1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Сомнежите за Јакимовски распослани на 1.553 квадратни метри?

19 март 2019

Неофицијално, сомнежите се поврзани со легализирање и продажбата на државно земјиште од 1.533 м2 за 11.000 евра. Истото подоцна било продадено за 600.000. За овој случај СДСМ реагирал во 2017 година

https://p.dw.com/p/3FII3
Mazedonien Karpos Stadtteil Skopje Stevco Jakimovski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешниот градоначалник на општина Карпош и актуелен лидер на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, и осум други лица утрово се приведени по налог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Обвинителството бара притвор за Јакимовски и за уште двајца вработени во општината кои биле раководители на оддели за ескпропријација и за урбанизам, а мерки на претпазливост за другите шест лица - бизнисмени, најголемиот дел од градежниот сектор. Сите треба да бидат сослушани од судија на претходна постапка во Кривичниот суд.

Јакимовски и општинските раководители се сомничат за незаконска легализација на времени објекти кои биле на државно земјиште, односно за настаната штета во износ на разликата меѓу реалната и цената на продажбата. Неофицијално, станува збор за зделка во која земјиштето заедно со објектите кај поранешниот ресторан „Имес“ биле легализирани, а потоа продадени за речиси трипати повисока цена на позната градежна компанија.

Случај од 2017?

Дали станува збор за случај, за кој СДСМ обвини уште во 2017 година? Од обвинителството засега нема официјален одговор, но најверојатно станува збор за случајот за кој пред две години јавно постави прашања Душко Весковски од СДСМ. Тој тогаш го праша Јакимовски  - како општината отуѓила државно градежно земјиште со вкупна површина од 1.533 м2 за само 11 илјади евра на друштво за производство, трговија и услуги, а потоа го продадала на градежна компанија по цена од околу 600 илјади евра?

Она што тогаш создаде сомнеж, е фактот што посоченото друштво за производство, трговија и услуги имаше идентично име со партијата на Јакимовски. Но, според тогашни изјави за медиумите, сопственикот тврдеше дека неговата фирма на никаков начин не е поврзана со Јакимовски и дека е основана уште во 2003 година.

Од општината тогаш објаснуваа дека ниската цена од 11 илјади евра за земјиштето била поради фактот што се работело за плац кој бил под објектот што фирмата го стопанисувала долги години, а потоа го откупила и објектот за 180 илјади евра. 

Три пријави за Јакимовски

Ова не е прва истрага за Јакимовски. Во август минатата година, тој беше приведен и му беа изречени мерки на претпазливост откако Обвинителство соопшти дека тој и четворица негови соработници се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување во три постапки - две за демонтажа на општински бараки и еден за плоштадот во населбата Жданец.

„Ниту сме ја злоупотребиле службената функција, ниту имало организиран криминал, ниту некој нешто украл, ниту некој нешто однел дома. Општинските бараки се таму, плоштадот е таму и навистина нема смисла што се малтретираат моите колеги за работа што нема никаква врска со корупција и уште помалку со организиран криминал“, рече тогаш Јакимовски.

Според обвинителството тие го оштетиле буџетот на општината Карпош за вкупно 36.634.675 денари, овозможувајќи им да се стекнат со противправна имотна корист на правните лица Алконпроект во износ од 33.789.441 денари и С.М. Компани во износ од 2.845.234 денари.

Лани во август и Финансиската полиција поднесе кривична пријава против Јакимовски и уште две лица од градежни фирми, товарејќи ги за бесправно градење.