1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радев најавува нова политика кон Скопје

ДТЗ
27 октомври 2021

Бугарскиот претседател најавува нова политика кон Скопје. Во иднина во фокусот на ветото ќе бидат Бугарите во С. Македонија и заштитата на нивните права и запирање на јазикот на омразата.

https://p.dw.com/p/42FX9
Slowenien | Westbalkan-Gipfel
Фотографија: Government of RNM

Северна Македонија не може да започне преговори за влез во ЕУ и Бугарија нема да попушти сè додека не се реши прашањето за правата на Бугарите, што е европска вредност. Ова е пораката којашто ја испрати денеска бугарскиот претседател Румен Радев на средбата со претставници на здруженијата на Бугарите во Македонија. Бугарските медиумите пренесуваат дека Радев најавил нова политика кон Скопје, со која Софија го префрла фокусот од историјата на правата на Бугарите во Северна Македонија. 

„Ова е еден од категоричните услови Бугарија ги постави“, вели Радев, додавајќи дека вистината за репресиите на УДБА мора да се знаат и мора да се знае генезата на процесот на дебугаризација. „Бугарија не води политика против РСМ, ние сме најпријателските земји. Зошто РСМ веќе 4 години не ги менува текстовите во учебниците, зошто се поттикнува омразата кон Бугарија? Од македонските државници не добивам рационален одговор на овие прашања“, прашува Радев, додавајќи дека желбата на Бугарија е интегрирање на државите во ЕУ, а не на проблемите. 

Нова политика 

Бугарскиот претседател во средата во својот кабинет во Софија ги прими претставниците на организациите на македонските Бугари и на партијата Граѓанска демократска унија. Во соопштението од неговиот кабинет се наведува дека ова е прва ваква посета на Софија. Тој посочи дека Бугарија отсега во голема мера ќе се води од волјата и желбите на организациите на Бугарите во РСМ како национален идентитет и историска меморија.  

Belgien | Bilaterales Treffen Zoran Zaev und Rumen Radev
Радев вели дека Бугарија отсега во голема мера ќе се води од волјата и желбите на организациите на Бугарите во РСМ како национален идентитет и историска меморија. Фотографија: Government North Macedonia

На средбата Радев рекол дека проблемот со Договорот е во историски спорови. „Правата на вас, живите Бугари, не се појавуваат во овие спорови. Ова го споделувам со европските лидери. Кога почнав да зборувам за Копенхашките критериуми и кршењето на човековите права на Бугарите, тоа го разбраа европските лидери. Кога вие што живеете таму и велите дека ви се прекршени правата, тогаш ова е веќе предизвик за ЕУ, која мора да ги заштити граѓаните на ЕУ“, додаде Радев и истакна дека фокусот на ветото се ​​Бугарите во Северна Македонија и заштитата на нивните права и запирање на јазикот на омразата. 

Претставниците на здруженијата на Бугарите во Северна Македонија – политичката партија Граѓанско-демократски сојуз (ГДС), здруженијата Центар за култура „Иван Михаилов“-Битола, „Трибуна“-Прилеп, Македонско бугарско пријателство-Скопје, „Коридор 8“-Скопје, „Интеракција“-Охрид, „Единство“-Кочани истакнале дека ова е историска средба и историски момент. „Сите овде ќе ги браниме нашите бугарски традиции, никогаш нема да отстапиме од нив. Бугарите во Република Северна Македонија имаат право на самоопределување“, ја пренесува БГНЕС изјавата на новинарот и публицист, Владимир Перев. 

Критики за Договорот за добрососедство 

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова, која заедно со претседателот Румен Радев имаше средба во Софија со претставници на бугарските организации во Македонија, изјави дека е убедена оти Договорот за добрососедство не е добар документ. Премногу е општ, рамковен и не се спроведува.

„Само една година откако претседателот Румен Радев го постави прашањето за правата на македонските Бугари на европска маса, ова прашање доби поинаков карактер. Ми се чини дека нашата земја изгуби многу време потпирајќи се само на историски факти кои се далечни и неразбирливи за нашите европски партнери“, вели Јотова, како што пренесе бугарската новинска агенција „Фокус“.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Комисија игра танго – еден чекор напред, два чекори назад. Научниците не можат да носат политички одлуки и оваа одговорност не може да се пренесе на нив, критикува Јотова. Фотографија: Government of North Macedonia

Според неа, последната политичка влада не го отворила прашањето за правата на Бугарите во Македонија, потпирајќи се само на она што е поврзано со историските факти и со Договорот за добрососедство. Таа вели дека историската комисија, која беше формирана меѓу двете земји од дипломати и историчари, е нефункционална бидејќи нема право да носи политички одлуки.

„Тогашните две влади на двете земји избегнаа политичка одговорност и сè им препуштија на научниците. До денес оваа Комисија не функционира во практика и не најде ниту едно решение. Оваа Комисија игра танго – еден чекор напред, два чекори назад. Научниците не можат да носат политички одлуки и оваа одговорност не може да се пренесе на нив“, рече таа. Според Јотова, Радев, кој бил под жесток притисок на претседателот на Европската комисија, комесарот за проширување, претседател на Советот на Европската Унија, успеал да го врати бугарскиот интерес на европска маса.