1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Србија - Косово: Историските амбиции на Трамп

Ивица Петровиќ
3 септември 2020

Делегациите на Србија и на Косово заминуваат во Вашингтон на средба во Белата куќа во организација на американската администрација. Српскиот претседател Александар Вучиќ, вели дека очекува „нови идеи“ и „изненадувања“.

https://p.dw.com/p/3hu41
Nord-Mazedonien Aleksandar Vucic PK
Фотографија: picture-alliance/AP Images/B. Grdanoski

Долго најавуваната средба на делегациите од Белград и Приштина најпосле би требало да се одржи во петок на 4 септември, со можно присуство и на американскиот претседател Доналд Трамп. По веќе едно откажување договорен е нов датум и веќе сега може да се каже дека станува збор за состанок околу кој во јавноста протекоа неверојатен број различни информации.

Додека околу бриселските средби нема премногу мистерија, претстојните вашингтонски разговори се следени со целосно различни очекувања од двете страни. Приштина американските средби ги претставува како случување на кои ќе следи меѓусебно признавање, додека Белград упорно се обидува да ги демантира таквите очекувања. Дека Америка можеби и се обидува навистина да понуди некое „конечно“ решение за проблемите на Косово смета и дел од српската опозиција, која тврди оти Вучиќ им ветил на страниците дека ќе потпише за независност на Косово, но оти тоа сепак не смее да го направи.

Прогнозите на претседателот на Србија се дека во Вашингтон можат да се очекуваат некои нови идеи, но и изненадувања, за Душан Јањиќ од Форумот за етнички односи, имаат основа пред сѐ поради фактот оти сѐ ќе се случува во Белата куќа. „Оваа иницијатива и започна од Доналд Трамп, кој во своите писма до Тачи и до Вучиќ покажа историски амбиции да се реши овој проблем. Сето тоа говори за силна политичка димензија на средбата. За Трамп сигурно тоа ќе биде можност поради неговиот начин на комуникација да каже дека тоа, како договорот меѓу Израел и Емиратите, е историско случување, оти се преминало во фаза на мир, и дека е постигнат голем успех, но и тоа не е ништо ново кога станува збор за сегашната американска администрација и американскиот претседател“, објаснува Јањиќ.

Deutschland Berlin | Video-Gipfeltreffen zum Westbalkan-Konflikt
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bundesregierung/S. Kugler

Меѓусебното признавање (не) е тема

Српската страна за време на изминатите денови предупреди дека во јавноста многу често се слуша оти во Америка ќе се разговара за меѓусебно признавање, и тоа повеќепати е демантирано од врвот на српската власт. Би можело да се каже дека тоа е некој вид притисок врз албанската страна на преговарачкиот процес, некои тоа гледаат и како провокација, бидејќи како што истакнува премиерот на Косово, Авдулах Хоти, „на кој било состанок кој сум го имал или ќе го имам со претставниците на Србија, взаемното признавање е единствена тема“.

Повеќе:

-Вучиќ и Хоти првпат очи во очи

-„Позициите на Белград и Приштина уште се оддалечени“

-Србија и Косово - нов почеток или стара приказна?

„Заемното признавање е навистина американска политика и тоа сме го слушнале веќе многу пати. Тоа е став и на некои дргуги западни земји кои го признаа Косово - и тие би сакале Србија да им го олесни проблемот со меѓусебното признавање со Косово“, вели Јањиќ.

Наим Лео Бешири, директор на Институтот за европски работи, забележува дека ни Белград во таа смисла не бил секогаш доследен. „Белград зборуваше оти нема да има политички дијалог туку дека само се преговара за технички решенија. Ќе се сложиме оти техничките решенија се завршени во 2013 година со потпишување на Бриселскиот договор. Оттогаш сме во политички дијалог и постојано всушност зборуваме за модалитетите на директно или индиректно признавање“, вели Бешири.

Тивок дипломатски конфликт

Американските средби повторно го изнесоа во преден план тивкиот дипломатски конфликт меѓу САД и Европската унија околу косовскиот процес. Американската администрација се обидува да ја преземе иницијативата и можните ловорики во случај да постигне некој поголем успех во тој процес. Соговорниците на ДВ проценуваат дека ЕУ е на некој начин самата виновна за тековната американска офанзива:
„Во времето на Федерика Могерини, ЕУ дозволи овие разговори воопшто да не се одржуваат, а од 2016 година тие само се фингираат. Скоро 20 месеци немавме ниту една средба меѓу двете страни, имавме казнени царини што го прекинаа најважниот пробив од Бриселскиот договор - слободата на трговијата. Ричард Гренел и одржа лекција на ЕУ како можат да се решаваат проблемите, неговата методологија се покажа како поуспешна, а ЕУ и Мирослав Лајчак покажаа дека не научиле ништо од лошото искуство на Могерини “, истакна Душан Јањиќ.

Слично размислува и Наим Лео Бешири:  „Неспособноста на Федерика Могерини, всушност на Советот на ЕУ, да го забрза дијалогот меѓу Белград и Приштина, создаде вакуум што го искористија САД. За Брисел ќе биде тешко ако САД успеат да одвојат и имплементираат драстично поголема сума пари. Автопатот Ниш-Приштина, Берлинскиот процес го вети уште пред шест години. Значи, бавната европска бирократија во комбинација со неспособна локална администрација и корупцијата на високо ниво спречува остварување наа договореното и сите го губат трпението. Сепак, и покрај сè, мислам дека на Србија поприроден партнер во решавањето на политичкиот проблем и` е ЕУ “, заклучува директорот на Институтот за европски прашања.