1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

С. Македонија ќе добие 8.000 вакцини од Србија

ДТЗ /ДВ
18 јануари 2021

Премиерот Зоран Заев оцени дека станува збор за сериозен чин на пријателство. Вакцините ќе бидат платени по набавна цена

https://p.dw.com/p/3o5Eo
Bildkombo Alexksander Vucic (l) Zoran Zaev (r)
Фотографија: imago/Pixsell, Picture alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Србија и нуди помош на Северна Македонија со цел што поскоро да започне вакцинацијата во земјата против Ковид-19. Според најавите, С. Македонија ќе добие 8.000 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“. Премиерот Зоран Заев оцеи дека станува збор за сериозен чин на пријателство и најави дека вакцините ќе бидат платени по набавна цена. На овој начин се очекува да се пополни вакуум просторот до февруарската пратка на вакцини коишто треба да пристигнат во земјата, преку директна набавка од производителот „Фајзер“.

Чин на пријателство

Македонскиот премиер Зоран Заев денеска информираше дека му се јавил српскиот претседател Александар Вучиќ кој одговорил на македонските барања до соседните земји за првична помош додека пристигнат дозите што се нарачани преку механизмот Ковакс и договорените со „Фајзер“. Во Србија вакцинацијата започна на 24 декември и досега кај соседната земја во оптек се вакцините на „Фајзер/ Бионтек“, руската „Спутник“, а пред неколку дена пристигнаа и милион дози од кинеската вакцина. 
„Понудената помош од Србија, преку претседателот Вучиќ, ја прифативме. Утрово разговаравме, а деталите ќе ги договориме во текот на денот. Се работи за околу 8.000 вакцини од ‘Фајзер’, а за другите треба да ги потврдат преку договорите што ги имаат дали е можно да ги дадат. Јас сум многу благодарен од името на македонскиот народ до Србија и до српскиот народ за овој чин на пријателство“, вели Заев. 

-повеќе на темата: Коронавирус: Со 2,4 милиони дози вакцини до колективен имунитет

Тој додаде дека Вучиќ понудил да ги донираат вакцините. „Ние сме благодарни за тоа, но ние како земја имаме пари, ќе си платиме, по што тој кажа дека ќе ни ги даде по набавна цена. Следуваат деталите меѓу министрите за здравство, а јас денеска ќе имам уште еден разговор со премиерката Ана Брнабиќ за деталите, транспортот, регистрацијата... Првите вакцини се за нашите херои, здравствените работници од ковид-центрите“, изјави Заев пред Граѓанскиот суд во Скопје, по рочиштето на кое го тужи за клевета новинарот Зоран Божиновски.

-повеќе на темата: Ковид-19: Повеќе вакцини за ЕУ – на пролет 

Србија треба да добие нови 19.500 дози од вакцината на „Фајзер/Бионтек“, а утре уште 250.000 од „Спутник“. Во саботата во Србија пристигнаа милион дози од кинеската вакцина, и токму со таа вакцина најави дека ќе се вакцинира и Вучиќ, за да докаже дека е безбедна. Според најавите на надлежните, во Северна Македонија во февруари треба да пристигнат 5 850 вакцини од „Фајзер“ во февруари, кои се дел од договорот за набавка на 800.000 дози за 400.000 граѓани, како и други дози преку механизмот Ковакс.

ЕУ е себична

Бугарија и Грција неодамна ветија дека ќе издвојат дел од вакцините коишто ќе ги добијат од ЕУ, како помош за Северна Македонија. „Станува збор за гест со чисто срце без задкулисни намери“, порача минатата година бугарскиот премиер Бојко Борисов, откако бугарските власти информираа дека од секоја набавка на вакцини против Ковид-19 ќе одвојуваат дел и за С. Македонија.

Deutschland | Coronavirus | Impfstoff
Бугарија и Грција неодамна ветија, но не испратија дел од вакцините коишто ги добија од ЕУ, како помош за Северна МакедонијаФотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов, тогаш најави дека целта на оваа одлука е постигнување солидарност во услови на излегување од кризата, која ја предизвика пандемијата. „Имаме можност за препродажба и донирање на вакцини против Ковид-19. Во таа смисла, по покривањето на националните потреби и потпишувањето на соодветните спогодби, ќе обезбедиме вакцини за граѓаните на Република Северна Македонија“, порача Ангелов. Бугарија првите дози на вакцините ги доби на 26 декември, но помошта за С.Македонија изостана.  

-повеќе на темата: Бугарија со „чисто срце“ ќе донира дел од вакцините за Северна Македонија 

Неколку месеци по најавата, земјата остана речиси единствена во регионот којашто се уште нема добиено вакцини за справување со опасниот Ковид-19.

Албанскиот премиер Еди Рама денеска го повтори ставот дека Европската Унија е себична кога се во прашање вакцините против Ковид-19, откако Француската амбасада во Тирана реагираше на неговите обвинувања за земјите членки на ЕУ. „Во ТВ интервју, Еди Рама, албанскиот премиер, јасно ги обвини членките на ЕУ дека се себични и цинични. Амбасадата потсетува дека секоја година ЕУ е најголем донатор на Албанија со над 100 милиони евра во различни сектори“, се вели во реакцијата на Француската амбасада. Станува збор за интервјуто на Рама за „Топ Ченел“, во кое кажа и дека Бугарија ѝ ветила на Македонија 100 вакцини, но и тие не ги испорачала, одговарајќи на критиките дека Албанија добила само 1.000 дози.
Рама ѝ одговори на Француската амбасада на Твитер, велејќи дека не нападнал ниту еден сојузник, најмалку Франција, и дека ја цени помошта од ЕУ, но дека останува на ставот дека одлуките на земјите членки на ЕУ се себични. Рама повтори дека нема оправдување за изоставувањето на земјите од регионот од дистрибуцијата на вакцини.

-повеќе на темата: 2 милиони починати од Ковид-19: Гутереш ја критикува „несолидарноста“ при вакцинацијата

„Јас зборував за конкретен молк во конкретна ситуација, во врска со вакцината и не се откажувам од тоа што го кажав. Нема оправдување за изоставувањето на земјите од регионот од дистрибуцијата на вакцините против Ковид-19“, вели Рама. Во делот од интервјуто, каде што беше прашан за Македонија, Рама рече: „Македонија уште нема почнато со вакцинацијата. Требаше да почне, но не почна и тоа не е по вина на Македонија. Бугарија вети дека ќе им даде 100 вакцини, но сè уште ги нема дадено, бидејќи ако им ги дадеше, тие ќе ги искористеа“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема