа дека знае на што се поставени темелите на неговата кандидатураФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Второ,  постојаните наводи на премиерот од понеделникот наваму дека ќе „заигра метлата“ и дека ќе следи реконструкција на Владата и смени на многу директори е на работ да се претвори во бесмислено повторување на една работа која требаше да ја апсолвира во два-три настапи. Тој требаше да соопшти дека ќе преземе важни чекори по изборите и потоа енергијата да ја насочи кон она на што најмногу ги потроши двете години на неговиот мандат. Опозицијата ќе може да си припише голем успех ако успее да го измести од неговиот баланс. За Заев  уште поважно е, без оглед како ќе завршат изборите, тоа што сега го најавува и да го оствари. Доколку сето тоа се сведе на евтина козметика веднаш ќе му стане јасно дека поради опортунитетот во партијата ќе биде на добар пат да ја загуби и власта.

Други колумни од авторот: 

Професорско дуо-трио

Со мала помош на Петар Богојески

Нирнберг и ненаучените лекции

Во политиката е познат примерот на поранешниот британски премиер Тони Блер и неговиот комуникациски гуру Алистер Кемпбел. Тој прво беше портпарол и шеф на кампањата на Блер, потоа стана министер за информации на Владата и според влијанието и проектирањето на политиките беше перцепиран како заменик-премиер. Но поради контроверзите со Ирачката војна во 2003 година Блер мораше да се откаже од неговата десна рака во владата за да не биде загрозена неговата позиција. За да се зачува власта на една партија и на премиерот, без оглед каде и да е, не постои милост –и најзаслужните мора да си заминат ако претставуваат баласт, пред да биде доцна за целиот кабинет. Изгледа грубо, но така е и не може да биде поинаку. Сентименталноста и пријателствата може да останат, но интересот на една структура што владее е поголем од личните односи. Со таков проблем сега се соочува Зоран Заев. Доколку се покаже нерешителен и да води сметка за старите заслуги и блиските врски, тогаш многу брзо ќе дојде времето кога тој самиот ќе мора да го напушти кабинетот во Владата. Тоа е една од клучните поуки од првиот круг на изборите, а може да биде и најважниот момент по 5 мај. И да размисли како може да ги прифати сугестиите ужасно бесмислената прослава на резултатите од првиот круг да биде во елитниот хотел „Хилтон“. Каква врска има прославата во скап хотел со пораката за едно општество за сите. Со скромноста и едноставноста кои премиерот ги гради како перцепција за себе. Апсолутно никаква, дури и навредувачка.

Мицкоски е дар за СДСМ

Трето,  консолидацијата на Христијан Мицкоски на лидерството во ВМРО-ДПМНЕ, колку и да изгледа парадоксално, во основа му одговара на СДСМ. Ако се послужиме со примерот на нивната сестринска партија од Хрватска, ХДЗ, Мицкоски повеќе инклинира кон профилот на краткорочниот лидер Томислав Карамарко, отколку кон проевропскиот и мек на зборови сегашен премиер Андреј Пленковиќ. Реториката на Мицкоски е опседната со трауми, црнила, катастрофи, режими, патриотски херојства, вмровска митоманија, тој гротескно клечи по бините и самиот се труди да направи дистинкција од европските политики. Тоа е како дар за сдсмовското лидерство, кое може да го претставува Мицкоски како човек заробен во минатото, а тие да се обидуваат да се претставуваат како европската страна на македонската паричка.

Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Христијан Мицкоски: ароганција која не привлекува, туку само одбиваФотографија: DW/Petr Stojanovski

