1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба на Меркел и Путин во драматичен момент

Емили Шервин
11 јануари 2020

Германската канцеларка Меркел денеска оди на разговори со рускиот претседател Путин во Москва. Средбата е од големо значење со оглед на состојбата на Блискиот Исток.

https://p.dw.com/p/3W26q
Paris Ukraine-Gipfel Merkel Putin
Фотографија: Reuters/C. Platiau

Посетата на германската канцеларка се реализира во драматичен момент. Само во текот на оваа недела САД и Иран се напаѓаа меѓусебно на ирачка територија, Иран го напушти Атомскиот договор, а Турција испрати војници во Либија - доволна причина за рускиот претседател Владимир Путин да ја покани во Кремљ германската канцеларка Ангела Меркел. Најгоре на списокот со теми - конфликтот помеѓу Иран и САД, но ќе се разговара и за состојбите во и околу Либија, Сирија и Украина.

Иако Германија и Русија традиционало имаат блиски трговски односи и Меркел е шеф на западна влада кој често бил на гости во Москва, руските постапки во кризата со Украина и пред се’ анексијата на Крим тешко ги оптоварија односите на двете земји. Политикологот Александер Баунов од московскиот центар Карнеги, сепак верува дека Украина веќе „не е толку токсична“ за руско-германските односи како што беше некогаш. Знак на политичко одмрзнување беше последниот напредок во решавањето на украинскиот конфликт во мандат на новиот украински претседател Володимир Зеленски.

Обединети поради Трамп

Украинската криза можеби ги оддалечи Меркел и Путин, но „едностраните и непресметливи акции на САД“ ги зближија, оценува Баунов за ДВ. Притоа, московскиот политиколог ги наведува американските санкции против гасоводот Северен тек 2 и контроверзната одлука на американскиот претседател Трамп за убиство на иранскиот генерал Касем Сулејмани.

Руското Министерство за надворешни работи убиството го оцени како „безобѕирно“, а портпаролот на германското МНР, Рајнер Бројл изјави: „Во моментов немаме информации кои би ни овозможиле да сфатиме какво е - според меѓународното право - образложението на САД за нападот.“ Ваквата формулација значеше јасно дистанцирање.

Руските набљудувачи укажуваат дека по убиството на иранскиот генерал, Меркел и Путин имаат заедничка цел за спречување на натамошна ескалација. Рускиот експерт за Блиски и Среден Исток, Андреј Онтиков, оценува: „Русија сака да спречи натамошни, уште покрвави последици на Средниот Исток.“ Онтиков е уверен дека Германија и други европски држави би можеле да придонесат за деескалација, па оттука „Русија, се разбира, би морала својата политика да ја усогласува со другите, па и со Европа“.

Повеќе:

Меркел и Путин: Стари, добри противници

Меркел и Путин меѓу недоверба и приближување

Путин би можел да се обиде својата средба со Меркел да ја претстави како показател за обединет фронт со Германија и Русија како посредници, а во Берлин се размислува како да се искористи влијанието на Путин на Блискиот и Средниот Исток. Руското влијание во регионот е зголемено од 2015 година, кога Русија директно се вмеша во војната. Заедно со Иран руската армија му даде поддршка на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Тој се смета за гаранција на натамошно руско влијание во регионот. Во политиката за Сирија, Путин тесно соработуваше и со турскиот претседател Ердоган.

Политичарот на Зелените, Омид Нурипур, за ДВ изјави: „Путин се однесува како да има влијание. Тогаш, се надевам дека Сојузната канцеларка ќе го натера да ги увери Иранците да не преземаат никакви мерки на одмазда.“

Кремљ постојано се обидува да ги привлече на своја страна Германија и остатокот од ЕУ, додека во истовреме ги претставува САД како недоверлив партнер, особено откако Трамп минатата година крена раце од Атомскиот договор со Иран. И Германија и Русија оттогаш се обидуваат да го спасат договорот, дури и откако Иран во неделата соопшти дека го напушта.