1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србите чекаат со спакувани куфери

Драгослав Дедовиќ
13 март 2019

Масовното движење на српскиот хуман капитал кон Запад за владата истовремено е проклетство и благослов. Зошто три млади медицински сестри од Лесковац заминуваат во Германија и вртат грб на Србија?

https://p.dw.com/p/3EvNO
Symbolbild Familie Koffer Reise Auswanderer Immigranten
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Целата смена од овдешната итна медицинска помош беше кај мене на курс по германски јазик. Сега сите се во Германија“, вели Филип, раководител на школа за странски јазици во српскиот град Лесковац. Ја основал пред десет години. На почеток најбаран бил англискиот јазик, сега е германскиот. Филип не сака да биде фотографиран, типична реакција во српската провинција. Мнозинството луѓе не сака да се замерува, се избегнува сѐ што макар приближно може да се сфати како критика кон владата. Дури и тогаш, кога само се наведуваат факти.

Младите луѓе ги пакуваат куферите

Неговите три ученички по германски јазик зад себе веќе го имаат курсот Б1 за негуватели. Сите три се со образование за медицински сестри и наскоро ќе заминат во Германија. Јована и Ангелина веќе имаат потпишани работни договори со клиниките Асклепиос во Хамбург. Мирјана својот нов живот ќе го започне во Тибинген, ќе работи во Универзитетската клиника.

Serbien Auswanderung nach Deutschland
Најбарани во Лесковац - курсевите по германски јазикФотографија: Dragoslav Dedovic

Тие радо се фотографираат, стравот дека некој нешто ќе им замери, одамна го немаат. Начисто се со себе, веќе седат на спакувани куфери. 24-годишната Јована својот чекор го образложува со несоборлив аргумент: „Овде нема работа за мене, се селам поради работно место“.

Мрачно секојдневие во „српскиот Манчестер“

Тоа „овде“ значи осиромашениот Лесковац, град кого го бие глас дека тука се подготвува најдобрата скара на Балкан. Некогашните славни времиња на полет врз база на текстилната и фармацевтската индустрија одамна се  минато. Никој сега не го нарекува градот како порано, „српски Манчестер“. Општината броеше околу 100.000 жители, сега се намалени на под 70.000.

Јована досега трипати била во Германија. Пробната работа во Берлин и во Хамбург ѝ се допаднала, работодавачите биле задоволни. „Таму сфатив дека работата во Германија и во Србија речиси нема разлики. Но, таму се поделени негата и работата на медицинска сестра, бројот пациенти за опслужување е ограничен, што не е случај во Србија, каде медицинска сестра истовремено е и негувателка. Таа може дури да опслужува цел спрат на една болница.“

„Се плаќаат дури и прекувремените часови...“

Дури и ваквата напорна работа за 19-одишната Ангелина останува недостижна: „Мојата сосетка беше чистачка во болница. Заврши брз курс, па по преквалификацијата сега работи како медицинска сестра“, вели таа, кревајќи ги рамењата. Нејзината насмевка делува беспомошно. 26-годишната Мирјана потврдува со серизоне израз на лицето: „Во мојата земја за жал, не се цени образовната квалификација. Луѓето добиваат работа според други критериуми, затоа својата иднина ја гледам во Германија“.

Јована истакнува дека во Германија се ценат квалификациите, а работата е добро платена.

Serbien Auswanderung nach Deutschland
Јована, Ангелина и Мирјана заминуваат во ГерманијаФотографија: Dragoslav Dedovic

„Дури и прекувремените часови се плаќаат, тука спаѓа и билет за градски превоз. Постои кантина, помош при барањето стан, кон тоа да се додаде и двомесечниот платен курс по германски јазик.“

Сите три млади жени едногласно ја фалат коректноста на посредничката фирма за работа од Келн, како и првите искуства со своите идни работодавачи.

Експертска комисија против масовниот егзодус

Просечната плата во Србија е речиси 400 евра. Официјалната невработеност изнесува околу 12 проценти. Некои експерти сепак предупредуваат – да нема иселување, невработеноста би пораснала преку 20 проценти. Кај младите луѓе во потрага по работа, стапката на невработеност е преку 30 проценти. Масовното движење на српскиот хуман капитал кон Запад за владата истовремено е приклетство и благослов. Таа може да се пофали со пад на невработеноста. Но, реалноста полека притиска. Министерството за труд неодамна најави формирање Експертска комисија чија цел е да излезе со предлози за прекин на иселувањето.

На Јована, Ангелина и Мирјана, тоа сега им е сеедно. Сите три, и приватно, се насочени кон Германија, не размислуваат за враќање. Подоцна, во својата новоизбрана татковина планираат основање семејства. Родителите не им се посебно среќни, но согледуваат – Србија постепено се развива во ќорсокак за младите кои бараат работа, не само за обучените медицинари. 

Повеќе:

Србија: издуваниот балкански тигар

Сонот на младите- остани дома и заработувај повеќе

Статистиката - далеку поубава од реалноста на економијата на Србија

Проблемот со иселувањето последните години стана енормен, не е нов. Уште во социјалистичката ера на Тито, Југославија проблемот со невработеноста го решаваше преку извоз на работна сила. Потоа дојдоа војни и времиња на повеќе лошо отколку вистински деократско консолидирање. Србија во овие децении загуби до еден милион луѓе. За земја со околу седум милиони жители, тоа е растечки проблем. Бројот на население се намалува годишно за приближно 35.000 луѓе. Така погледнато, Србија е на врвна позиција во светот.

Кој останува овде?“

Јована ги изнесува маките на својата генерација со констатацијата: „Со нашето заминување, Србија претрпува големи загуби. Добро квалификуваните луѓе ѝ го вртат грбот на земјата. Само од моето опкружување заминаа еден куп луѓе, не само млади. Понекогаш си одат цели семејства, луѓе и со дваесетгодишно работно искуство.“

Според една годишна анкета на Регионалниот совет за соработка, кој опфаќа 13 држави во Југоисточна Европа, дури 32 проценти од анкетираните граѓани на Србија во 2018 година изјавиле дека размислуваат околу напуштање на земјата. Тоа е повеќе отколку во другите земји од Западен Балкан.

Професорот по германски јазик Филип од Лесковац, не може да крене глава од работа. Без оглед што трајниот егзодус на сограѓаните му обезбедува добра конјунктура, сепак засилено го мачи прашањето: „Ако сите заминат во Германија, кој ќе ме згрижува медицински мене и моите деца овде?“