1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СПД- една несреќна партија

Сабине Кинкарц
22 јануари 2018

Германските Социјалдемократи ќе преговараат со Демохристијаните за формирање влада. Но задоволен со ова не е никој. Зашто исклучително тесната одлука на партискиот конгрес претставува катастрофа за партиското раководство

https://p.dw.com/p/2rGuo
Außerordentlicher SPD-Parteitag SPD-Fraktionsvorsitzende im Bundestag Andrea Nahles und SPD-Parteivorsitzender Martin Schulz
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Секој што сака да знае како ѝ оди на СПД мора да фрли поглед кон Мартин Шулц. Лидерот на партијата е само уште сенка од самиот себеси . Помалку од еден час траеше неговиот говор на вонредниот партиски конгрес во Бон. Еден час за време на кој не се изроди ниту оптимизам ниту ентузијазам. Ниту кај Шулц, а ниту кај околу 600 делегати на конгресот. Шулц е притиснат до ѕид. Човекот, кој пред само една година настапи како носител на надеж за СПД, кој ги доведе Социјалдемократите во една долго невидена еуфорија, дури и во занес, е потресен, изгледа сосема немоќно.

Сосема различно е со Јусос (младинската организација на СПД) , која со нивниот „бунт на џуџиња" - како што се потсмеваа некои партиски функционери - безусловно сака да спречи нова голема владина коалиција. Во Бон младите социјалдемократи покажаа колку партиски другари веќе имаат на своја страна. Околу 44 насто од делегатите гласаа „не", а само 56 отсто ја следеа препораката на раководството на партијата. За  Јусос и противниците на големата коалиција ова ќе биде поттик  во наредните недели да се влијае врз расположението во базата. Конечно, 450.000 партиски членови, на крајот, треба да гласаат за коалицискиот договор, за кој СПД сега ќе преговара со партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ). 

Повеќе на темата:

-Германија: Социјалдемократите на крстопат

-СПД е ставена на клучна проба

-Германија: Мора да се постигне согласност за влада

Речиси нерешлива дилема

За партијата, а особено за нејзиното раководство, тоа не ветува ништо добро. Веќе сега постои длабок раскол во СПД - и тој натамошно ќе се продлабочи во блиска иднина. Постојат спротиставени фронтови, кои имаат многу различни ставови. Двете страни имаат добри аргументи. Но, двете страни, исто така, застапуваат и високи ризици. Повторна влада со партиите на Унијата може на крајот СПД да ја направи исто толку слаба, колку што, од друга страна, би можела да биде и по евентуални нови избори. Вистинско решение за партијата нема . И тоа ја втурнува СПД во речиси нерешлива дилема.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц

Дали Мартин Шулц може да ја извлече СПД од оваа досега дефинитивно најдлабока криза во нејзината историја е дискутабилно. Тоа попрво би можело да го направи Андреа Налес. На вонредниот партиски конгрес во Бон, претседателката на пратеничката група на СПД во Бундестагот, во секој случај, ги покажа токму страста, силата и волјата кои Шулц залудно ги бараше. Она што таа го кажа и како го кажа тоа, ги одушеви делегатите . И кој знае, можеби со нејзиното ветување дека ќе се „преговара додека не заквичи", таа краткорочно на своја страна ги привлече дури и скептиците?

Избор меѓу чума и колера

А меѓу делегатите имаше скептици колку сакаш. Оние кои се против нова голема коалиција по правило се уверени и имаат цврсто утврдено мислење. Но, во принцип, големата коалиција во СПД е толку неомилена што веројатно нема никој кој со чиста совест и без никакви недоумици би гласал за неа . Секој што вели „да" го прави тоа само затоа што смета дека „не" е уште полош избор. И за членовите на СПД на крајот тоа веројатно ќе биде избор помеѓу чума и колера.

Но, кој сака да раководи со една толку поделена партија ? Партија во која, згора на тоа недовербата на базата кон раководство има попримено речиси гротескни форми. „Оние таму долу" наспроти „оние таму горе" - тоа е вториот фронт што се провлекува низ партијата. Како оваа СПД планира уште и да го мотивира граѓанинот да гласа за неа?

Социјалдемократите, кои во изминатите години мораа да претрпат многу порази, сега мора да се пазат. Тие сѐ уште се „само" несреќни. Ако не успеат да направат пресврт, обнова, тие би можеле да станат толку непривлечни во очите на гласачите, така што СПД на крајот ќе потоне во безначајност.

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