1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смеата строго забранета

Керстин Книп/сн14 јануари 2015

Многу арапски сатиричари ја исмеваат и критикуваат состојбата во нивните татковини. Но поради тоа живеат во опасност бидејќи на властодржците не им е до смеа. Особено не на сопствена сметка

https://p.dw.com/p/1EJrU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во скечот се прикажува следната ситуација: борец на Исламска држава се вози во такси и агресивно бара од такаситот да го исклучи радиото бидејќи „тоа го немало за време на пророкот Мухамед“. Потоа исто го бара и за клима уредот. На крајот таксистот ќе се изнервира, ќе го исфрли патникот од таксито со објаснување дека таков вид на превоз немало за време на пророкот па поради тоа не може да се вози на тој начин.

Не ја чепкај верата, кралот, моралот

Овој скеч беше пуштен на либанска телевизија во сатиричната емисија „Ктир Салбе шоу“. Со тоа авторот на скечот себеси се доведе во опасност. Бидејќи Исламска држава (ИД) баш и не е на глас дека поседува посебно истенчен смисол за хумор. И нејзините борци се сосема блиску до Либан кој некогаш уживаше епитет на „најлиберална арапска земја“. „Исламска држава не го застапува вистинскиот ислам и поради тоа ја исмејуваме и покажуваме дека се спротиставуваме на екстремизмот“, вели авторот и продуцент на емисијата Набил Асаф. Инаку, хуморот со политичка заднина тешко се пробива во јавноста во арапските земји. Многу од оние кои во државите на Блискиот исток го водат главниот збор не поседуваат смисол за хумор. Посебно не на сопствена сметка. Тоа на своја кожа го почувствуваа и новинарите на мароканскиот неделник „Нихане“ кои уште во 2006. се осмелија да издадат број посветен на мароканскиот хумор. Бидејќи, Мароканците сакаат хумор, тој е присутен во секојдневието. Но хуморот единствено не смее да се печати бидејќи со тоа издавачите го доведуваат во опасност кршењето на законот кој забранува „навредување на верата“ и содржини кои ги „кршат обичаите и моралот“ во земјата. Во овие две категории можат да се класифицираат речиси сите содржини така што „Нихане“ прво доби тримесечна забрана за објавување. Но весникот го преживеа тоа благодарејќи на популарноста. Но не преживеа кога во 2009. објави едно испитување на јавното мислење за мароканскиот крал по што сите рекламни огласувачи од страв ги повлекоа своите платени огласи.

Marokko Verbotenes Cover Magazin Nichane 2006
Забранетиот магазин Нихане во МарокоФотографија: Abdelhak Senna/AFP/Getty Images

Карикатурист со скршени прсти

Уште полошо помина сирискиот карикатурист Али Фарзат. Нему „непознати сторители“ пред три години му ги скршија прстите по објавување на неговата карикатура како претседателот Башар ал Асад стопира покрај улица додека наидува автомобил со либискиот претседател Гадафи кој бега од бесниот народ. Двата примера покажуваат дека они кои посегаат по сатира во арапскиот свет се изложени на гневот како на верските така и на секуларните сили кои не се дораснати ни на најмала критика на сопствена сметка: тие се плашат од потсмев и хумор кој ги разголува пред јавноста. Кривичното дело „навреда“ или „повреда на честа“ е омилен инструмент за тргање на непријатните сатиричари од очите на јавноста. Затоа во работното секодневие на карикатуристите и сатиричарите кои живеат во арапските земји припаѓа и вечен страв од прогон. „Опасноста дека на погрешни луѓе ќе им се замерите е секогаш присутна“, вели за ТВ станицата Ал Џазира суданскиот карикатурист Калид Алибиах.

Syrischer Karikaturist Ali Farzat
Сирискиот карикатурист Али ФарзатФотографија: picture-alliance/dpa/Louai Beshara

Цензура и автоцензура

Во арапските земји со повеќепартиски систем сатиричарите освен тоа се изложени на опасност да се најдат меѓу два огна кои ги бранат своите позиции. „Проблемот е дека секогаш ве ставаат на една страна: ако ја критикувам Владата ме обвинуваат дека работам за Муслимански браќа. Ако ја критикувам опозицијата веднаш сум поборник на режимот. При тоа се противам на насилство, без разлика од која страна доаѓа“, вели за ДВ египетската карикатиристка Доа ал Адл. Карикатуристите во целиот арапски свет се изложени на различни форми на притисок што се однесува и на нивната секојдневна работа. „Не е едноставно да се нацрта карикатура кој ги задоволува сите нивоа на цензура, како онаа која доаѓа од сопствената глава и онаа која ја спроведува власта“, вели Калед Албиах. Иако тој лично тенденциите на весникот „Шарли Ебдо“ ги смета за расистички, се залага за апсолутна слобода на мислењето и го обвинува бруталниот напад на редакцијата на парискиот весник. Но од тоа е сатирата во арапскиот свет одалечена светлосни години.