Згора на тоа, Мицкоски со неговата ароганција на политичар кој сака да ги потценува сите други и да ги третира како неискусни бруцоши, како да е речиси пресликан политичар од времето на првата влада на Бранко Црвенковски. Ароганција која не привлекува, туку само одбива. Или успева да ги држи на купче само оние кои се одушевуваат од тоа потценување. Тоа е како парчето од „Слики од изложба“ на Мусоргски „Самуел Голденберг и Шмујле“ (богатиот и сиромашниот Евреин). Мицкоски навистина може да биде задоволен од она што го направи на овие избори (но она што го тврди – дека ова бил историски најдобриот резултат на ВМРО-ДПМНЕ е бесмислено), но е опседнат со наративот за самиот себе и за непогрешливоста за тоа што го прави. Самодовербата е многу важна за еден политичар, но тој мора да ги препознае границите до каде неа може да ја толерираат гласачите. Ако тој од ден во ден ја поместува сѐ подалеку и подалеку тогаш станува неподносливо тешко за една интроспекција. Токму тоа му се случува на Мицкоски. А особено по првиот круг. Во јавноста изгледа дека за него е незамисливо Пендаровски да победи на 5 мај. Дури и дека тоа ќе биде неприродно, па дури и против физичките закони. Во таа негова ароганција тој ја стави во втор план Силјановска-Давкова. Во изборната ноќ кога во вмровската палата се прославуваше „победата“, на професорката ѝ беше доделена улогата на некаква предгрупа на рок-концерт, а публиката едвај чекаше да се појави главната ѕвезда за да почнат френетичните скандирања. Тешко е да се поверува дека професорката по уставно право била задоволна со ваквата маргинализација, па дури и потценување, но веројатно знае во какво оро се фатила.

Nord-Mazedonien Präsidentschaftswahlen  Gordana Siljanovska Davkova
Гордана Силјановска-Давкова јавно се откажа од Ѓорге ИвановФотографија: DW/P. Stojanovski

Четврто,  говорот на Силјановска-Давкова е едно од најлошите обраќања на некој политички првенец по некои избори. „Нашите тези се тези за демократска консолидација. Нашите тези се на линија на излитената парола ’Нема правда нема мир‘, зашто правда во Македонија нема, ама сѐ уште е мирно... Јас зборувам за демократски немир, тоа ќе биде новата демократска бура... Македонија не само што е слаба држава, таа во многу елементи е пропадната држава. На Македонија ѝ е потребен радикален пресврт. Ќе му препуштам на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да ги наброи градовите кои станаа демократски бастиони а не беа минатиот пат“. Силјановска-Давкова го зборуваше ова пред многу исти луѓе кои само пред неколку години френетично ги набројуваа градовите кои партијата ги освоила по некои избори. Невнимателност? Не би се рекло. Заборавност? Уште помалку. Обид да се избрише со пеликан-гума  најблиската историја? Тоа, пак, изгледа премногу наивно. Можеби едноставно да се креира перцепција дека ако нешто не се споменува тогаш и не се случило, и дека оној што ја градеше палатата каде што таа го држеше говорот како и да не постоел.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Во обидот да се дистанцира од сите што може да ѝ наштетат за вториот круг професорката речиси и да се откажа и од колегата за кого два пати ставаше потписи за неговата кандидатура и кој во февруари како претседател на државата ѝ правеше друштво на прошетката по Охрид по вмровската конвенција. Таа во четвртокот изјави: „За разлика од претседателот Ѓорге Иванов... јас 100 проценти ќе работам по свое. Иванов не секогаш постапуваше како претседател на граѓаните. Имаше силно политичко влијание, но во вториот мандат беше целосно анулиран и маргинализиран“. Партијата чијшто кандидат е сега во два наврати ги впрегнуваше сите можни и неможни лостови на моќта да биде избран Ѓорге Иванов за претседател, а таа сега грубо, плашејќи се да не ѝ наштети, јавно се откажа од него. Што мислат за ова оние баталјони луѓе кои во месеците пред 27 април одеа на аџилак пред неговата резиденција барајќи тој да помогне да не се избере новата влада. Можеби Гордана Силјановска-Давкова заборавила дека тие се нејзини можни гласачи, можеби сега задоцнето разбира оти Иванов бил доверлив аѓутант на Никола Груевски, можеби сака едноставно да се ослободи од сѐ што може да ѝ претставува товар за нејзината цел... Можеби тоа е чист макијавелизам... Можеби партијата сега сака да го отфрли него како непотребен приврзок... Можеби ова, можеби она. Претпоставуваме дека таа знае. А ако не знае тогаш веројатно ќе излезат проблеми во нејзиниот обид да извлече нови гласови од резервоарот на оние што не излегоа. Но по оваа изјава едно е појасно за нејзината кандидатура, што отприлика може да се објасни вака  – јас го следам сопствениот интерес, па макар порано сум мислела и сум работела поинаку.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар