1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Српска „љубов“ кон Русија

Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска 17 октомври 2014

Шестчасовната посета на Владимир Путин е завршена. Соговoрниците на ДВ сметаат дека се докажало оти Србија е давеник кој мора да се фаќа за сламките спас и од Истокот и од Западот. Очекуваат и студена реакција од ЕУ.

https://p.dw.com/p/1DWwi
Фотографија: AFP/Getty Images/Andrej Isakovic

Белграѓани за почеток малку ќе се одморат од секојдневните прелетувања на борбените авиони, кои се подготвуваа за воена парада. Следува собирање на впечатоците и анализа на значењето на посетата, но јасно е дека економските теми беа на прв план. Претседателот на српската влада Александар Вучиќ сметаше дека треба да истакне дека Србија сака во ЕУ, и дека од тоа нема да отстапи, а Владимир Путин, како што тврдат некои аналитичари „многу пријателски избегнал да го коментира тоа, за да не и направи дополнителни проблеми на Србија“. Во таа прилика Вучиќ исто така порача дека „оваа влада нема да воведува никакви санкции кон Русија“.

Сламка за давеникот

Како спектакуларен успех наведено е ветувањето на рускиот претседател дека ќе ја разгледа можноста за одреден увоз автомобили „Фиат“ од Крагујевац во Русија. Социологот Јово Бакиќ за ДВ вели дека најавените „одредени поместувања на економски план се секако добра вест за Србија. Во економската ситуација во која е Србија денес би требало да се поздрави секој напредок во економската соработка со различни држави“. Бакиќ вели дека и политичките пораки биле детерминирани од стопанството во Србија. „Србија е давеник кој се фаќа за сламка и едноставно мора да балансира меѓу ЕУ фактот дека не може да преживее без соработката со Русија во областа на енергетиката. Тука Брисел мора да ја уважи фактичката состојба“.

Putin in Belgrad mit Nikolic 16.10.2014
Путин и Николиќ во БелградФотографија: Reuters/Marko Djurica

Осврнувајќи се на воената парада и посетата на Путин на Белград, Миљенко Дерета од Граѓанските иницијативи за ДВ го изнесува, својот, како што вели, „приватен впечаток“ - дека на Путин му било многу здодевно: „Како на моменти да се прашуваше што правам јас овде и зошто сум овде, да гледам авиони како за мене изведуват нешто што можам да го гледам кога сакам дома. Пумпањето на значењето на целиот настан ќе се покаже како контрапродуктивно, зашто посетата не ги даде оние резултати и апсолутната поддршка што ја очекувавме. Проблемот е што ние прецизно не знаеме какви се очекувањата на Србија од Русија. Ние како да не знаеме да ги дефинираме своите очекувања, што очекуваме да добиеме, и што нудиме за возврат и притоа да преговараме со политички аргументи; можеби ние ги немаме сите информации, но останува таков впечаток за некој кој тоа го посматра од страна“.

Непостојана русофилија во Србија

Овациите, скандирање на пароли „Путине Србине“ и емотивниот говор на Томислав Николиќ не се за изненадување. Русофилијата е длабоко вкоренета во Србија, наведува Јово Бакиќ, но дополнува: „Таа не е секогаш постојана. Ќе ве потсетам дека во 2001 година саму осум отсто од граѓаните на Србија беа за поблиски врски со Русија. Тоа ни говори дека односите се менуваат, но во одредени ситуации кога и на Србија и на Русија им одговораат поблиски пријателски односи, тогаш се повлекуваaт емотивни врски. Со тоа не мислам дека русофилството кај Србите е богзнае колку длабоко, а и ако има такво русофилство, стравувам дека во добар дел е условено од поддршката која ЕУ им ја дава на албанските, хрватските и другите несрпски национализми. Српскиот национализам е толку тепан по глава, додека другите национализми во соседството беа поттикнувани, така што Србија веќе не знае на што да се надева кога е во прашање Европската унија“.

Русофилијата во Србија пред сѐ се заснова на митовите од минатото, смета Миљенко Дерета. „Друга работа е што патиме од комплекс на повисока вредност. Тоа значи ако сме браќа со Русите тогаш нашето мало семејство има 300 милиони. Ако не сме браќа со Русите тогаш не има само седум милиони, а тоа навистина не е е многу и не е важно во светската политика“.

Militärparade in Belgrad 16.10.2014
Воена парада во БелградФотографија: Reuters/Marko Djurica

Календарот на Путин

Во пресрет на посетата на рускиот претседател, се слушнаа шеговити забелешки дека поместувањето на воената парада од 20. на 16. октомври е доказ дека во Србија е на сила Календарот на Путин. Миљенко Дерета вели дека прилагодувањето кон Путин би требало „да нѐ освести колкави сме, какви сме, и до која мера можеме да влијаме дури и на одбележувањето на сопствените празници и големи датуми. Србија со тоа ќе мора да се врати во сегашноста и да се прилагоди на тие брзи промени, бидејќи она што се‘ може да се случи меѓу Западот и Русија, дури после оваа посета можеби повеќе од порано, може да постави некои нови барања пред Србија на кои таа ќе мора да одговори веднаш, а не за пет или дваесет години“.

Едно од прашањата кое често можеше да се слушне по посетата на Владимир Путин беше каква ќе биде реакцијата на Западот, и дали по ова Србија ќе биде поблиска до Русија или и понатаму до ЕУ. „Западните партнери на Србија во секој случај би требало да внимаваат на некои интереси на Србија, колку и Србија да била мала и неважна, таа сепак не е најмала земја на Балканот“, вели Јово Бакиќ. Миљенко Дерета очекува само студена и бирократска реакција на ЕУ. „Очекувам дека тие само ќе потсетат дека е тоа добро за Србија, и дека таа има право на тоа, но и дека Србија со тек на времето ќе мора да ја усогласи својата надворешна политика“, напоменува Дерета.