1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

За два месеци 42 деца со пост-ковид компликации

Даниела Трпчевска-Зафировска
10 март 2021

Вирусот најчесто удира на стомакот, бубрезите, мозокот и срцето кај децата, вели за ДВ директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, д-р Аспазија Софијанова.

https://p.dw.com/p/3qPay
Северна Македонија Аспазија Софијанова Коронавирус
Аспазија Софијанова, директор на Клиниката за детски болестиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ковид-19 се почесто предизвикува здравствени проблеми и кај децата. Иако првично се мислеше дека тие полесно го пребродуваат вирусот, искуството на медициските лица коишто се во првите редови во борбата со Ковид-19, покажува дека вирусот може да предизвика сериозни оштетувања на одредени органи кај најмладите. Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, д-р Аспазија Софијанова вели дека само за два месеци со соочиле со пост-ковид компликации кај 42 деца коишто го прележале вирусот.
Децата реагираат на ковид на најразлични начини. На почетокот сметавме дека вирусот е безопасен за нив, но се повеќе гледаме дека тој може да направи огромна штета на одредени органи во детското тело. Тие немаат можеби симптоми како возрасните - висока температура и кашлица, но кај децата се појавуваат пост-ковид компликации кои можат да бидат многу сериозни“, вели директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, д-р Аспазија Софијанова за ДВ. 

-повеќе на темата: Ковид кај децата: „Ќерка ми не можеше да стане од кревет, пиштеше од главоболки“

Голем дел од децата се асимптоматски за време на вирусот, но тоа не значи дека Ковид-19 не остава последици врз нивното здравје. Вирусот најчесто удира на стомакот, бубрезите, мозокот и срцето кај децата. Предизвикува нарушувања и проблеми при функционирањето на бубрезите и срцето. „Последиците допрва ќе се откриваат“, вели Софијанова.

Symbolbilder Kinder mit Mundschutzmasken
Вирусот предизвикува нарушувања и проблеми при функционирањето на бубрезите и срцето кај децатаФотографија: picture-alliance/abaca/A. Marechal

Таа укажува дека изминатиов период имало десетина деца кај кои се појавиле проблеми со слепото црево, па голем дел од нив морале да бидат оперирани. Последиците од вирусот коишто го разоруваат детското тело, според лекарите, се причина повеќе да се посвети посебно внимание на децата заразени со Ковид-19. 

Компликации има, но нема случаи со смртен исход

Според Министерството за здравство, во Иститутот за белодробни заболувања кај деца во Козле во моментов има 26 пациенти. Според податоците на Институтот за јавно здравје објавени пред неколку дена, најмалку заразени има кај децата до 9 години (1,7%), додека во групата деца и тинејџери од 10-19 години биле 5,2% од вкупниот број тестирани.
Иако и светските, но и домашните искуства покажуваат дека децата релативно полесно го поднесуваат и пребродуваат вирусот, сепак не се исклучок ниту случаите каде Ковид-19 се појавува во сета своја разорна моќ и остава големи последици врз здравјето на децата. 
Во мај минатата година десетмечното бебе во тешка и многу комплицирана здравствена состојба беше донесено на Клиниката за детски болести во Скопје. Бебето коешто имаше швајцарско државјанство со специјален авион беше пренесено во Швајцарија каде што по два дена почина. Швајцарските здравствени власти на прес-конференција информираа за прва смрт на дете со Ковид (заразено во странство) и укажаа дека починало од можни компликации од инфекција на коронавирус. Позитивна на вирусот беше и неговата баба, кај којашто бебето било оставено на чување. 

-повеќе на темата: Децата - „скриени“ преносители на коронавирус

Софијанова вели дека во светот има случаи на Ковид-19 кај деца, коишто завршиле со фатални последици. Во С. Македонија имало посериозни случаи со компликации предивикани од короноавирусот, но за среќа нема случаи со смртен исход. 
Многу симптоми на Ковид-19 се слични со симптомите на грип, настинка и други состојби, па затоа е потребен тест за да се потврди дали некој има коронавиус. Симптомите може да се појават 2 до 14 дена по изложеноста на вирусот и може да варираат од многу лесна до тешка болест. Некои кои се заразени или биле заразени немаат никакви симптоми. Најчести симптоми се температура, кашлица и замор. Други симптоми може да вклучат губење здив, болка или притисок во градите, болки во мускулите или телото, главоболка, губење осет за вкус или мирис, конфузија, воспаление на грлото, затнатост или течење на носот, дијареја, гадење и повраќање, болки во стомакот и осип на кожата. Покрај овие симптоми, доенчињата може да имаат тешкотии со цицањето. Децата на секоја возраст може да се разболат од Ковид-19. 
„Затоа да не ги занемаруваме децата, бидејќи и кај нив последиците по здравјето можат да бидат многу сериозни“, апелира Софијанова, повторувајќи дека мерките за заштита, задолжителното носење маска, редовното миење на рацете и избегнувањето на групирања, мора да се почитуваат за да се заштитат најмладите.