1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спор околу историски учебник за Сталин

Елина Ибрагимова
29 јули 2017

Дали репресиите од ерата на Сталин се тема која е „штетна по здравјето“ на руските ученици? Суд во Перм расправа околу еден историски учебник, напишан од професор по историја.

https://p.dw.com/p/2hEI0
Russland, Schulbuch mit Stalin-Porträt
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Ilnitsky

Часовите по историја за репресиите спроведувани за време на Сталин им штетат на учениците, сметаат руските власти. Повод за дискусиите е учебникот напишан од професорот по историја Андреј Суслов, кој предава на Државниот универзитет за општествени и педагошки науки во Перм. Руската надзорна служба во областа на комуникациите делото на Суслов го ставила на листата на книги кои се „штетни по здравјето на децата“.

Во разговор за Дојче веле, Суслов објаснува дека учебникот, заедно со една колешка, го напишал во 2015. година. Тој е издаден од руската некомерцијална организација „Центар за политичко образование и човекови права“, а е наменет за ученици од погорните класови и може да најде примена и надвор од наставата. Учебникот е еден вид помагало кое на „професорите и учениците им нуди увид во историјата на сталинизмот и неговите последици,“ истакнува Суслов. Во книгата се препорачуваат екскурзии до местата поврзани со политички репресии.

За време на промоцијата на книгата, министерката за образование на регионот Перм понудила прирачникот да биде објавен на веб-страницата на Министерството, што било и направено. Но, откако контролорите ја класифицирале книгата како „здравствено штетна за деца“, таа веднаш исчезнала од веб-страницата. Исто така, државниот обвинител побарал „Центарот за образование и човекови права“ на својата веб-страница да ја означи книгата со укажување на старосна граница „18+“. Суслов и Центарот одговориле со поднесување жалба против контролната служба пред Општинскиот суд во Перм.

„Перење мозоци во интерес на странски спонзори“

Суслов вели дека против книгата кренале бура активисти на сталинистичкото движење „Битие на времето“, испраќајќи протестни писма со различни служби. Во летото 2016. година извесен Дмитриј Усун ги ополномоштил експертите акредитирани во Руската надзорна служба, Роскомнадсор, да извршат вештачење на учебникот. Суслов претпоставува дека Усун е поврзан со движењето „Битие на времето“. Експертите дошле до заклучок дека „учебникот поттикнува општествено непријателство и контрадржавно мислење.“

Павел Гурјанов од месната секција на „Битие на времето“ во Перм истакнува во разговор со Дојче веле дека ја поздравува одлуката на Роскомнадсор. „'Центарот за политичко образование и човекови права' користи вакви наставни средства само како параван за идеолошко и политичко перење мозоци на децата во Перм, во интерес на странски спонзори на оваа организација“, вели тој.  

„Станува збор за преседан“

Авторот на учебникот, Суслов, напротив се жали дека објавеното вештачење од страна на експертите на Роскомнадсор му штети во морален поглед. Тој инсистира службата да ја повлече својата оценка од официјалната веб-страница. „Луѓето од 'Битот на времето' можат да се повикаат на неа  и да тврдат дека 'Центарот за политичко образование и човекови права' има функција на странски агент кој наштетува на шсихата на децата“, образложува Суслов. Општествените организации во Русија можат да бидат класифицирани како „странски агенти“ ако добиваат средства од странство. Суслов мисли дека Роскомнадсор воопшто не ја проверил компетентноста на ангажираните експерти за вештачење. „Овде е направен преседан - на ваков начин сѐ може да добие етикета 'штетно по здравјето на децата'“, потенцира Суслов.

Тој дополнува дека судот дозволил во процесот да биде приложена оценката на московската експертска организација „Лабораторија за применета лингвистика“, ангажирана од тужителите. Во неа се вели дека Роскомнадсор ги пречекорил своите компетенции, а вештачењето е базирано на сопствени претстави за историска вистина.

Активистите за човекови права ги критикуваат властите

Според Александар Вершовскиј, раководител на московскиот центар за човекови права „Сова“, нејсно е зошто воопшто Роскомнадсор се вмешал во спорот, со оглед што неговата надлежност е ограничена на медиумски надзор. „А конкретно станува збор за прашање од областа на педагогијата. За него треба да одлучува Министерството за образование“, вели тој.

Дека постојат книги кои се штетни за децата, за Ирина Шчербакова од меѓународната организација за човекови права „Мемориал“, е неспорно, но тоа не важи за учебникот напишан од Суслов. „Наштетуваат книги кои шират идеолошки митови и лаги“, истакнува таа. „Разубавување на ерата на Сталин“, е многу опасно, убедена е таа. На таков начин би се создал впечаток дека е дозволено насилство против луѓето во секаква форма.